Volkswagen го симна Tesla од тронот: Нов лидер на ЕВ пазарот во Европа

Volkswagen ја надмина Tesla и стана најпродаван EV бренд во Европа во 2025. Пад на Model Y, раст на ID.3, ID.4 и ID.7

Европскиот пазар на електрични автомобили доби нов лидер. По неколку години доминација на американскиот производител Tesla, 2025 година донесе значаен пресврт: Volkswagen стана најпродаван бренд на целосно електрични возила (BEV) во Европа, покажуваат најновите податоци за продажба.

Volkswagen го презеде врвот од Tesla

Според бројките на Dataforce, пренесени од Autonews, брендот Volkswagen продал 274.417 електрични автомобили во Европа во 2025 година, што претставува раст од дури 56 проценти во однос на 2024. Истовремено, Tesla забележа сериозен пад – продажбата се намалила за 27 проценти, од 326.714 на 238.765 возила.

Овој резултат симболично означува „промена на стражата“ на европскиот EV пазар, особено ако се земе предвид дека пред само неколку години Tesla важеше за недостижен лидер.

Model Y и понатаму најпродаван, но со пад

Иако Tesla го загуби првото место како бренд, Tesla Model Y останува најпродаваниот електричен модел во Европа со 151.331 продадени примероци во 2025 година. Сепак, и тука се забележува пад од 28 проценти во однос на 2024, кога беа продадени над 210.000 возила.

На второто место по модел се искачи Skoda Elroq, додека Tesla Model 3 заврши на третата позиција, исто така со значителен пад на продажбата.

Широката ЕВ понуда ја направи разликата

Клучната предност на Volkswagen лежи во широката палета на електрични модели. Во текот на 2025 година, силен раст забележаа VW ID.4 со 80.123 продадени возила, или раст од 23,8%, потоа VW ID.3 со продадени 78.667 возила +44,4% раст, како и VW ID.7 со 76.368 возила и раст од 137%.

Иако поединечните модели на VW не го надминаа Model Y, збирната продажба јасно ја донесе марката на првото место.

Доминација и надвор од ЕВ сегментот

Успехот на Volkswagen не е ограничен само на електричните автомобили. Германскиот бренд беше лидер и кај plug-in хибридите, со над 159.000 продадени возила, како и кај бензинските и дизел моделите, каде и покрај падот, остана пред конкурентите како Peugeot и Mercedes-Benz.

Единствениот сегмент каде VW не го освои врвот се класичните хибриди, каде што Toyota ја задржа лидерската позиција.

Силен сигнал за иднината на европскиот пазар

Падот на Tesla и подемот на Volkswagen јасно покажуваат дека конкуренцијата на европскиот EV пазар станува сè поинтензивна. Традиционалните производители, со поширока понуда и подобро прилагодување на локалните вкусови и регулативи, сè поуспешно им парираат на новите играчи.

2025 година може да се покаже како пресвртна точка – година кога Европа официјално доби нов шампион во продажбата на електрични автомобили.

Поврзани вести

Back to top button