Возевме Opel Grandland: Практиченост и стил во служба на современото семејство
Компанијата Opel е една од ретките марки која во своето портфолио нуди електрична верзија на секој постоечки модел. Сериозноста на своите намери ги покажува и со влезот на постојано растечкиот пазар на електрични SUV возила во C-сегментот каде германската компанија настапува со комплетно новата генерација на моделот Grandland.
За веднаш да ги смириме страстите на домашните читатели ќе посочиме дека Opel Grandland не е достапен само како електричен автомобил, па така уште од самиот старт ќе биде понуден и со 1,2-литарски 48-волтен хибрид, а наскоро се очекува официјално да започне и производството на 1.6-литарската плаг-ин хибридна верзија. Сепак, фокусот е на електричната верзија, која покрај постоечките модели од групацијата Stellantis треба да конкурира и на сличните модели од сегментот. За подобро да видиме како е тоа изведно на покана од Генералниот увозник за Македонија, компанијата Еуроимпекс одпатувавме во родниот град на Opel, Риселсхајм, во чија околина тимот на Авто Плус беше меѓу првите во Европа кои имааа прилика да го возат новиот Grandland.
Прецизна естетика
Но, да одиме по ред. При првиот контакт со новиот Grandland ве дочекува естетски привлечен дизајн изведен со остри и прецизни линии кои одлично коренспондираат со контрастниот покрив и големите 20 инчни леснометални бандажи со специфичен изглед. Екстериерот воглавно е изведен со суптилни и модерени движења, кои не се обидуваат да го престават возилото во нешто што воопшто не е. Пред се дизајнот се концентрира на семејните вредност, што е повеќе од доволен атрибут за цврсто присуство на асфалтот, особено кога екстериерот е во боја на бакар која одлично ги истакнува и најситните детали. Нешто со што се особено горди во компанијата се светлосните елементи, на што е посветено посебно внимание.
Во зависност од спецификациите, Grandland може да биде опремен со светлосна лента која се протега по целата ширина на предниот и задниот дел поврзувајчи ги светлосните склопови, како и со осветлен знак на предниот дел и светлечки логотип на задната страна. Составен дел од Vizor маската се и напредните “IntelliLux” матрични фарови со вкупно 51.200 LED диоди кои се приказна за себе. Затоа што покрај многуте иновативни постигнувања од сега речиси во целост го анулираат одблесокот од знаците што ви доаѓаат во пресрет што знае да биде многу непријатно за возачот при ноќно возење. Во споредба со предходникот, Grandland добива нови димензии кои го прават значително поголем. Додадени се дополнителни 173 милиметри во вкупната должина, 19 мм во висина и 64 мм во ширина. Со овие зголемувања, Grandland сега е долг 4.650 мм, широк е 1.905 мм и висок 1.660 милиметри, додека подолгото меѓуоскино растојание од 2.784 мм обезбедува повеќе простор во внатрешноста.
Комфор и функционалност
Кабината на новиот Grandland преставува значителен исчекор во однос на претходникот и сите досегашни модели на марката. Изведена е со многу внимание, користени се висококвалитетни материјали кои интегрираат употреба на текстури и бои за да се создаде максимално конфорно опкружување. Во внатрешноста се истакнуваат предните ергономски седишта со „AGR“ сертификат кои овозможуваат подесување според индивидуални потреби што придонесува за комотно и рекласирано возење во секојдневна употреба, а особено на подолги дистанци. Од таа страна може да потврдиме дека возачката позиција е повеќе од солидна, а видливоста од автомобилот во сите правци е на повеќе од задоволително ниво.
Новата платформа на која е поставен Grandland допринесува за зголемување на просторот на задната клупа, за која веруваме дека нема да има поплаки во поглед на простор за нозе и глава и од повисоките патници. Бенефитот од неа е видлив и кај багажниот дел, чија зафатнина од 550 литри во целост ќе ги исполни и најделикатните семејните потреби. Во стандардната спецификација Grandland доаѓа со 10-инчна дигитална инструмент табла и 10-инчен централен екран на допир, додека повисоките пакети, како оние што имавме прилика да ги возиме, вклучуваат 16-инчен екран и дополнителни функции како безжично полнење за смартфони, загреани седишта и волан, амбиентално осветлување и високо квалитетено озвучување, дело на аудио специјалистите од реномираната марка Focal што звукот го распоредува преку десет звучници поставени низ кабината.
Покрај наведените технологии, во комбинација со „Intelli-HUD“ хед-ап дисплејот, возачите можат да го задржат погледот на патот. Дополнително, можат да го вклучат режимот „Pure“, кој го намалува бројот на информации прикажани на екранот за возачот и централниот дисплеј, со што се минимизира одвлекувањето на вниманието при ноќно возење или на високи брзини. Според традицијата на Opel, често користените функции, како што е клима-уредот, може лесно и интуитивно да се управуваат преку неколку физички копчиња, своевидна дигитална „Detox“-икација, што е редок случај кај речиси сите нови возила.
Со користењето на новата “STLA Medium” платформа Grandland профитира во секој поглед. Тука се вклучени многу напредни системи за безбедност како стандарден дел од опремата, а како опционален пакет се нуди “Intelli-Drive 2.0” кој располага со уште многу дополнителна поддршка за возачот.
Пријатно искуство
Opel Grandland во електричната верзија кој ни беше на располагање е опремен со мотор кои ги движи предните тркала, неговата максимална моќност изнесува 157 kW (213 КС) и располага со вртежен момент од 345 Nm. Пакетот батерии има корисен капацитет од 73 kWh, што овозможува официјален домет до 523 километри. Иако не е водечки во својата класа, перформансите се повеќе од задоволителни, забрзувањето од 0 до 100 км/ч е еднакво на 9 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 170 км/ч. Динамички, Grandland ги покажува свои најдобри резултати во Sport режимот на работа, кога и ја испорачува својата максимална моќност, додека во нормален режим таа е достигнува до 180 КС, а се намалува на 160 КС во Eco режим. Но, доколку ви затреба дополнителна моќ без разлика во кој мод на работа се наоѓа возилото, при силно притискање на папучата за забрзување се вклучува ,,kickdown“, моторот ќе ја испорача целата количина на моќ, што е особено важно при претекнувања на кратка дистанца, а притоа нема потреба да се менува режимот на работа.
Регенеративното сопирање е добро калибрирано и создава со одлично чувство на педалата без нагли дејствија. Иако автомобилот е со тежина од 2,100 кг, тоа не влијае значително на управувањето, затоа што возилата со електро погон се опремени на задниот дел со мулти линк суспензија. Opel Grandland има коефициент на отпор од 0,28, што му овозможува да се движи безшумно, а целокупното возење го прави да биде едно пријатно искуство.
До 700 километри со полна батерија
Со домет од 523 километри при оптимални услови се фали верзијата со батерија од 73 kWh која ја возевме, во моментов постои и верзија со 82 kWh чиј деклариран опсег на движење е за 60 километри поголем. Сепак ѕвездата која треба да пристигне во 2025 година е верзијата со 97 kWh батерија за која се најавува радиус од 700 километри со едно полнење. Во истиот период треба да се дебитира и верзијата со електромотор на задната оска која ќе овозможи погон на сите тркала. Максималната енергија која може да ја прими може да се изведе на DC полначи и изнесува160 kW, што овозможува полнење од 10 до 80 проценти за околу 26 минути. Наизменичната струја е ограничена на 11 kW, што значи полнење од 0 до 100 проценти е изводливо за шест и пол часа, додека полнењето во домашни услови од 7,4 kWh линија трае околу десет часа.
Електрификацијата не е опција, туку основа!
Покрај електричната верзија имавме можност на кратко да седнеме зад управувачот и на „класичната“ хибридна изведба. Двигателот кој е поставен под предниот поклопец е идентичен како кај повеќето производи од групацијата, а неодамна го имавме на тест во новиот Peugeot 3008. Конфигуриран како трицилиндричен бензинец опремен со турбо полнач кој од 1.2 литарска зафатнина развива 136 КС при 5.500 врт/мин, додека максималениот вртежен момент од 230 Нм го става на располагање од 1.750 врт/мин. Новиот 6 степен автоматски менувач со двојна спојка е дизајниран да во него се интегрира мал електромотор што располага со моќ од 21 КС, а енергијата ја црпи од мала 0,89 kWh батерија. Оваа изведба во возењето делува за нијанса поспретно, благодарение на намалената тежина од речиси 500 килограми, колку што тежат батериите кај електричната верзија. Од друга страна пак, компонираноста во возењето која ја поседува електричната верзија овде е за нијанса пониска, бидејќи кај хибридните верзиите на задниот дел потпирањето е изведено преку торзиона оска.
Бидејќи дизелите се дел од минатото, а во компанијата ги нема воопшто во понуда веќе подолг период, нивната замена се гледа во „плаг-ин“ бензинските модели, иднина што кај Grandland ќе стане реалност многу набрзо. Од Opel не уверуваат дека новиот четирицилиндричен агрегат со зафатнина од 1.6 литри испорачува 195 КС и 350 Нм, ќе поседува батерија од искористливи 17,9 kWh и радиус на движење само на електрична енергија од речиси 90 километри, а неговата просечна потрошувачка ќе биде далеку пониска од колку кај просечен турбодизелски агрегат со зафатнина од 2.000 см3.
Новиот Grandland преставува вистинска перјаница во понудата на Opel, автомобилот го краси надворешен изглед што е елегантен и стилски, проткаен со впечатлива суптилност. Ентериерот се истакнува со пространа, квалитетно изработена и пред се добро опремена внатрешност која цели кон семејните потреби. Додека, под предниот поклопец нуди опции кои треба да ги задоволат потребите и на најпребирливите.
Официјлниот датум за пристигање на македонскиот пазар за новата генерација на Opel Grandland се уште не е потврдена, но се очекува тоа да се случи до крајот на ноември или на почетокот од декември, кога и ќе биде објавена неговата цена на чинење.