Во ЕУ ќе се продаваат возила само со нулта емисии од 2035
Со оглед на тоа што законодавците на ЕУ веќе се залагаат за откажување од фосилните горива во автомобилската индустрија, многу е веројатно дека повеќето автомобилски компании ќе мора да се префрлат на производство на електрични модели за нешто повеќе од една деценија.
Европскиот парламент одлучи за 100 отсто да ги намали емисиите на CO2 за сите нови возила до 2035 година, истовремено зголемувајќи ги привремените цели за намалување на емисиите. Договорот ќе резултира со згаснување на сите нови возила со мотори со внатрешно согорување кои користат бензински и дизел мотори до средината на следната деценија во Европа, вклучувајќи ги тука и хибридите и plug-in хибридите, а дозволени ќе бидат возила само со нулта емисии.
Земјите членки на ЕУ се согласија до 2030 година емисиите на CO2 да се намалат за 55 отсто за новите автомобили и за 50 отсто за новите комбиња. Потоа, до 2035 година, сите нови возила што се продаваат во Европската унија треба да имаат погонски единици со нулта емисија, со што ќе се постигне 100 проценти намалување на емисиите на CO2. Тие цели ќе бидат повторно разгледани во 2026 година, и ќе се земат ги предвид технолошките случувања во тоа време.
Производители на автомобили кои имаат помало производство како Ferrari и Lamborghini ќе бидат ослободени од привремените регулативи за намалување на емисиите, но сепак ќе мора да се усогласат со целите за нулта емисија до крајот на 2035 година.
Со цел да се подготват за претстојното зголемување на продажбата на електрични возила, сите земји-членки ќе ги ревидираат своите цели за побрзо распоредување на инфраструктурата за алтернативни горива (AFIR), вклучително и станици за полнење. Исто така, до 2030 година, Европа одлучи да ги прекине стимулациите и субвенциите за возила со нула и ниски емисии.
Посебен договор за е-горивата
Неколку дена пред да се донесе оваа одлука, пет земји-членки на ЕУ – Бугарија, Италија, Португалија, Романија и Словачка – дале алтернативен предлог за петгодишно одложување на забраната за продажба на возила со согорување. Сепак, на крајот, земјите се согласија на забраната од 2035 година и беше постигнат договор.
Првично се веруваше дека е-горивата нема да бидат исклучок од забраната за продажба, меѓутоа, Германија даде необврзувачки предлог да дозволи продажба на возила со конвенционален погон кои работат исклучиво на CO2 неутрални горива по 2035 година. Како што објави Automotive News Europe, Роберто Чинголани, италијанскиот министер за еколошка транзиција, рече дека е задоволен од предлогот на Германија. Ова може да им овозможи на производителите на автомобили да ги одржуваат живи моторите со внатрешно согорување додека се придржуваат до правилото за нулта емисии.
Како дел од ревидираниот план, Европската унија го ограничи Фондот за социјална клима на 59 милијарди евра од првично предложените 72 милијарди евра. Севкупно, пакетот „Fit for 55“ има за цел да ги намали нето емисиите за најмалку 55 проценти до 2030 година во споредба со 1990 година, пред да се постигне климатска неутралност во 2050 година.