Volkswagen ќе го „темпира“ производството во Волфсбург
Германскиот производител на автомобили Volkswagen е приморан да го запре производството во Волфсбург поради намалувањето на побарувачката
Пандемијата на коронавирусот ја парализираше европската автомобилска индустрија, а последиците ги чувствува и Volkswagen. Германскиот производител ќе го запре своето производство во Волфсбург на четири дена, со тоа што првата пауза ќе биде 15 мај, додека останатите слободни денови за работниците ќе бидат на 20, 25 и 29 мај.
Главната причина за овие паузи е малата побарувачка за одредени модели, пред се Tiguan и Touran, но и за Seat Tarraco кој исто така се склопува во овој погон. Причина за сето ова секако е здравствената криза со новоиот коронавирус, но кога станува збор за новиот Golf 8, од Volkswagen порачуваат дека производството на овој модел ќе се одвива според плановите.
Volkswagen започна со отворањето на своите фабрики во Европа кон крајот на минатиот месец, но практично ниту еден погон не работи со полн капацитет. За такво нешто, тврдат раководителите на Volkswagen, сѐ уште нема ни потреба, бидејќи побарувачката е мала. Во овој момент фабриките на германскиот производител работат со капацитет помеѓу 35 и 50 проценти од стандардот.
Сепак, со отворањето на продажните салони во европските земји се очекува и раст на продажбата на автомобили. Она на што предупредуваат челниците на Volkswagen е пореметениот ланец на снабдување на делови, што е уште една отежнувачка околност за сите производители. И покрај се, од Volkswagen веруваат дека годината би можеле да ја завршат со позитивен биланс.
Голем број европски пазари доживеаја колапс во април. Сепак, најголемите надежи Volkswagen ги полага во кинескиот пазар кој веќе започна со опоравување од пандемијата на Covid-19. Во оваа земја продажбата на автомобили во април опадна за само 7 проценти, додека Volkswagen забележа благ пад од 2,5 проценти, за разлика од европските пазари, каде што производителите забележаа далеку поголеми падови во продажбата.