Volvo ја најави новата генерација на XC60 кој ќе биде ЕВ
Шведскиот производител Volvo станува целосно електричен бренд, а во согласност со тоа ја најави новата генерација на XC60 кој ќе биде целосно електричен модел
Volvo има нов партнер во својата амбиција да стане целосно електричен бернд до крајот на деценијата. Шведскиот производител на батерии, Northvolt, ќе и овозможи на компанијата да развие и состави поодржливи батерии кои ќе се користат од следната генерација на целосно електрични Volvo и Polestar автомобили. Меѓу нив ќе биде и новиот XC60.
Плановите на Volvo за иднината се сосема јасни, а тоа е фокус кон целосна електрификација. Со оглед на тоа дека станува целосно електричен бренд, на шведската марка ќе и бидат потребни големи количини на батерии. Поради ова, компанијата ги здружува своите сили со Northvolt со цел да создаде заеднички потфат и ќе отворат нов центар за истражување и развој во Шведска следната година.
Овој центар е дизајниран да изработи батериска експертиза во двете компании и ќе биде задолжен за развој на новата генерација на батериски ќелии и технологии за автомобилска интеграција за идните Volvo и Polestar возила. Овој заеднички потфат ќе доведе и до нова гигафабрика во Европа која ќе има потенцијал да произведува до 50 гигават часови (GWh) батерии на годишно ниво. Производството треба да започне во 2026 година, а фабриката ќе се напојува исклучиво од зелена енергија.
Новиот XC60 пристигнува до 2026
Со ова, пристигнува и уште една важна вест за Volvo, а тоа е „електричниот наследник на најпродаваниот модел на компанијата, XC60“. Малку детали се познати за кросоверот во овој момент, но со оглед на тоа дека производството на батерии се очекува да започне во 2026 година, XC60 електричниот автомобил би требало да пристигне во исто време.
Volvo треба да објави повеќе детали за време на Tech Moment настанот на 30 јуни, но компанијата исто така откри дека е во потрага по извор за 15 GWh батериски ќелии на годишно ниво од Northvolt фабриката во Скелефтеа почнувајќи од 2024 година.
Шведската компанија очекува 50 проценти од својата продажба да ја постигне од електрични возила до 2025 година и цели да продава исклучиво ЕВ до 2030. Извршниот директор на Volvo, Хакан Самуелсон истакна дека заедничкиот потфат ќе им помогне да го достигнат сето ова.
„Со соработката со Northvolt ние ќе обезбедиме снабдување со висококвалитетни, поодржливи батериски ќелии за нашите чисто електрични автомобили. Ова партнерство ќе му овозможи на Volvo да ги засили и нашите развојни способности во рамките на компанијата“.