fbpx

Volvo со нови системи за зголемување на безбедноста

Со цел да стави крај на жртвите во своите автомобили, шведскиот бренд продолжува да напредува во овој поглед, а како дел од овој процес се новите камери за надзор на возачот и новиот иновативен „Care Key“

Шведската компанија веќе извесно време напорно работи со цел да го доведе на нула бројот на жртви во своите автомобили. Дел од овој процес беше и ограничувањето на максималната брзина, а сега тие работат на нова технологија која преку поставени камери во внатрешноста на возачката кабина, ќе се врши надзор на однесувањето на возачот.

Во случај на управување под влијание на замор, алкохол или пак при намалување на вниманието на возачот, овој систем ќе спроведе соодветни мерки, како намалување на брзината и целосно застанување на возилото.

Според NHTSA, речиси 30% од сите сообраќајни несреќи во САД во 2017 година вклучуваат алкохолизирани возачи, што претставува главна причина за Volvo да верува дека овој систем за активно следење претставува најдобар начин да се спречи трагедија.

Доколку возачот е под дејство на алкохол или пак за време на управувањето тој почне да го губи вниманието, системот прво испраќа предупредувачки сигнал, кој доколку е занемарен, автомобилот почнува да интервенира со ограничување на брзината, алармирање на Volvo услугата за помош, а како последен чекор при дејствувањето, системот активно го забавува и паркира автомобилот на безбедно.

Volvo
Како дел од главните активатори на овој систем спаѓаат: недостатокот на управувачки влез во подолг временски период, оттргнување на погледот од патот, затворање на очите и екстремно менување на коловозни ленти.

„Кога станува збор за безбедноста, нашата цел е целосно да ги избегнеме несреќите, наместо да го ограничиме влијанието кога несреќата е неизбежна. Во овој случај, камерите ќе го следат однесувањето на возачот, кое може да биде главен причинител за сериозни повреди или смрт”, изјави Хенрик Грин, истражувач во оделот за истражување и развој на Volvo.

Овој систем ќе започне да се имплементира заедно со новата генерација на SPA2 платформата, во почетокот на 2020 година. Повеќе детали околу бројот и поставеноста на камерите во кабината се очекува да бидат објавени наскоро.

Уште една иновација поврзана со безбедноста е и новиот клуч на Volvo наречен „Care Key“, кој овозможува сопственикот да постави ограничување на максималната брзина на автомобилот, пред да го позајми на други членови од семејството, или на помлади и неискусни возачи.

„Многумина сакаат да го споделат својот автомобил со семејството и блиските пријатели, а притоа да се осигураат дека тие се безбедни на патот. Иновативниот „Care Key“ претставува одлично решение и обезбедува дополнителен мир“, изјави Хакан Самуелсон, претседателот и извршен директор на Volvo.

Овие нови безбедносни иновации ќе се придружат на веќе постоечките Volvo системи и ќе претставуваат дел од стандардната опрема на сите модели на производителот од 2020 година.

Поврзани вести

Back to top button