fbpx

Тест Škoda Karoq FL Sportline: Високи цели за новиот чешки бестселер

По лансирањето во Европа во 2017 година чешкиот кросовер Škoda Karoq, доживеа огромна популарност кај купувачите. Поради тоа, чешката марка се одлучи да подготви сериозно освежување за својот нов SUV адут на пазарот. Така, пред околу 7 месеци на македонскиот пазар ни пристигна и редизајнираната верзија која својата премиера ја дочека пред околу една година. Моделот се покажа успешен за компанијата, па за време на пазарниот век на теренецот беа продадени повеќе од половина милион примероци, со што Karoq се најде на листата на бестселери на Škoda, веднаш под неприкосновената Octavia.

SUV и кросовер манијата ја обзеде Европа во последните години, а чешкиот производител Škoda не ја испушти шансата да ги следи трендовите на Стариот континент. И тоа се покажа како полн погодок за марката од Млада Болеслав. Во SUV поставата на Škoda, Karoq ја држи веројатно најдобрата позиција, бидејќи е сместен помеѓу поголемиот Kodiaq и помалиот Kamiq, па оние кои сакаат совршен баланс имаат за избор модел кој не е ниту преголем, ниту прекомпактен. Благодарение на тоа, Karoq го има најголемиот удел во SUV продажбата на Škoda. Рецептот е мошне едноставен – Karoq е автомобил кој нуди доволно голема пространост, добро изработен ентериер и широка палета на погони меѓу кои купувачите можат да избираат. Кога на тоа ќе се додаде и Sportline нивото на опременост, верзијата која ние ја имавме на тест, која плени со својот суптилен спортски шмек, тогаш се чини дека нема простор за никаква грешка.

Инстантно препознатлив

Karoq е инстантно препознатлив, благодарение на еволутивниот стилски пристап на дизајнерите. На предниот дел се наоѓаат редизајнираните двојни фарови кои сега се потенки и инкорпорираат Full LED Matrix технологија. Модифицираните предни светлосни групи се поделени на два дела, со помал блок сместен под главното осветлување. Токму ова растојание помеѓу горните и долните делови на фаровите ќе ја означи линијата на прекин на диодите што ја играат улогата на дневна светлина. Меѓу останатите промени се истакнуваат новиот браник со поширок долен отвор, воздушни завеси и новата шестоаголна решетка која е вообичаена карактеристика низ целиот опсег на Škoda.

Профилот на кросоверот делува идентично и покрај новите дизајни за тркалата со дијаметар од 17, 18 или 19 инчи. Karoq Sportline верзијата е поставена токму на најголемите, 19-инчни тркала, а сето тоа дополнително го засилува спортскиот изглед. Црниот пластичен аеро трим на некои од тркалата во комбинација со предните воздушни завеси, подвозјето, задниот спојлер и останатите елементи допринесуваат за унапредена аеродинамика од 0.30 cd. На задниот дел се наоѓаат потенките LED задни светла со поаголен пристап на површината на задниот браник.

Освежениот модел е долг 4.390 милиметри, што е за 8 милиметри повеќе од претходно. Меѓуосовинското растојание изнесува 2.638 милиметри за варијантите со погон на предните тркала, односно 2.630 милиметри за опцијата со погон на сите четири тркала.

Како да сте дома

Концептуално, новиот компактен кросовер на Škoda вози на веќе познатата MQB платформа, на која се сместени неговите технолошки близнаци Volkswagen Tiguan и Seat Ateca, со кои ја дели моторизацијата, менувачите, безбедносната електроника… Значи, се става во категорија под монструозниот Kodiaq, долг 470 сантиметри, најголемиот SUV на чешката марка досега, а со должина од 438 сантиметри, ширина 184 сантиметри и висина од 160 сантиметри, покрај компактниот изглед, како што е случајот со сите модели на Škoda, импресионира со својата цврста конструкција. Штом ја затворите вратата, се изолирате од надворешниот свет бидејќи до израз доаѓа висококвалитетната масивна изработка.

Škoda Karoq FL Sportline Тест

Се чини дека кокпитот и внатрешноста воопшто се направени од едно парче пластика, а 8-инчниот дигитален екран на допир е брилијантно интегриран. Ергономијата е фантастична бидејќи овде сè е на свое место, од прекинувачот за контрола на климата, патниот компјутер, музичкиот систем, навигацијата и темпоматот, од кои добар дел се наоѓа на воланот со убава големина. Мултимедијата се ракува логично и не бара долго време за да се навикне.

Со Škoda, сè е во деталите: потпирачи за раце, прекинувачи, прегради… секој детал во внатрешноста изгледа прецизно направен, а има и многу паметни решенија за сместување дури и литарски шишиња и ситници, како и дарежливи прегради. Она што привлекува внимание кај конкретниот модел се и спортските седишта кои се истакнуваат со својот комфор и се обвиени во новиот иновативен материјал кој Škoda го нарекува Thermoflux кој овозможува подобра перфорација во топлите денови, а истовремено овозможува силен зафат кој ќе ве држи „забетонирани“ во самото седиште без да се „шетате“ на сите страни кога ги совладувате свиоците. Целиот амбиент дополнително се истакнува благодарение на панорамскиот стаклен покрив кој го имаше нашиот тест модел.

Дел од решението „Simply Clever“, покрај чадорот под совозачкото седиште и стругалката за мраз на капакот на резервоарот, се и практичните карго елементи во багажникот. Семејниот карактер на Karoq се рефлектира токму во тој дел, бидејќи капацитетот изнесува 521 литри, а е опремен со двоен под и куки за торби кога ќе пазарите. На задната клупа има повеќе од доволно простор за двајца патници, а може да собере и тројца кои ќе патуваат со доста комфор на помали релации. Просторот за нозете и главите е повеќе од доволен и гарантира комфор при подолги патувања.

Удобен и компактен со спортски елементи

Кога станува збор за она што се наоѓа под предниот поклопец, тука се наоѓа дволитарскиот TDI агрегат со 150 КС и 340 Nm максимален вртежен момент кој се покажа како доста убедлив и жив во сите режими на возење, а од место до 100 км/ч достигнува за 8,8 секунди. Од друга страна, штедливоста е главна карактеристика за овој агрегат. Кога ја погледнавме просечната потрошувачка од околу 5,5 литри на крајот од тестот, бевме задоволни од моќноста и целокупниот потенцијал на овој дизел мотор. Со 1,5-литарскиот TDI беше споен 6-степениот рачен менувач, кој ја пренесува моќноста на предните тркала, а суспензијата на Karoq, која е прилагодена за удобност, одлично ја држи патеката на движење дури и при брзо возење, без оглед на клиренсот од 18 сантиметри. Од друга страна, подигнатото тело полесно се движи по макадамски патишта без страв дека ќе го оштети подот.

Škoda Karoq FL Sportline Тест

Karoq пред се остава впечаток на цврста возна динамика. Убедлив е во сите режими, мошне прецизен, а на моменти и спортски тврд, па така, и на оние кои се желни за адреналинско возење низ свиоците ќе им понуди ваков вид на забава. За оние кои ќе сакаат постојано да чувствуваат ваква возбуда, тука е режимот Sport кој моторот секогаш го држи во нешто повисок, но мора да се земе предвид дека не станува збор за тркачки автомобил во ниту еден сегмент и многу подобро ќе им „легне“ на прагматичните возачи. Изолацијата во кабината е на високо ниво, а тоа е претставено преку бучавата која е апсолутно прифатлива, а до некои 90 километри на час моторот воопшто и не се слуша.

Karoq е полн погодок

Може слободно да се каже Škoda како бренд е меѓу врвот кога станува збор за преференците на македонскиот пазар. Чешкиот производител има толку многу модели кои го привлекуваат вниманието на ова поднебје. Ова не треба воопшто да зачудува, ако се земе соодносот на квалитет и цена, a тестираниот Karoq само го потврдува сето тоа и уште еднаш не потсети колку е погодена неговата компактна форма, со добра и квалитетна изработка.

Патем, Škoda Karoq е сè што треба да биде еден семеен компактен SUV. Исклучително е ергономски, простран, со докажана механика, економичен и добра динамика на возење.  Овој компактен SUV првенствено е наменет за удобно возење, каде што одлично ја врши работата, а сепак ќе добиете и делумни спортски вкусови во одредени моменти. Со оглед на сето она што го нуди, особено кога се согледа конкуренцијата, Karoq е и повеќе од конкурентен играч на пазарот, а Škoda уште еднаш покажува дека високо цели (и испорачува) со својот нов бестселер.

Цената на тестираниот модел изнесува 37.270 евра

Технички карактеристики за Škoda Karoq FL Sportline 2.0 TDI EVO MT6 150:

мотор Euro VI DG, дизел, четиритактен, четири-цилиндерски, воденоладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1968 cm3
пречник и од 81 x 95.5 mm
степен на компресија 16.2:1
напојување четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбо полнач
максимална моќ 150 КС
макс. вртежен момент 340 Nm при 1.600-3000 min-1
трансмисија на предни тркала преку шест-степен мануелен менувач
потпирање напред независен Макферсонов систем, линиска оска
сопирачки напред вентилирачки дискови, позади дискови, ЕЅР, ABS
пневматици 225/40/R19
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.384 x 1.841 x 1.629 mm
меѓуоскино растојание 2.625 mm
траги (напред/назад) 1.576 x 1.541 mm
тежина 1.424-1.630kg
максимална тежина 2.005 kg
багажен капацитет 521 – 1.630 литри
резервоар 50 литри
максимална брзина 210 km/h
забрзување 0-100 km/h 8,8 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 3,6/5,5/4,3  l/100 km
емисија на CO2 113 g/km

Škoda Karoq во Македонија:

Škoda Karoq 1.5 TSI MT6 (110 kW / 150 HP) – Ambition 27.370 евра
Škoda Karoq 1.5 TSI DSG7 (110 kW / 150 HP) – Ambition 29.590 евра
Škoda Karoq 2.0 TDI EVO MT6 (85 kW / 115 HP) – Ambition 29.240 евра
Škoda Karoq 2.0 TDI EVO DSG7 (85 kW / 115 HP) – Style 35.590 евра
Škoda Karoq 2.0 TDI EVO MT6 (110 kW / 150 HP) – Style 35.440 евра
Škoda Karoq 2.0 TDI EVO 4×4 DSG7 (110 kW / 150 HP) – Style 40.150 евра

Повеќе информации во Порше Македонија на 02/ 26 26 266 или на www.skoda.mk

Конкуренти:

Nissan Qashqai oд 30.800 до 44.550 евра
Peugeot 3008 oд 35.820 до 67.590 евра
Hyundai Tuscon oд 25.500 до 46.000 евра
Seat Ateca oд 26.629 до 39.261 евра
Kia Sportage oд 26.900 до 37.900 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ.

 

Поврзани вести

Back to top button