ТЕСТОВИ

ТЕСТ ISUZU D-MAX: ЕФИКАСЕН, ДОВЕРЛИВ, ЕКОНОМИЧЕН…

Isuzu како најголем производител на комерцијални возила на светот, во моделот D-Max ги синтетизира сите занаења стекнати во текот на скоро едновековното искуство

Isuzu како најголем производител на комерцијални возила на светот во моделот D-Max ги синтетизира сите занаења стекнати во текот на скоро едновековното искуство. Ова е пикап каде сите детали ја отсликуваат јапонската прецизност и точност, кој демонстрира моќ, висок стил и технологии на кои може да се смета под секакви услови и режими на управување, како на асфалт, така и на непроодни патишта, брда и долини.

Во моментов перјаница на јапонскиот бренд на полето на пикапите секако е втората генерација на D-MAХ, кој од неодамна е во понуда и на импортерот за нашата држава Аутомакедонија. Развиен врз основа на три главни индикатори: безбедност, заштеда на гориво и грижа за животната средина, тој е идеален автомобил за секој возач – брз, комфорен, луксузен, ефективен, моќен… Поради сите овие вредности оваа изведба со повеќе нивоа на опрема, како поставеност на кабината, каде има три опции – единечна, продолжена и двојна така и во зависност од товарниот простор, ова е несомнено едно од најпосакуваните возила од овој вид, кое во понуда е во над 100 земји во светот. Моделот D-MAX доаѓа само со еден мотор, 2.5-литарски турбодизел со моќност од 163 КС и максимален вртежен момент 408 Nm. Тој може да се комбинира со рачен менувач со шест брзини и автоматски со пет. Погонот може да е само на задната оска или 4х4. Благодарејќи на нашата соработка со Аутомакедонија на располагање ни беше верзија со двојна кабина, со погон на сите четири тркала, со трансмисија преку шестепен менувач и ниво на опременост Solar.

Моделот D-Max секако е еден од најдобрите примери како еден пикап може да се користи за работа, но и за секојдневно користење, а и задоволство. Поради својот модерен дизајнерски пристап и стајлинг, навистина не може да се каже дека ова е изведба само за на градилишта или пак типично за превоз, со него нема да се засрамите да паркирате ни пред некое кафуле особено ако е спакуван со дополнителен капак за товарниот дел, како што беше случај со тестниот модел. Би додале дека вака понудената верзија е може најадекватна за лов, сурфање… Од дизајнерските детали кои ги имавме на тестниот модел ги издвојуваме, предната хромирана маска која е извонредно имплементирана меѓу издолжените фарови, надворешни хромирани ретровизори со електрично прилагодување, склопување, греење и вграден трепкач, хромирани рачки и заден браник, како алуминиумски фелни со гуми 255/65 R17.

Кон сето ова треба особено да се напомене дека Isuzu D-Max е мошне елегантен, не само комфорен во внатрешноста. Тоа особено се однесува на предниот дел каде инструмент таблата и централната конзола се така добро спакувани како да сте дел од најсофистицираните SUV изданија. Посебен филинг додава кожниот, прилагодлив, мултифункционален управувач со темпомат, а тука е патниот компјутер, радио CD, MP3, USB, Bluetooth, Hands Free… Што се однесува до комодитетот, се разбира тој е малку пренагласен во предниот дел, но и седењето позади не е како во оние стандардни пик-ап изведби (за пренос на работници). Сосем добро ергономски спакувано, иако да не претеруваме не е како во фотелја поради потпирачот на задната клупа, но она што е најважно има доволно простор и може да се најде удобна позиција за подолги патувања. Кон ова треба да додадеме дека за удобноста свој голем придонес има добрата звучна изолација, па не пречи оној специфичен дизелски звук, кој не дека не се чуствува, ама не оптеретува, а оние карактеристични поскокнувања, особено впечатливи кога немате товар позади се присутни, но навистина минимално. Извонредното потпирање кај D-Max нуди пријатно управување на отворено, каде ниту дупките кои се чести на нашите патишта, нема да ви го нарушат раатот.

Кога станува збор за возење низ градските средини D-Max е „крал на билеварите“. Не „сака“ тесни улици и полукружни свртувања, иако во вакви ситуации доаѓа до израз прилично големиот радиус на свртување. Затоа паркирањето на овој камионет, доколку имате простор за маневрирање и не е толку тешко. Но, секако треба да имате до знаење дека ова е изведба со должина од 5.295, широчина 1.860 и височина 1.795 mm. Што се однесува до секојдневната употреба најдобро е да користите стандарден погон на задните тркала. Но, кога ќе се соочите со екстремни ситуации, лизгави површини, нерамнини, кал, па и зимски временски неприлики, на ротациониот бирач на централната конзола – Shift on the fly, можете да одберете погон кои ви е неопходен, па и оној на сите четири тркала, кој секако ќе придонесе за дополнителна сигурност при управувањето. Во оредени ситуации може и да не е потребно, бидејќи системите како EBD, ESC и TSC одлично знаат да ја завршат својата работа. Овде треба да го издвоиме потпирањето, пред сé на предниот дел каде двојната вилушкаста суспензија придонесува за подобрување на комфорот, но и подобра управливост. Многумина имаат забелешка дека тоа ги загрозува теренските способности, но со оглед на општата намена на D-Max и изразениот клиренс, се наметнува заклучок дека ова е сепак добро решение, бидејќи робусноста не изостанува, а за да секој товар биде под контрола, како и подобри off-road својства тука се задните лиснати пружини.

Рака на срце, вака спакуваниот Isuzu D-Max не го ставивме пред некои екстремни ситуации, но сосем доволни за да можеме да ги процениме неговите вредности надвор од асфалтот. Овој автомобил со меѓуоскино растојание од 3.095 mm не е синоним за некој прекален теренец, но плени со својата моќ, цврстина и изразен клиренс, без оглед што тежиштето кај оваа изведба е малку спуштено. Реално, ги испитавме вредностите на системот за пренос на сите четири тркала, вклучувајчи го редукторот и сé функционира според системот зададено-извршено?! D-Max со острите наклони се однесува со лесно, ги прифаќа „меко“, било тоа да се странични, да се искачувате или симнувате.

Мора да ги потенцираме и товарните и влечни способности на D-Max, кои исто така се за респект. Овој Double Cab може да понесе во товарниот дел 1080 kg и да повлече приколка со самостоен систем за сопирање од 3 тони, односно 750 kg без кочници. Самиот товарен простор во оваа каросериска варијанта има волумен од 1.000 литри.

Секако сето ова не би можело ни да се замисли без проверениот 2.5 литарскиот twin-turbo 163 KС и 400 Nm. Јапонскиот гигант е познат по своите врвни изведби на дизелски мотори за што досега добил голем број признанија, а поради нивниот квалитет го користат и многу други производители за своите модели. Во оваа изведба, мотор е во права смисла на зборот „душата“ на возилото и едноставно дополнителна гаранција за висок квалитет. Фабричките декларирани 7,4 литри потрошувачка тешко се стигнуваат, но очекувајте сосема солидни од 8,5 до 9,5 литри на 100 изминати километри.

И за крајот јаготката на тортата. Вака спакуваната верзија на моделот со сите додатоци, како и оној специјален капак за товарниот простор чини 24.613 евра (без ДДВ), што е навистина повеќе од прифатливо доколку направите споредба со конкурентите на другите јапонски производители, како Toyota, Mitsubishi…, кои имаат проверени адути во овој сегмент. Заклучок е дека доколку се одлучите за пикап ова е реално добар избор.

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ ЗА ISUZU D-MAX CREW 2.5 TD

мотор
Euro 5b+, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина
2.499 cm3
пречник и од
95.4 x 87.4 mm
степен на компресија
17,0:1
напојување
две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail, компресор со променлива геометрија, интеркулер
максимална силина
163 KС (120 kW) при 3.600 min-1
макс. вртежен момент
400 Nm при 1.400-2.000 min-1
трансмисија
шестстепен мануелен менувач
потпирање
напред двојна вилушкаста суспензија, попречни рамења, стабилизатор, назад лиснати пружини, телескопски амортизери
сопирачки
напред дискови, назад дискови, ABS, ЕBD, ESP, TCS
пневматици
255/65 R17
каросерија
пикап со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина
5.295×1.860×1.785 mm
меѓуоскино растојание
3.095 mm
траги (напред/назад)
1.570/1.570 mm
тежина
2.020 kg
максимална тежина
3.000 kg
приколка со сопирачки
3.500 kg
носивост
980 kg
резервоар
69 литри
максимална брзина
180 km/h (ограничена)
забрзување 0-100 km/h
12,8 секунди
потрошувачка (просек)
7,4 l/100 km
емисија на CO2
194 g/km

ISUZU во Македонија

SATELLITE SINGLE 4X2 6М/Т
18.320
SATELLITE SINGLE 4X4 (AC) 6М/Т
21.683
PLANET SPACE 4X4 (АС) 6 М/Т
25.082
SOLAR PLUS 4X4 (ААС) А/Т
28.246
SOLAR CREW 4X4 (АС) 6М/Т
28.787
QUASAR 4X4 (ААС) А/Т
31.197

*сите модели на D-Max се во N1- категорија (товарни возила) за кои правните лица имаат право на поврат на ДДВ

Повеќе информации: АУТОМАКЕДОНИЈА, тел. 02/3103-265

Клучни зборови

Поврзани вести

Close