Тест Toyota Highlander: Ефикасност проткаена со моќна индивидуалност
Јапонскиот автомобилски гигант е пионер во авто индустријата, секако „кросовер“ и SUV возилата се дел од гамата веќе со децении, а важат и за најпопуларните хибриди на пазарот. Во време кога конкуренцијата е немилосрдна, Toyota во борбата влегува со моделот Highlander кој што треба да ја потврди својата популарност од останатите пазари ширум светот и на европско тло.
Моделот Highlander е возило што всушност се продава многу, многу години, а сепак е потполно нова приказна во Европа. Пазарите во Северна Америка, Јапонија и Австралија ги имаат во понудата предходните три генерација, од кои првата беше лансирана во 2000 година. Растот на побарувачката на европските пазари на СУВ возила со 7 седишта ја убедија Toyota актуелната генерација да ја понудат на стариот континент, вклучително и на нашиот пазар, покажувајќи дека Highlander всушност станува вистински „светски автомобил“.
Балансиран израз во креирањето
Моделот Highlander во опсегот на Toyota се сместува точно на средина помеѓу RAV4 и Land Cruiser, а неговата големина и формат со 7 седишта го ставаат против слично ориентирани ривали од европско и корејско потекло во SUV сегментот. Затоа, креаторите од јапонската марка на моделот Highlander му подготвија остар надворешен изглед кој како појдовна точка го зема дизајнерскиот јазик од тековната генерација на RAV4, што на некој начин се обидува да го направи покомпактен. Но сепак, неговите габарити создаваат моќно присуство на патот што е повеќе од забележително. Најсилниот впечаток го остава предниот дел, благодарение на тенките и остро изведени светлосни единици и масивната маска на ладилникот. Страничната силуета покажува силни, мускулсести движења над тркалата, особено кога погледот се движи кон втората половина од возилото. За разлика од остатокот, обликот на задниот дел делува сосема смирено и донекаде класично, создавајќи соодветен баланс на целиот екстериер.
Комодитет од вискои размери
Позитивниот впечаток кој го остава надворешноста на Highlander се преточува во внатрешниот дел. Секако, неговата кабина е она што е најважно за семејните купувачи. Стандардниот распоред со седум седишта и пространоста на кабината е делот кој воодушевува. Поставеноста и дарежливиот габарит на предните седишта ги прави долгите релации вистинско уживање. Седиштата од вториот ред се лизгаат напред и назад, а делот за потпирање може да се подесува под агол. Подот е скоро рамен, а контролата на климата на задните седишта е стандардна во целиот опсег.
Последниот (трет) ред седишта може да прими и возрасни лица, но сепак најмладите патници ќе се чуствуваат најудобно на таа позиција. На крајот, стандардно доаѓа просторот за багаж, каде Highlander повторно импресионира, Toyota овој модел не го пласира како спортски теренец, наместо тоа ја истакнува неговата одлична практичност и конфигурабилност. Кога двата реда на задните седишта се спуштени добивате 1.909 литри товарен простор, 938 литри изнесува зафатнината кога се користат само два реда седишта, а дури и со сите три реда во функција можете да пренесете габарит од 305 литри, што е на ниво на некои хечбек модели. Во однос на квалитетот на материјалите и завршната обработка во Highlander забелешка може да најдат само најпребирливите.
Единствено со хибридна моторизација
Во Европа Highlander доаѓа со најновата итерација на докажаниот хибриден систем на Toyota кој користи ефикасен 2.5-литарски бензински мотор со природна аспирација што продуцира 190 КС и работи во тесна поврзаност со електричен мотор со 182 КС задолжен за погон на предните тркала и електрo мотор со моќност од 55 КС кој ја движи задната осовина. Вкупната моќност на хибридниот систем по сложена пресметка изнесува максимални 248 КС. Преносот е изведен преку електронски контролиран менувач со континуирана варијабилна трансмисија (CVT), додека силата се пренесува на сите тркала преку интелегентниот AWD-i систем што моментално ја менува испораката на вртежниот момент помеѓу предите и задни тркала во зависност од условите на патот.
Како дополнување се и однапред сетираните режими за возење „Eco, Normal, Sport“ кои ги менуваат карактеристиките на менувачот и работата на моторот, а тука е и копчето „EV“ кое има за цел за да ја максимизира употребата на батеријата и овозможи возење на пократки дистанци со нулата емисија на штетни гасови. Кога доаѓа ред да се споменат перформансите ќе кажеме дека забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8,3 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч. Отстапката од декларираната потрошувачка не е голема, за време на неколкудневното дружење трошевме 8,9 литри на секои 100 изминати километри, за што сметаме дека е постигнување за почит, особено ако се земе во предвид тежината на возилото кое без патници тежи речиси 2,1 тони.
Јапонската марка преку Highlander нуди одлично решение, како традиционален хибрид што е тивок, чист и ефикасен низ град, а исклучително комфорен кога со него се патува на подолги дистанци. Неговиот простран распоред со седум седишта и сериозно добро опремената кабина сигурно ќе наидат на одбрување кај големите семејства кои можат да си дозволат и малку луксуз во патувањето.
Цена на тестираниот модел: 66.990 евра
Технички спецификации за Toyota Highlander Luxury Premium 2.5 Hybrid AWD
мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 2.487 cm3 |
пречник и од | 87,50 x 103,48 mm |
степен на компресија | 14,0:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото |
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување | 190 KС (141 kW) при 6.000 min/-1 |
максимална моќ на преден електро мотор | 182 КС (132 kW) |
максимална моќ на заден електро мотор | 55 КС (40 kW) |
максимална моќ на хибриден систем | 248 КС (182 kW) |
макс. вртежен момент | 270 Nm при 3.600-5.200 min-1 |
макс. вртежен момент на преден електро мотор | 202 Nm |
макс. вртежен момент на заден електро мотор | 121 Nm |
трансмисија | на сите тркала преку E-CVT безстепена автоматски менувач |
потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 235/55 R20 |
каросерија | SUV со пет врати, седум седишта |
должина х ширина х висина | 4.966 x 1.930 x 1.755 mm |
меѓуоскино растојание | 2.850 mm |
траги (напред/назад ) | 1.659/1.662 mm |
тежина | 2.094 kg |
максимална тежина | 2.772 kg |
багажник | 305/ 938/ 1.909 литри |
резервоар | 65 литри |
максимална брзина | 180 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 8,3 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 8/ 7,2/ 7,7 l/100 km |
емисија на CO2 | 124 g/km |
Toyota Highlander во Македонија:
Toyota Highlander Executive | 55.990 евра |
Toyota Highlander Luxury Premium | 66.990 евра |
Повеќе информации на телефонскиот број 02/30 88 880 или во продажниот салон на Toyota во Скопје.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.