Тест Geely Coolray: Атракција во движење
Кинеските автомобили земаат се поголем замав на европско, а со тоа и на македонско тло. Меѓу последните производители кои пристигнаа на ова поднебје е марката Geely која на македонскиот пазар ги нуди моделите Atlas Pro, кој веќе имавме прилика да го возиме, како и помалиот Coolray, атрактивен и спортски кросовер кој го имавме на располагање неколку дена и кој ни остави сериозни впечатоци, а го привлече вниманието и на останатите лица кои имаа прилика да го забележат по скопските улици и кои не се двоумеа да ги покажат своите импресии од нивната средба.
За оние кои се уште не знаат, Geely е основан во 1986 година со тогаш примарна дејност за произоводство на делови за фрижидери и разладни системи, а од 1997 година комплетно се преобразува и станува првиот приватен автомобилски производител во Кина. По ова следува огромен раст на компанијата, а портфолиото постојано се зголемува со преземање на голем број постоечки и етаблирани брендови. Компаниите кои се во сопственост на кинескиот гигант се поделени во неколку ограноци, а Geely Auto Group е одговорен за марките Geely, Lynk&Co, Geometry, Livan и Proton. Тука е и Volvo Car Group, под чија капа спаѓаат Volvo и Polestar кои се во целосна сопственост на Geely. На крајот, тука е и Zeekr Intelligent Technology под кого спаѓаат Lotus, Zeekr и препознатливото лондонско такси LEVC. Дел од Geely е и Smart, a тука се и Farizon и Radar Auto чиј фокус е на автобускиот транспорт и возила за комерцијална употреба, a сопственикот на Geely во еден момент беше и најголемиот приватен инвеститор во Daimler.
За сериозноста на компанијата говори и фактот што околу 20.000 лица се вработени во центрите за истражување и развој на Geely кои се наоѓаат во Гуангжу, Хангжу, Нингбо во Кина како и Гетеборг во Шведска и Ковентри во Обединетото Кралство. Компанијата има и 5 дизајнерски центри сместени во Барселона, Гетеборг, Милано, Шангај, Ковентри. Покрај сопствените марки, Geely непрестанато инвестира во купување акции од неколку европски автомобилски компании, како што е примерот со германскиот Daimler каде имаат речиси 10% од сопственоста и удел од 17% во британскиот Aston Martin. Интересен податок е тоа што Geely е првата кинеска марка за автомобили која продала 10 милиони возила, а пет последователни години е најпродавана марка на автомобили во Кина. Сето ова треба да илустрира колку сериозен производител е Geely и со какви ресурси располага.
Но, да се вратиме на она што е фокусот во овој текст…
Изглед кој никого не остава рамнодушен
Моделот Geely Coolray е мошне интересно и атрактивно возило од B-SUV сегментот, еден од најконкурентните на Стариот континент, што само ја покажува самодовербата со која располага кинескиот производител. Geely вели дека новиот Coolray припаѓа на т.н. сегмент „High End B-SUV“.
Оригинално познат како Binyue на домашниот пазар, Geely го избра името Coolray за Европа како поатрактивен назив и попривлечен за европските купувачи. Моделот дебитираше во Кина во 2018 година и досега забележа импресивни 800.000 продадени единици на глобално ниво.
Моделот Coolray што го тестиравме претрпе промени во 2023 година и токму тој модел сега дебитира во Македонија. Моделот сега ја зазема позицијата на „паметен SUV“ со надградби во дизајнот, погонската група, технологијата и безбедноста, а на идните купувачи им ветува возбудливо искуство.
Веќе на прв поглед добивме впечаток кој тешко може да се избрише од сеќавањата. Во овој случај мислиме на визуелниот приказ, но и реакциите кои ги споделуваа луѓето кои ги среќававме на улиците и речиси сите едногласно тврдеа дека „Кинезите навистина не се шегуваат и стануваат се подобри…“, а особено импресионирани се кога ќе им посочиме дека секој модел на Geely мора да мине низ инспекција кај педантните инженерите на Volvo пред да биде пуштен во продажба. Причина за тоа е самиот дизајн кој е атрактивен и во тренд, осмислен да им се допадне на новите генерации. И тука нема некаква револуција, туку има генијално интегрирани искршени линии, испакнатини чиј акцент е ставен на спортската елеганција и чија задача е Coolray да го направат впечатлив и инстантно препознатлив кросовер кој не е копија од повеќе дизајни на западните производители склопени во еден производ.
Особено треба да се истакне предниот дел каде доминира големата решетка наречена Еnergy Storm која е интегрирана во браникот, како и „острите“ LED дневни светла. На задниот дел доминира голем спојлер на врвот на капакот на багажникот со ексклузивното лого „S“ го нагласува спортското чувство и ги оптимизира аеродинамичните перформанси. Тука се и четирите издувни цевки интегрирани во големиот дифузер, кои како комплет создаваат впечаток дека се работи за супер спортска верзија со најмалку 500 „коњи“. Тркалата со големите од 18-инчи со дизајн на „томахавка“ со спортски сопирачки го надополнуваат целиот изглед Дизајнот на екстериерот дефинитивно е еден од адутите на новиот модел.
Спортска елеганција
Впечатокот е потполно ист и кога ќе се најдете во кабината. Останува импресијата дека се е одлично спакувано, без ниту една грешка во изработката, а финишот е со квалитетни материјали и речиси незабележливо е користењето на евтина пластика во ентериерот. За тоа е задолжен дизајнерскиот концепт наречен Energy Awakening со кој Geely создаде силна и спортска внатрешност која ја нагласува потребата за динамично возење. Контрастниот црно-црвен дизајн му дава на кокпитот силно чувство на визуелен тек, а панорамскиот покрив кој се отвора по целата должина го засилува чувството на слобода и дефинитивно ќе биде привлечен за помладите купувачи.
Пред возачот се наоѓаат двојните интегрирани екрани, првиот со големина од 10,25 инчи наменет за инструментите, а вториот е на допир и е со големина од 12,3 инчи и е задолжен за инфозабавата. Автомобилот е опремен и со спортски седишта, кожен управувач со команди, амбиентално осветлување со дури 72 бои, како и спортски електричен менувач на брзини.
Структура
Кога станува збор за самата структура, Geely Coolray е базиран на новата генерација на модуларната платформа на Geely попозната како BMA (B-Segment Modular Architecture), за која како што велат е дизајнирана да понуди врвно возачко искуство. Како што може да се претпостави од името на платформата, Coolray е сместен во сегментот каде доминираат модели како Renault Captur, Peugeot 2008, Hyundai Kona… додека притоа е само еден сантиметар пократок од модели кои се сегмент погоре, благодарение на димензиите од 4.380 милиметри во должина, ширина од 1.810 мм и висина од 1.615 мм. Меѓуосовинското растојание изнесува 2.600 милиметри што остава доволно простор за патниците во кабината, а притоа располага и со багажен капацитет од 330 литри чија врата се ракува електронски.
Volvo под хаубата
Свесни сме дека доаѓа ново време, нова ера. Кинезите атакуваат на Европа, при што доминираат електричните автомобили, но производителите како Geely одбиваат да се предадат и на други полиња, па се обидуваат да се етаблираат на пазарот и со други видови на погони. Coolray треба да докаже дека моторите со внатрешно согорување не се мртви и дека за пристојна сума пари може да се добие многу сериозен пакет кој ќе ги задоволи неговите клиенти, па дури и повеќе. Патем, целосната ознака на автомобилот е Geely Coolray 1.5 TD GF 7 DCT.
При нашата неколкудневна дружба со Coolray можевме да забележиме дека станува збор за исклучително динамичен автомобил кој одлично реагира при секоја наша команда и остава впечаток на задоволство на улиците. Остриот звук од 1,5-литарскиот четирицилиндричен турбо бензинец јасно стави до знаење дека е подготвен одговори на секој предизвик. На располагање се 172 КС, а вртежниот момент е 290 Nm. Системот за стартување е на копче, а моќноста до предните тркала се испраќа преку седумстепениот автоматски DCT менувач кој работи навистина добро, одлично реагира на гасот, менувањето на брзините е брзо и нема „празен од“ при забрзување или претекнување. Впрочем, забрзувањето е мошне убедливо и остава впечаток дека автомобилот располага со многу поголема моќност. Декларираното забрзување до „стотка“ е 7,6 секунди, што е одличен резултат, а од Geely тврдат дека комбинираната потрошувачка на гориво е 5,8 литри на 100 километри.
Кога станува збор за возната динамика, можеме да забележиме дека новиот Coolray е специјално дизајниран за урбани услови. Во понудата се четири режими на возење, па покрај традиционалните режими ECO, COMFORT и SPORT, има и нов SMART режим кој ги препознава навиките за возење и условите на патот и активно го прилагодува погонот за да обезбеди подобро искуство во возењето. Во возење, новиот Coolray е навистина импресивно силен, стабилен и може многу удобно да смести четворица возрасни, со доволно простор за петти човек.
Технологија во изобилие
Како што може да се очекува од кинеските производители кои се обидуваат да се етаблираат на Стариот континент, автомобилот пристигнува со долга листа на опрема и опременост. Технологија има во изобилие, па така новиот Coolray е опремен со напредни системи за помош на возачот, кои вклучуваат ACC (Интелигентна адаптивна контрола на патувањето), AEB (Систем за автоматско сопирање за итни случаи), LDW (систем за предупредување за напуштање лента), BSD (систем за предупредување за слепа точка), TSR (препознавање сообраќајни знаци). систем), SLIF (систем за предупредување за ограничување на брзината). Има и систем за автоматско паркирање (APA), вклучувајќи вкупно 12 радари на предниот и задниот дел на возилото кои обезбедуваат помош при паркирање од сите страни. Корисниците можат едноставно да притиснат едно копче за лесно паркирање на автомобилот со три опции за паркирање.
Кога станува збор за безбедноста при возење, Coolray е опремен со систем за панорамско снимање 540° HD, обезбедувајќи им на возачите целосни информации за околината околу и под возилото. Им помага на возачите не само при паркирање, туку и кога влегуваат во остри кривини додека возат. Истовремено, има 4-канален DVR систем, 6 воздушни перничиња и конструкција на каросеријата со висока цврстина, која максимално ги штити возачот и патниците.
Со сето ова погоре наведено, новиот Geely Coolray претставува сериозен „играч“ кој речиси суверено пркоси пред конкуренцијата. Напредокот во сите полиња е евидентен, а автомобилите од Кина достигнаа ниво на кое се и останатите светски произвоидители. Повеќе од јасно е дека предрасудите остануваат минатото и за очекување е дека со секоја нова моделска генерација ќе ни пристигнуваат се посериозни играчи. Тоа го потврдува и Geely Coolray кој навистина има со што да се пофали, а еден од неговите адути секако е квалитетот на неговото производство.
Технички податоци за Geely Coolray 1.5T 48V EMS AWD
Цена на тестираниот модел: 29.490 евра
Мотор | Euro VI B, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.477 см3 |
пречник и од | 75,6 x 89,0 мм |
степен на компресија | 10,0:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 172 KС при 5.500 min/-1 |
макс. вртежен момент | 290 Nm помеѓу 2.000-3.500 min-1 |
Трансмисија | на предните тркала преку 7-степен автоматски менувач (DCT) |
Потпирање | Напред независен макферсонов систем, назад торзиона оска |
Сопирачки | напред дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 215/55 R18 |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.380 x 1.810 x 1.615 мм |
меѓуоскино растојание | 2.600 мм |
траги (напред/назад) | 1.546 /1.557 мм |
Тежина | 1.432 кг |
максимална тежина | / |
багажен капацитет | 330 литри |
Резервоар | 45 литри |
максимална брзина | 195 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 7.6 секунди |
потрошувачка (просек) | 5,6 л/100 км |
емисија на CO2 | 145 г/км |
Geely Atlas Pro во Македонија
Geely Coolray 1.5 TD GF 7DCT | 29.490 евра |
Повеќе информации во Делфино Мобилити Груп или на www.geely-see.com/mk
Конкуренти
Hyundai Kona | од 29.900 до 43.300 евра |
Nissan Juke | од 25.490 до 40.800 евра |
Chery FX | од 29.500 до 33.400 евра |
Mazda CX-30 | од 26.480 до 41.830 евра |