fbpx

Volkswagen официјално го покажа лицето на новиот Golf GTI

Германската компанија ја објави првата официјална фотографија од предната страна од новата генерација на легендарниот хот хеч Golf GTI

Volkswagen не успеа да изненади никого, а во германската компанија веројатно се воделе по мотото „тоа што е добро не треба да се менува (премногу)“ кога станува збор за новата генерација на Golf GTI. Германскиот производител остана доследен на себе, па измените во однос на актуелниот модел кој е во заминување се навистина мали, но сепак воочливи, особено за оние кои се големи фанови на култниот хот хеч. Volkswagen официјално потврди дека Golf GTI ќе дебитира во Женева, а за таа цел објави и официјална тизер илустрација за изгледот на овој хот хеч.

Освен уникатниот светлосен потпис, навистина не може да се каже дека новиот GTI доаѓа со големи новитети кога станува збор за надворешниот изглед. Но, кога станува збор за агрегатите и перформансите, тука веќе ситуацијата е сосема поинаква.

Volkswagen во соопштението за медиумите наведе дека моторот на новиот Golf GTI ќе ги надмине сите очекувања. За значењето на оваа фраза ќе мора да се почека до почетокот на март кога автомобилот ќе ја има својата премиера на Саемот во Женева, но до сега се појавија повеќе шпекулации и гласини околу потенцијалната сила на погонската единица, па останува да се види дали истите се точни.

Според едни информации, Golf GTI ќе располага со 242 КС, за потоа минатата недела да се појават и други информации кои гласат дека новата генерација ќе поседува 255 КС. Како и да е, новата генерација на овој автомобил сигурно ќе биде посилен и помоќен од се уште актуелната верзија која има моќност од 228 КС.

Golf GTI, како и Golf GTD, ќе ја има својата премиера на престојниот Саем за автомобили во Женева.

Поврзани вести

Back to top button