fbpx

Volkswagen го освежи T-Roc за 2022

Германскиот производител Volkswagen го освежи и унапреди својот мал кросовер T-Roc за 2022 моделската година

T-Roc добива унапредување на изгледот на целата своја постава, а тоа го вклучува стандардниот модел, како и T-Roc R и Т-Roc Cabriolet верзиите. Најголемите промени се направени на предницата на малиот кросовер. Тоа вклучува поставување на ревидираните фарови кои се споени со светлечка лента која се протега преку решетката за моделите кои се опремени со опционалните Matrix фарови. Моделите во пониските нивоа на опременост се нудат со LED светла.

Од друга страна, Volkswagen го опреми популарниот T-Roc со вертикални магленки. Позабележителните промени продолжуваат на задниот дел каде што се наоѓаат редизајнираните задни светла кои се затемнети и опремени со нови LED светлечки потписи. Задниот браник исто така мина низ промена, а Volkswagen за купувачите ќе понуди и нови дизајни за тркалата со големина од 16 до 19 инчи.

Volkswagen T-Roc

Перформансниот T-Roc R се истакнува со уникатните предни и задни браници, црните фарови, вертикалните дневни светла, 18-инчните Jerez тркала од лесна легура, сребрените капаци за ретровизорите, спојлер на задната врата и достапен Akrapovič издувен систем.

Промени во ентериерот

Темелни промени се направени и во ентериерот. Меѓу клучните промени се меките материјали на контролната табла кои ја заменуваат пластиката која беше досега. Тука исто така е и 8-инчниот дигитален инструмент кластер и инфозабавниот екран кој е достапен во димензии од 6,5, 8 и 9,2 инчи. Инфозабавниот екран поддржува бежични Apple CarPlay и Android Auto. Volkswagen исто така го опреми освежениот T-Roc со истиот управувач како и Golf.

Нови безбедносни карактеристики се воведени со IQ.Drive Travel Assist системот кој вклучува предвидлив темпомат и засилена предна асистенција и систем за одржување на коловозната лента. Како стандарден дел од опремата пристигнува системот за асистенција при паркирање.

Кога станува збор за погонските опции, тука нема никакви модификации. Тоа значи дека базичниот модел пристигнува со 1,0-литарски турбо трицилиндричен модел со 110 КС, додека 1,5-литарскиот четирицилиндричен TSI мотор има 150 КС. Двата модели се со погон на предните тркала. 2,0-литарскиот TSI со 4Motion погон на сите четири тркала со 190 КС исто така е достапен, како и двата 2,0-литарски турбо дизел четирицилиндрични агрегати со 115 и 150 (4Motion) КС. На врвот на понудата е T-Roc R со 2,0-литарски турбо четирицилиндричен мотор со 296 КС и 400 Nm.

Поврзани вести

Back to top button