fbpx

Volkswagen ID.4 со официјална премиера

По електричниот ID.3, електричното семејство на Volkswagen се комплетира со претставувањето на првиот целосно електричен SUV на компанијата ID.4

Изгледот на компактниот SUV не беше баш некоја тајна, со оглед на тоа дека се појавија фотографии уште во јуни, но сега имаме можност да го видиме Volkswagen ID.4 во полн сјај. Ентериерот исто така не е тајна, со оглед на тоа дека германскиот производител го претстави претходно овој месец, откривајќи ги сличностите со електричниот хечбек ID.3.

Новајлијата на Volkswagen е базира на MEB платформата, а компанијата потврди батериски пакувања со два различни капацитети, што значи дека помалата единица ќе нуди 52 kWh, додека поголемата ќе располага со 77 kWh. Сепак, на почетокот ќе бидат достапни верзиите само со помоќната батерија, додека послабата се очекува подоцна во текот на 2021.

https://youtu.be/75gvK0YuXS0

На почетокот ќе се нуди помоќната верзија

Кога станува збор за опцијата со 77 kWh батерија, истата се напојува со електромотор поставен на задниот дел. Моќноста од 204 КС и 309 Nm се испорачува на задните тркала. Со оваа поставка, Volkswagen ID.4 нуди автономија од 402 километри. Базичниот ID.4 се очекува да минува дистанца од најмалку 360 километри со едно полнење, а за погонот е задолжен електромотор кој развива нешто помалку од 150 или 170 КС.

Во најмоќната варијанта, ID.4 од нула до „стотка“ стигнува за 8,5 секунди, а максималната брзина е 160 километри на час. Покрај верзијата со 204 КС, во понудата ќе се најде и варијанта со 180 КС, а Германците потврдија дека на врвот на понудата ќе се најде и верзија со погон на сите четири тркала. Оваа верзија најверојатно ќе се нарекува ID.4 GTX, а погонскиот склоп ќе го споделува со Škoda Enyaq vRS, кој нуди малку повеќе од 300 КС. Погонот ќе биде на двете осовини, а до „стотка“ ќе стигнува за 6,3 секунди.

Volkswagen ID.4

Базичниот Volkswagen ID.4 ќе нуди можност за приклучување на полначи со моќност до 50 kW, што подразбира полнење до 80 проценти на батеријата за околу еден час. Потврдена е и верзија со можност за конекција на полначи со моќност до 100 kW, со што времето на дополнување се сведува на половина. Оние верзии кои поседуваат поголемо батериско пакување, ќе можат да се полнат преку полнач од 125 kW, а за 320 километри потребно е само околу 30-тина минути полнење.

Кога станува збор за димензиите, ID.4 е 4.585 милиметри долг, а меѓуосовинското растојание е 2.766 милиметри. Висок е 1.636, а широк 1.852 милиметри. Капацитетот на багажникот изнесува 858 литри, а со преклопени задни седишта истиот се зголемува на 1.818 литри.

First Edition серијата доаѓа со богата опрема

Во внатрешноста, пред возачот се наоѓа 5,3-инчен ID.Cockpit дигитален екран кој се управува со контроли на допир на управувачот и 10-инчен Discover Pro инфозабавен екран на допир во средината на контролната табла (12-инчен Discover Pro Max со Statement пакетот). Конфигурацискиот екран менаџира со стандардниот систем за навигација, сите забавни и инфо фунцкии, системи за асистенција на возачот и подесувања на возилото. Hello ID. гласовните контроли се стандардни. Тука е и head-up екранот кој е во состојба да проектира графика во 3D стил.

Volkswagen ID.4

Кога станува збор за безбедноста, стандардниот IQ.Drive напредната технологија за асистенција во возењето вклучува предна асистенција, странична асистенција, предупредување за сообраќај на задната страна, адаптивен темпомат, асистент за коловозни ленти, патнички асистент и асистент за итни случаеви.

Volkswagen засега потврди само две верзии од овој SUV за европските купувачи. Двете верзии користат поголемо батериско пакување, моќен мотор од 204 КС и престижен пакет на опрема. Цените стартуваат од 50.000 евра за моделот од First Edition серијата, додека варијантите со ознаката Edition Max стартуваат од 60.000 евра.

Volkswagen ID.4

Двете верзии кои се нудат на стартот се ограничени на само 27.000 примероци. Кога Volkswagen ќе ги распродаде тие залихи, ќе се фокусира и на купувачите кои не сакаат да трошат толку пари за нивниот електричен кросовер. Се очекува поскромните верзии да не бидат поскапи од 40.000 евра.

Поврзани вести

Back to top button