VW го претстави новиот GTI Clubsport
Golf GTI Clubsport за 2025 година добива 300 КС наместо досегашните 265 КС, плус заден спојлер и поекстремен режим на возење
Volkswagen го покажа новиот GTI Clubsport, базиран на фејслифтираниот GTI. VW GTI Clubsport ги наследува светлосните групи од „обичниот“ модел кој беше претставен претходно, а се разликува благодарение на различниот преден браник и густиот заден спојлер. Исто така, располага со поголеми тркала од 18 инчи во облик на Quadrifoglio или опционален сет од 19 инчи.
Јазот во моќта меѓу двајцата се намали со објавувањето на моделите Mk8.5. Наместо досегашните 265 КС, Clubsport сега испорачува 300 КС. Стандардниот GTI сега пак добива зголемување од 20 КС за вкупни 265 КС. Покрај ова, Clubsport има и предност од 30 Nm во однос на стандардниот GTI, што значи дека пожешката верзија има вртежен момент од 400 Nm.
Слично како и неговиот претходник, ревидираниот Golf GTI Clubsport доаѓа исклучиво со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Новиот регуларен GTI го доби истиот DSG, како алтернатива на рачниот менувач, со оглед на тоа дека VW ја отфрли оваа опција со фејслифтот.
Перформанси
Додека на „обичниот“ GTI му се потребни 5,9 секунди за да достигне од место до „стотка“, неговиот „роднина“ истиот спринт го достигнува за 5,6 секунди. И двата модели се електронски ограничени на 250 километри на час, но Clubsport добива опционален пакет за трка што овозможува максимална брзина од 267 км/ч. Тој пакет доаѓа и со посилен издув Akrapovic. Покрај тоа, автомобилот добива и специјален режим за Sport возачки профил кој дополнително ги изострува работите.
Двата модели доаѓаат стандардно со диференцијал со ограничено пролизгување и прогресивно управување, плус опционална адаптивна динамичка контрола на шасијата (DCC). Внатре, динамичното дуо споделува зголемен екран на допир од 12,9 инчи за новиот и подобрен инфозабавен систем. Како и кај обичниот Golf, лизгачите на допир конечно се осветлени.
Новиот Clubsport ќе го прослави своето јавно деби на Nürburgring 24 Hours, а ќе биде пуштен во продажба во Европа подоцна оваа година.