fbpx

Volkswagen официјално го презентираше новиот Caddy

Германскиот производител ги објави првите фотографии и техничките детали од новата генерација на мултифункционалниот модел Caddy

VW Caddy веќе со децении е етаблиран во класата на лесни комерцијални возила, а во последните две генерации стана познат и по својата патничка варијанта. Новата, петта генерација ја дочека својата премиера во пресрет на Саемот за автомобили во Женева, а на купувачите ќе им биде понудена во голем број, како товарни, така и патнички верзии, во повеќе каросериски опции и должини.

Освен новиот дизајн на надворешноста, кој претставува еволуција во однос на претходните две генерации, новиот Caddy има и современи системи за асистенција, како адаптивен темпомат и бесконтактно отклучување и стартување на возилото. На купувачите на располагање им се и LED светлосни групи, а продолжената товарна верзија Caddy Maxi има места за две Евро палети.

Caddy

Новиот VW Caddy е поставен на модуларната MQB механичка платформа и во патничката варијанта може да превезе и до пет лица. Производителот се пофали и со подобрената аеродинамика – коефициентот на отпор на воздухот е спуштен на 0,30 од 0,33, колку што има актуелната генерација која е во заминување.

Во патничката верзија можат да се нарачаат и некои луксузни опции, како што е големиот панорамски стаклен покрив со површина од 1,4 квадратни метри.

Новиот Caddy со опции за богата опременост

Моторизацијата се состои од 2,0-литарскиот турбо дизел во опции од 75 КС до 122 КС и 1,5-литарскиот турбо бензинец со 116 КС, а ќе биде достапна и верзија со погон на метан. Кога станува збор за економичноста, Volkswagen најави дека новиот Caddy во просек ќе троши 12 проценти помалку гориво во однос на претходникот.

Силата стандардно се пренесува на предните тркала со помош на шестстепениот мануелен или седумстепен автоматски менувач со двојна спојка, а на располагање е и опција со погон на сите четири тркала. Внатрешноста исто така е модернизирана, а на купувачите ќе им биде достапна и целосно дигитализирана инструмент табла и инфозабавен систем со екран од 6,5 или 10 инчи.

Повеќе технички детали и информации за цените се очекуваат подоцна, во пресрет на почетокот на продажбата на новиот Volkswagen Caddy.

Поврзани вести

Back to top button