Volkswagen успеа да ја надмине Tesla во Европа
Volkswagen ја надмина Tesla во Европа со 347.900 продадени електрични возила во првата половина од 2025 година, бележејќи раст од 89%

Volkswagen бележи значителен пораст на глобалната продажба на електрични автомобили во првата половина од 2025 година. Групацијата VW испорачала вкупно 4,41 милиони возила од сите енергетски типови ширум светот, што е зголемување од 1,3% во однос на истиот период минатата година. Но, најголемото внимание го привлекува сегментот на електрични автомобили, кој бележи импресивен пораст од 47%, достигнувајќи 465.000 испорачани единици.
Во Европа, растот е уште повпечатлив – испорачани се 347.900 електрични возила, што претставува зголемување од 89% споредено со истиот период во 2024 година. Само брендот Volkswagen продал 122.600 електрични возила на европскиот пазар од јануари до мај, оставајќи ја Tesla далеку зад себе со само 76.400 продадени единици во истиот период.
Tesla губи чекор во Европа
Додека Tesla бележи пад од 14% на глобално ниво, со 384.000 продадени возила во првата половина од 2025 година, Volkswagen го користи моментот да ја зацврсти својата позиција како водечки производител на електрични автомобили во Европа. Податоците на Dataforce откриваат дека VW во повеќето месеци од годинава го надминал американскиот конкурент, тројно зголемувајќи ја продажбата во април.
Овој успех е особено значаен за имиджот на VW, кој сè уште се бори да ја остави зад себе аферата Dieselgate. Покрај репутацијата, продажбата на електрични автомобили е клучна и за исполнување на строгите регулативи за CO2 емисии кои ги наметнува Европската Унија.
Сепак, дел од успехот се должи и на агресивните попусти кои VW ги нуди за модели како ID.3 и Cupra Born, предупредуваат од германскиот Handelsblatt. Иако компанијата тврди дека сè уште остварува профит на електричните модели, оперативната маргина е под целта од 6,5% која VW ја има поставено како таргет за 2029 година.
Нови модели за зајакнување на профитабилноста
Volkswagen се надева дека со новата генерација на поевтини електрични модели, како ID.2 и Cupra Raval, која ќе започне со продажба следната година, ќе успее да ја подобри профитабилноста на својот EV бизнис и дополнително да ја зацврсти својата лидерска позиција во Европа.