fbpx

Тест Ford Kuga Active X: Обновена основа за нова иднина

Моделот Kuga е сериозно етаблиран преставник во СУВ сегментот како сестран семеен пакет што нуди разумна количина на простор и изненадувачки добар ангажман зад управувачот за возило од овој тип. Со серијата ажурирања компанијата му дава многу поостар изглед кој е пропратен со неколку нови нивоа на опременост, се со цел да се одржи конкурентен во класата каде нови ривали се појавуваат речиси секојдневно. Како дополнување на добро познатата  бензинската опција се и двете хибридни погонски единици кои ветуваат ниски трошоци на експлатација.

Тест Ford Kuga Active X 2.5 FHEV AWD
Обновена основа за нова иднина

Зрела естетика

Времето не мирува, а тоа добро го знаат и во Ford. Од таа причина Kuga доби низа стилски освежувања кои треба да ја одржат како релевантен избор и понатаму. Ажурирањето базирано на третата генерација се одликува со неколку нови надворешни елементи со цел да се зајакне веќе воспоставениот модерен и спортски имиџ.

Најголемите промени се изведени на предниот дел. Прво што паѓа во очи е решетката за довод на свеж воздух до моторот која поседува далеку поатрактивен облик и наново дизајнираниот браник со големи отвори во чии крајни точки се вметнати светлата за магла. Тука се и целосно променетите светлосни групи кои се поврзани со светечка „coast to coast“ лента  која се протега преку горниот дел давајќи пософистициран и подинамичен изглед на предниот дел на возилото.

Силуетата е речиси идентична, единствено се забележува новиот дизајн на леснометалните бандажи со големина од 18 инчи и пластичните заштитни обраби за поголема „теренска“ естетика. Задниот дел е местото каде се направени најмалку промени. Светлосните групи поседуваат сличен облик и графика како кај претходникот што севкупно создава слика за зрел и издржан изглед. Мора да напоменеме дека од ова издание Kuga покрај Titanium и ST верзиите добива ново ниво на опременост наречено Active кое е повисоко поставено од подлогата и е наменето за оние со авантуристички дух… за целосно потполнување на сликата е задолжена ексклузивната зелена нијанса во која беше изведена надворешноста на нашиот тест примерок.

Тест Ford Kuga Active X 2.5 FHEV AWD
Обновена основа за нова иднина

Функционално и комотно

Покрај измените на екстериерот и уредувањето на внатрешноста на Kuga добива доза на освежувања и модификации. Пред се тука се забележува новиот 12,3 инчен екран за наменет за примарните функции, додека „дисплејот“ наменет за мултимедија сега е драстично поголем  со димензии од 13,2 инчи кој ја користи најновата, четврта иретација на компанискиот SYNC оперативен систем. Повеќето секундарни функции се управуваат преку централниот дисплеј, ракувањето е поедноставено и многу логично, а за тоа е заслужно неговото континуирано развивање и надградување.

Забележлива е употребата на материјали со повисок квалитет за обложување на целата внатрешност и седечките површини. Кога веќе го спомнавме седењето, на предниот дел се седи повишено, дури и со поставување на возачкото седиште во најниската позиција. Ова му дава на возачот одлично чувство за контрола над возилото и секако добар поглед на опкружувањето. Компанијата Ford го става акцентот на максимизирање на просторот што е евидентно на задните седишта кои делуваат над просекот ветувајќи високо ниво на комоција и на покрупните сопатници.

Од друга страна, габаритот на багажниот простор изнесува 421 литри во стандардната конфигурација, што е само просечна големина за класата, додека со соборување на задната клупа зафатнината се зголемува на 1.534 литри со што пак е овозможен транспорт на покабасти предмети. Комплетната опременост и модерната технологија покажува дека Kuga е наменета за семејството, бидејќи овој SUV со средна големина поседува се што е во моментов актуелно во индустријата.

Тест Ford Kuga Active X 2.5 FHEV AWD
Обновена основа за нова иднина

Рафинирана ефикасност

Со последните измени е опфатена и моторизацијата кај Kuga, дизелската верзија е испратена во историјата, а понудата се базира на три мотори кои како примарно гориво користат бензин. Изборот стартува со 1.5 литарски турбо бензински модел, следен од самопонечка (FHEV) хибридна опција, додека врвот е резервиран за најсофистицираната приклучна (PHEV) хибридна верзија.

На неколкудневно дружење ни беше одстапена FHEV моделот што комбинира 2,5-литарски бензински мотор со 152 КС и електро мотор со 125 КС што енергијата ја добива од мала 48 волтна батерија со капацитет од 1,1 kWh чија цел е да обезбеди максимална моќност и ефикасност. Вкупната системска моќ изнесува 183 КС и 320 Нм влечна сила кои се испраќаат кон сите четири тркала преку (е-CVT) автоматски менувач. Една од убавините на оваа конфигурација е тоа што никогаш не треба да барате полнач или да се соочите со вознемиреност во поглед на електро опсегот.

Системот функционира така што ја враќа енергијата која обично се губи додека возилото се движи или забавува и ја користи за дополнување на батеријата што го напојува електро моторот. Ова ви овозможува да возите на кратки растојанија без да се вклучи бензинскиот мотор. Перформансите се сосема задоволителни, од место на мирување до 100 км/ч стигнува за  респектабилни 8,3 секунди, а максималната брзина е речиси 200 км/ч. Декларираната просечна потрошувачка изнесува 5,8 л/100 км, а ние за време на тестот постигнавме 8,4 л/100 км, сепак сметаме дека просекот може да спушти за барем за 1 литар.

Моделот Kuga како и речиси секој производ на Ford го користи максимумот од својата шасија, што значи дека oва е СУВ модел на кој свијоците на патишта му „легнуваат на прва“, чувството на доверба доаѓа од прецизното управување кое е како составен дел на карактерот. Ако на се се додаде и погонот на сите тркала, како и неколкуте „модови“ на работа со него можете слободно да планирате авантури за кои одредени конкурентски модели не ни помислуваат.

Рестилизираната Kuga се разликува од соперниците по неколку единствени можности, а една од нив е секако и опцијата за погон на сите тркала, што е веќе реткост кај моделите во овој сегмент. Од друга страна пак изгледот прави да биде сеуште атрактивен предлог кој се надополнува со просторот во кабината и инплементираната нова технологија што смело го носи моделот напред во времето.

Тест Ford Kuga Active X 2.5 FHEV AWD
Обновена основа за нова иднина

Цена на тестираниот модел: 54.900 евра

Технички податоци за Ford Kuga Active X 2.5 FHEV AWD
Мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 2.488 см3
пречник и од 89,0 x 100,0 мм
степен на компресија 13,0:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото
максимална моќ 152 KС (112 kW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 200 Нм при 4.500 min-1
максимална моќ на ел.мотор 125 KС (92 kW) при 0 min/-1
макс. вртежен момент /// Нм при 0 min-1
максимална системска моќ 183 KС (135 kW)
макс. вртежен момент 320 Нм при 2.000 – 4.000 min/-1
Трансмисија на  сите четири тркала преку безстепен CVT менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 225/60 R18 (напред) 225/60 R18 (позади)
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.645 x 1.882 x 1.683 мм
меѓуоскино растојание 2.711 мм
траги (напред/назад) 1.599/1.590 мм
Тежина 1.690 кг
максимална тежина 2.315 кг
Багажник 421/1.534 литри
Резервоар 54 литри
капацитет на батерија 1,1 kWh
максимална брзина 196 км/ч
забрзување 0-100 км/ч 8,3 секунди
декларирана просечна потрошувачка 5,8 л/100 км
емисија на CO2 130 г/км

Ford Kuga во Македонија

Ford Kuga Titanium 1.5 EcoBoost 32.900 евра
Ford Kuga ST-Line 1.5 EcoBoost 34.900 евра
Ford Kuga ST-Line 2.5 FHEV 44.500 евра
Ford Kuga ST-Line X 2.5 FHEV AWD 54.900 евра
Ford Kuga Active 2.5 FHEV AWD 48.500 евра
Ford Kuga Active X 2.5 PHEV 60.900 евра

Повеќе информации во Гранд Ауто на тел. +389 2 307 3103 или на www.ford.mk

Конкуренти:

Renault Austral од 34.540 до 53.540 евра
Toyota RAV4 од 42.290 до 58.990 евра
Volkswagen Tiguan oд 42.903 до 58.907 евра
Peugeot 3008 од 35.780 до //./// евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button