fbpx

Тест Opel Astra Edition: Едноставност која импресионира

Иако на хартија располага со послаб мотор и основно ниво на опременост, Astra Edition нуди врвна технологија, комфор и одлична возачка динамика

Opel Astra, веројатно најпознатиот модел на германскиот производител, веќе долго време е синоним за квалитет, иновација и европска автомобилска традиција. Лансирана во 1991 година како наследник на легендарната Kadett, Astra успеа да ги задоволи потребите на широк спектар купувачи, од семејства до љубители на автомобили, благодарение на својата практичност, сигурност и динамичност. Со текот на годините, моделот доживеа бројни еволуции, секогаш останувајќи во чекор со технолошките напредоци и потребите на пазарот. Денес, Astra ја слави својата шеста генерација, која продолжува да ги поместува границите на автомобилската индустрија со напредни технологии и подобрен дизајн.

Тест Opel Astra 1.2 Turbo MT6 Edition

Успехот на Opel Astra низ децениите е неспорен. Овој автомобил, кој се произведува и продава ширум светот, стана еден од најпопуларните модели во C-сегментот. Astra често се истакнува како бестселер во својата класа, благодарение на комбинацијата на стил, функционалност и пристапност. Со воведувањето на електричните и хибридните погонски системи, Astra уште еднаш покажува дека може да остане релевантна и во ерата на електрификација. Откако претходно имавме можност да ја возиме целосно електричната верзија на Astra, како и дизел изведбата, на ред дојде и оваа со 1,2-литарски турбо мотор, давајќи ни можност детално да го запознаеме овој автомобил од различни перспективи.

Дизајн што привлекува внимание

 

Astra секогаш се издвојувала по својот привлечен дизајн, а шестата генерација го унапредува ова на ново ниво. Новиот дизајнерски јазик на Opel, познат како Opel Vizor, доминира на предниот дел, каде што се истакнуваат елегантните Matrix LED фарови инкорпорирани во сјајниот црн панел. Ова не само што го прави автомобилот визуелно импресивен, туку и му додава на функционалноста со подобрено осветлување и безбедност. Системот Intelli-LUX LED Pixel обезбедува неверојатна прегледност на патот, со 84 LED модули во секој фар, што го прави овој систем 4 пати поефикасен од конвенционалните решенија кај конкурентите.

Екстериерот на новата Astra е исто така резултат на внимателен инженеринг. Спортскиот дизајн со пет врати и зголеменото меѓуоскино растојание од 2.675 милиметри придонесуваат за подобрена просторност во кабината, додека нискиот профил му дава динамичен и агилен изглед на автомобилот. Со должина од 4.374 милиметри и ширина од 1.860 милиметри, Astra не само што изгледа спортски, туку и нуди доволно простор за патници и багаж. Багажниот простор од 422 литри е повеќе од доволен за секојдневни потреби, што го прави моделот практичен како за градско возење, така и за подолги патувања.

Рушење на стереотипите

Тестираниот модел, Opel Astra 1.2 Turbo 110 MT6 Edition, се карактеризира со 1,2-литарскиот трицилиндричен турбо-бензин мотор кој испорачува 110 коњски сили при 5.500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент од 1.750 вртежи. Овој мотор е спарен со мануелен шестстепен менувач, кој обезбедува лесно и прецизно менување на брзините. Во комбинација со добро одмерените односи на менувачот, Astra постигнува забрзување до 100 km/h за 10.5 секунди и максимална брзина од 199 км/ч.

Тест Opel Astra 1.2 Turbo MT6 Edition

Возењето со оваа конфигурација се покажа исклучително задоволително. Турбо моторот обезбедува линеарно забрзување, без да се чувствува недостаток на моќност, дури и при поагресивни маневри. Препознатливиот звук на трицилиндарскиот мотор додава на карактерот на возилото, додека системот на потпирање овозможува комфор и стабилност во комбинација со дадената погонска група. Макферсоновата суспензија напред и торзионната оска назад обезбедуваат баланс меѓу удобноста и контролата, овозможувајќи прецизно управување дури и при поголеми брзини или свиоци. Општиот впечаток е дека Astra одлично се справува со урбаниот терен, но и на автопат, каде што може да „плови“ со леснотија и тишина во кабината.

Опрема на која може да се позавиди

Ентериерот на Astra се истакнува по својата дигитализација и удобност. Тестираниот модел доаѓа со 10-инчен дигитален инструмент кластер и инфозабавен екран, кои се лесни за користење и визуелно атрактивни. Pure Panel концептот на Opel нуди чист и интуитивен интерфејс за возачот, со можност за персонализација на поставките. Освен тоа, дигитализацијата вклучува и систем за препознавање на возачот преку паметен телефон, овозможувајќи лесно управување со личните преференции.

Тест Opel Astra 1.2 Turbo MT6 Edition

Во однос на комфорот, предните AGR седишта, нагодливи во повеќе насоки, обезбедуваат високо ниво на поддршка и удобност за возачот и патниците. И покрај тоа што се работи за модел со пониско ниво на опременост во споредба со повисоките изведби, Astra Edition сепак доаѓа со значителен сет на опции. LED светла, електрична паркинг-сопирачка, мултифункционален управувач обложен со кожа и системи за активна безбедност се дел од стандардната опрема.

Во тестираниот модел, како дополна доаѓаат и два пакети. Едниот од нив е Comfort пакетот кој со себе носи греење на спортските седишта, додека возазчкото седиште нуди електронско подесување за врвен комфор Тука се и затемнетите странични прозорци, преден наслон со USB-приклучок и уште неколку други детали. Пакетот Tech Pro вклучува панорамска паркинг камера и безжичен полнач за мобилен телефон. Сето ова само по себе покажува дека дури и со основниот модел, возачите добиваат ниво на комфор и технологија што до неодамна беше резервирано само за премиум сегментот.

Opel Astra 1.2 Turbo 110 MT6 Edition е извонреден пример за тоа како еден автомобил може да понуди многу повеќе од својата цена и сегмент. Со модерен дизајн, квалитетна изработка и напредна технологија, Astra го потврдува својот статус на лидер во класата. Трите цилиндри на моторот можеби звучат скромно на хартија, но во реалниот свет, Astra нуди забавно и агилно возење, без компромиси во однос на удобноста и функционалноста.

Тест Opel Astra 1.2 Turbo MT6 Edition

Технички податоци за Opel Astra 1.2 Turbo 110 MT6 Edition

Мотор Euro VId, бензин, четиритактен, трицилиндерски, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 cm3
пречник и од 75.0 x 90.5mm
степен на компресија 10.5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 110 KС (81 kW) при /5500 min/-1
макс. вртежен момент 205 Nm при 1.750 min-1
Трансмисија на предни тркала преку 6 степен рачен менувач
Потпирање напред независен McPherson систем, спирални пружини, стабилизатори, назад полукрута осовина, спирални пружини, стабилизатори
Сопирачки напред вентилирачки дискови назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 205/55 R16
Каросерија хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.374 x 1.860 x 1.470 mm
меѓуоскино растојание 2.675 mm
траги (напред/назад ) 1.559/1.554 mm
Тежина 1.332 kg
максимална тежина 1.820 kg
Багажник 422/1.339 литри
Резервоар 52 литри
максимална брзина 199 km/h
забрзување 0-100 km/h 10.5 секунди
просечна потрошувачка 5,4-5,5 l/100 km
емисија на CO2 123-126 g/km

Повеќе информации на официјалниот сајт или во продажно-дилерската мрежа на Opel во Македонија.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.
 

Поврзани вести

Back to top button