fbpx

Возевме Opel Astra Electric: Иднината е електрична

Во Берлин и неговата поблиска околина имавме можност да ја испорбаме новата Opel Astra Electric која се приклучува во електричниот свет на компактите со мотор од 156 КС и радиус на движење од речиси 420 километри

Измина речиси година и половина од кога во Португалија на интернационалната презантацијата на шестата генерација на Opel Astra имавме можност да ги испробаме бензинската и дизел изведба. Најавени за скоро пристигнување на пазарот беа елетрифицираните plug-in хибриди, но последната коцка во сложувалката недостасуваше! Ги запрашавме домаќините дали и кога моделот ќе добие целосно електричен погон? На што добивме воздржан и краток одговор: Бидете трпеливи, работиме на тоа поле, повеќе опции се во игра, ако се оди според планот наскоро ќе имаме нешто многу интересно. Речено-сторено, на покана од Еуроимпекс, регионалниот импортер за возилата од гамата на Opel, отпатувавме во Берлин каде што не пречека новата Astra Electric. Првата од својот вид во 100% електрична форма која ја дополнува зацртаната насока на брендот во својата целосно електрична трансформација закажана за 2028 година.

Разликата е во деталите

Она што особено ни се допаѓа во случајов е тоа дека новата Astra Electric не го  менува изгледот како што практикуваат некои конкурентски модели со цел да ја покаже својата елетрична припадност. Тука се користи јасната силуета и смелиот дизајн прикажан предходно кај останатите верзии, додека промените и новите технологии се концентрирани онаму каде што се најважни, длабоко под кожата. Моделот Astra Electric комбинира самоуверен изглед со напредна, целосно електрична технологија за возење без издувни гасови што го посочува патот кон новата ера на одговорни перформанси и забавно возење.

Opel Astra Electric

Од дизајнерски аспект, на надворешноста забележливо е дека Astra Electric како основа го користи GS нивото на опременост што во себе содржи поспортски браници, двобојна каросерија и аероднимични леснометални тркала уникатни развиени за неа. Во кабинскиот простор сликата се реплицира. Тука се е речиси исто но, со одредени подобрувања. Информациите пред возачот се прикажани на новоразвиениот Pure Panel Pro кој што е составен од два 10 инчни екрани кои ја спречуваат рефлексијата на светлината, додека важните поставки како што е контролата на климата сè уште може лесно да се прилагодат со притискање на копче.

Во поглед на безбедноста своја премиера кај Astra Electric има системот Intelli-Drive 2.0, кој интегрира бројни електронски асистенти и ги комбинира за прв пат со полуавтоматско менување лента и интелигентно прилагодување на брзината. Ако целната лента е чиста, „возачкиот асистент“ го насочува автомобилот во саканата лента со мали движења на управувањето. Тука е и интелигентното прилагодување на брзината кое е активно кога возачот ќе го потврди својот одбир на управувачот, тогаш брзината на возилото се намалува соодветно кога ќе се достигне ново ограничување на брзината или ќе се зголеми до максимално дозволената граница.

Нов електричен двигател

Марката ја лансира Astra Electric со новоразвиен електричен мотор со продолжен опсег, овозможувајќи му на автомобилот да ја надмине симболичната граница, да се изминат 400 километри со едно полнење (во комбиниран циклус според WLTP). Моторот и батеријата се дизајнирани да бидат поефикасни и да имаат корист од големите технолошки достигнувања. Новиот хибриден синхрон електричен мотор (HSM) од 156 КС (115 kW) одржува високо ниво на ефикасност со просечни 14,8 kWh/100 км. Овој електромотор е способен да развие 270 Nm вртежен момент кој е веднаш достапен, обезбедувајќи моментална реакција и задоволство при возењето до електронски ограничените 170 км/ч.

Подобрени својства

Вистинскиот капацитет на батеријата значи помала тежина и помала потрошувачка, затоа овие 54 kWh (достапни 51 kWh) се распоредени во 102 ќелии и 17 модули со исклучително компактни димензии. Во поглед на составот високонапонската литиум-јонска батерија има сооднос од 80% никел, 10% манган и 10% кобалт, што резултира со подобрена густина на енергија и подолго траење на батеријата.

Opel Astra Electric

Системот е опремен со течна топлинска регулација и топлинска пумпа, што доаѓа како стандард и овозможува подобри перформанси за брзо полнење, затоа на Astra Electric и се потребни нешто помалку од 30 минути на брз полнач од 100 kW за полнење 20-80% што е исклучително добро постигнување. За да го исполни максималниот радиус на движење од речиси 420 км, треба да биде приклучена окулу 5:30 минути на полнач од 11 kW за да ја напони својата батерија од 0-100%. Батериските ќелии се наоѓа во долниот дел од каросеријата, така што во внатрешноста не се губи простор за патници и багаж. Во основа се достапни 352 литри багажен простор, а со соборени задни седишта, капацитетот се зголемува до 1.268 литри.

Одговорни перформанси и забавно возење

Предноста на ниската положба на батеријата е што го намалува и центарот на гравитација на автомобилот, затоа Astra Electric зазема цврста позиција на патот, што пак го пренесува директно на управувачот за подобро динамично чувство во возењето, а како дополнување доаѓа и зголемената торзиона цврстина за 31 отсто во споредба со веќе извонредните вредности на другите варијанти на моделот Astra. Првото возачко искуство вели дека Astra Electric исполнува се од она што го ветува. Во град е исклучително снаодлива и комуникативна, дури и диајметарот од 18 инчи на тркалата не го нарушуваат конфорот во кабината. На отворен пат делува максимално стабилно и прецизно, одговорот на папучата за забрзување е моментално што допринесува за спортско чувство позади управувачот.

Од компанијата истакнуваат дека новата Astra Electric може да се конфигурира и како Sports Tourer кој ќе биде достапен на купувачите со почетокот есента оваа година. Оваа изведба ја комбинира динамиката на возење со целосно електричниот погон, брилијантното управување и иновативниот Intelli-Space систем, кој го нуди багажниот простор.

Во склоп на евентот, Opel ги прикажа останатите електрифицирани и целосно електрични возила, како од својата патничка, така и од комерцијалната гама и дополнија дека до крајот на годината во понудата ќе имаат вкупно 15 електрифицирани модели. Секако, големо внимание предизвикаа и два исклучителни модели кои не се во комерцијална продажба. Станува збор за моделот Corsa Rally Electric развиен за истоимениот шампионат кој што се одржува во Германија. Ни „киловат“ помалку интерсен не беше ниту уникатниот Rocks e-xtreme кој преставува протеренска изведба за урбана мобилност, а изграден е по дизајн избран на отворен интернационален конкурс.

Поврзани вести

Back to top button