Toyota го покажа Aygo X Hybrid кој добива и GR Sport изведба

Toyota подготви освежување за најмалиот член на поставата, моделот Aygo X, кој добива хибриден погон и GR Sport верзија

Toyota го претстави освежениот Aygo X, кој сега за првпат доаѓа со самополнечки хибриден погон, поспортски дизајн и нова GR Sport верзија. Со ова, Aygo X Hybrid станува првиот модел во А-сегментот на Европа што користи целосен хибриден систем, поставувајќи нови стандарди за ефикасност и перформанси во класата на градски автомобили.

Toyota Aygo X

Нов хибриден мотор со 114 коњски сили

Toyota конечно се збогува со стариот 1.0-литарски бензинец и го заменува со 1.5-литарски атмосферски мотор комбиниран со електромотор, за вкупна моќност од 114 КС (85 kW). Силата се пренесува на предните тркала преку е-CVT менувач, а забрзувањето од 0 до 100 km/h трае под 10 секунди.

Благодарение на новиот систем, емисијата на CO₂ е само 86 g/km, што го прави најеколошкиот не-приклучен автомобил на пазарот. Оваа ниска емисија ќе ѝ овозможи на Toyota поголема флексибилност при понудата на спортски GR модели во Европа.

Toyota Aygo X

Подобрена архитектура и проширена каросерија

Платформата GA-B, заедничка со Yaris и Yaris Cross, овозможува интеграција на новата хибридна технологија. Предниот дел е продолжен за 76 mm, а вкупната должина сега изнесува 3.776 mm, додека меѓуоскиното растојание останува непроменето на 2.430 mm.

Дизајнот е поагресивен – нови светлосни групи, голема предна решетка, редизајнирана хауба и огледала со интегрирани трепкачи. Надворешноста се надополнува со нова палета на бои, вклучувајќи ексклузивна комбинација за GR Sport.

Toyota Aygo X

Внатрешност со повеќе технологија и комфор

Внатрешноста на новиот Aygo X е тивка, модерна и одржлива. Новитети се 7-инчниот дигитален инструмент кластер, електронска рачна сопирачка, безжично полнење, две USB-C порти, и рециклирани материјали без животинско потекло. Toyota Safety Sense пакетот е надграден и поддржува OTA ажурирања.

И покрај додадената технологија, багажниот простор останува незаменет со 231 литар, благодарение на оптималното позиционирање на батериите под задните седишта и новата локација на помошната батерија.

GR Sport: спортски стил за градските улици

Премиум изведбата GR Sport носи спортски детали како што се 18-инчни алуминиумски фелни, саќе решетка, GR амблеми, и ексклузивна би-тон Mustard боја. Иако не нуди дополнителна моќност, GR Sport има ново подесување на суспензијата, амортизерите и управувањето, за повозбудливо возачко искуство.

Кога ќе биде достапен?

Продажбата на освежениот Toyota Aygo X Hybrid ќе започне кон крајот на 2025 година во Европа и Велика Британија. Цените сѐ уште не се објавени, но се очекува да бидат повисоки од претходната верзија со бензински мотор, но пониски од оние на Yaris Hybrid.

Поврзани вести

Back to top button