fbpx

Volkswagen и официјално го враќа e-Up! во понудата

По претходните најави, Volkswagen и официјално најави дека повторно ќе прима нарачки за електричниот e-Up!

По 14 месеци поминати во „прогонство“, Volkswagen e-Up! и официјално повторно се враќа на сцената. Германскиот гигант го враќа малиот модел кој ќе биде најевтиниот електричен автомобил во нивната постава. VW престана да прима нарачки за e-Up! од крајот на 2020 година. Производството на моделот продолжи низ 2021, но германската марка сега е во позиција во која повторно ги отвара книгите за нарачка во Германија, а постепено ќе се отвори и кон останатите европски пазари.

VW e-Up! е ексклузивно достапен во Stype Plus нивото на опременост, а стандардната опрема ги вклучува 15-инчните Blade тркала од лесна легура, Climatronic клима-уред, кожен мултифункционален управувач и асистенција за одржување на коловозната лента. Електромоторот испорачува 83 КС и 210 Nm вртежен момент, додека 32,2 kWh батеријата која поддржува 40 kW DC брзо полнење овозможува опсег на движење од 260 километри.

Почетната цена на Volkswagen e-Up! во Style Plus опрема изнесува 26.895 евра во Германија, но кога ќе се додадат субвенциите, тогаш вкупната цена излегува околу 17.300 евра. Благодарение на ова, VW e-Up! е најдостапниот електричен модел во опсегот на Volkswagen, иако е поскап во однос на директните ривали.

Од премиерата во 2013 година, Volkswagen продаде повеќе од 80.000 единици на e-Up!. Градскиот електричен автомобил доби фејслифт во 2016 и уште поважно техничко унапредување во 2019 година со додавање на поголема батерија која го зголеми опсегот на движење од 160 на 260 километри. Најголемиот дел од продажбата се случи во Германија, каде со 30.800 продадени единици е вториот најпопуларен ЕВ на неговиот матичен пазар во 2021.

VW по се изгледа ќе го нуди e-Up! уште неколку години додека се чека неговиот наследник. Кога станува збор за истиот, ID.2 кој е базиран на MEB платформата се очекува да пристигне во 2025 година како продукциска верзија на ID.Life концептот.

Поврзани вести

Back to top button