fbpx

Тест Volvo XC40 PHEV: Последен чекор до комплетна електрификација

Шведската марка веќе одамна обзнани како планира да ја гради својата стратегија во иднина. На водечките лица во компанијата им е јасно дека моментален премин кон градење на целосно електрични возила е практично невозможна мисија. Затоа во период од неколку години марката ги опреми сите модели во гамата со приклучна технологија (plug-in) подготвувајќи ги за следната фаза која треба да настапи за неколку години од кога Volvo ќе започне да ги менува постоечките модели со нови, целосно елетрични изведби.

Шведската марка веќе одамна обзнани како планира да ја гради својата стратегија во иднина. На водечките лица во компанијата им е јасно дека моментален премин кон градење на целосно електрични возила е практично невозможна мисија. Затоа во период од неколку години марката ги опреми сите модели во гамата со plug-in технологија подготвувајќи ги за следната фаза која треба да настапи за неколку години од кога Volvo ќе започне да ги менува постоечките модели со нови, целосно електрични изведби.

На почетокот plug-in хибридната технологија првично беше резервирана за поголемите модели на Volvo и отсуствуваше од најпопуларните понуди на марката. Новиот XC40 T5, е првиот plug-in-хибриден Volvo што го користи името Recharge, кој се приклучува кон останатите модели во комплетната транзиција на брендот кон потполна електрична иднина.

Тест Volvo XC40 Recharge

Елеганција и цврстина во полн израз

Кога за прв пат ќе пријдете кон XC40 остава впечаток на доста смирен и монолитен изглед, извајан совршено без претерани дизајнерски излети кои треба дополнително да нагласат одредени потези. Со предниот дел доминираат светлосните склопови во облик на „Чеканот на Тор“ поставени на самите краеви од предницата движејќи се до хоризонтално поставената маска со конвексен пресек, создавајќи прецизен облик кој во исто време е спортски и елегантен. Профилот делува цврсто, пред сè поради користените линии и движењето на покривот кон задниот дел кој што завршува во спојлер. За дополнување на впечатокот тука се испапчувањата над тркалата кои ja нагласуваат динамичната карактерна линија. Задниот дел на секој Volvo SUV е изведен на препознатлив и традиционален начин (впрочем XC40 не е нов модел), светлосни групи се вертикално поставени кои во случајов се трендовски инкорпорирани во обликот на каросеријата со што ја прават целосна сликата за вистински преставник на марката.

Тест Volvo XC40 Recharge

Креиран со многу вкус

Внатрешноста на XC40 е исто толку удобна и пространа како и сите модерни преставници на марката. Иако XC40 не е со најголеми габарити во класата, одлично се снаоѓа во комбинирање на модерен изглед со комфорно внатрешно пакување, притоа создавајќи одлична рамнотежа помеѓу патничкот и просторот за багаж. Така што ниту едно лице во кабината нема да се осети запоставено. Од таа причина целиот преден дел во кабината на XC40 создава чувствство многу слично како кај другите SUV возила на Volvo.  Инструментите и целиот преден панел се поставени малку поисправено и делува доста елегантно, скандинавски дизајнирано, со повертикално чувство отколку што е норма за неговите ривали. Голем дел од овој впечаток е создаден од вертикално подредените отвори за воздух и екранот за инфо забавниот систем со неговото портрет ориентирање.

Инаку, речиси сите функции на автомобилот се контролираат преку екранот на допир. Како и кај повеќето нови автомобили управувањето е полесно отколку што очекувате. Под него се поставени неколку копчиња за клучните функции како што е јачината на звукот или изборот за режими на работа. Актуелната генерација е веќе неколку години на пазарот, но внатрешноста на XC40 сè уште се чувствува свежо и изгледа прилично добро за разлика од некои негови ривали.

Дует со впечатливи способност

Намалената потрошувачка на гориво, ниските емисии на штетни гасови и можноста да се патува целосно движени од електрична енергија се клучните точки на plug-in хибридите, па затоа е добра вест што најмалото Volvo испорачува во сите горенаведени полиња. Volvo XC40 Т5 Recharge комбинира 1,5-литарски три-цилиндричен турбобензински мотор и електромотор кој силата ја црпи од батерија со капацитет од 10,7 kWh, а моќта ја пренесува кон предните тркала преку седумстепен автоматски менувач. Бензинецот испорачува 180 КС, а електромотор учествува со 82 КС за вкупна излезна моќ од 262 КС.

Постојат четири режими на возење за максимално искористување на погонскиот систем во зависност од условите на патот и потребите на возачот. Во секојдневна употреба најдобро е да се остави во хибриден режим, што впрочем се вклучува автоматски при стартување на самото возило. Избраниот мод на работа ќе одлучи кој е вистинскиот извор на енергија во вистинско време, со непречена транзиција помеѓу електро погон и моторот на внатрешно согорување.

Доколку се одлучите за Volvo XC40 T5 Recharge, a вашите дневни патувања се вклопуваат во опсегот до 40 км може да слободно да се движите без да користите капка фосилно гориво, под услов батеријата да е полна до 100%. Инаку, кога не сте во „електро мод“ просечната потрошувачка во ниту еден момент не премина 6 литри на секои 100 километри, што секако е податок кој треба да се забележи со оглед на димензиите и тежината на возилото од преку 1,7 тони, а и дека пеформансите ве „влечат“ да стискате на „гаста“. За забрзување до 100 км/ч потребно му е 7,3 секунди, а максималната брзина според најновите стандарди на марката е електронски ограничена на 180 км/ч.

Тест Volvo XC40 Recharge

Електрифицираниот XC40 претставува вистинско „lifestyle“ возило за секој што воедно преферира модерен и несекојдневен дизајн со скандинавски призвук кој се издвојува од останатите преставници во класата, моќна работна единица која освен што може да понуди доста забава зад управувачот, секогаш е подготвена да ја покаже својата еколошка страна грижејќи се максимално за животната средина.

Цена на тестираниот модел: 53.350 евра

Технички податоци за Volvo XC40 T5 Recharge Inscription

мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.477 см3
пречник и од 82,0 x 93,2 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. моќ на електромотор/
Макс. моќ на хибриден систем
180 KС (149 kW) при 5.800 min/-1
82 КС
262 КС
Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор/
Макс. вртежен момент на хибриден систем
265 Nm при 1.500 min-1/

160 Nm/

425 Nm

трансмисија на  предни тркала преку 7-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/50 R19
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.425 x 1.863 x 1.652 мм
меѓуоскино растојание 2.702 мм
траги (напред/назад) 1.601/1.626 мм
тежина 1.712 кг
максимална тежина 2.300 кг
багажен капацитет 601 литри
резервоар 48 литри
максимална брзина 180 км/ч (ел.ограничена)
забрзување 0-100 km/h 7.3 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 2.4 л/100 км
емисија на CO2 41 г/км

Повеќе информации во Премиум АГС, на официјалниот веб-сајт на Volvo во Македонија, или на тел. (02) 6159 930 

Конкуренти:
BMW X1 од 31.510 до 52.990 евра
Volkswagen Tiguan од 39.494 до 52.937 евра
Mercedes Benz GLB од 43.000 до 54.000 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button