fbpx

ЕВ пазарот во Германија тоне, хибридите во подем

Германската автомобилска индустрија се соочува со тежок период, обележан со штрајкови, внатрешни тензии кај некои од производителите, мерки за намалување на трошоците, и променливи пазарни услови кои влијаат на сите брендови. Иако пазарот на нови возила во ноември забележа минимален пад од 0,5% со 244.544 продадени патнички автомобили, вистинската драма се случува во сегментот на електрични возила (ЕВ), каде продажбата продолжува да опаѓа.

Електричните возила на удар без субвенции

Податоците од Федералниот завод за моторен транспорт (KBA) покажуваат дека продажбата на електрични возила во ноември падна за 22% во споредба со истиот месец лани, со само 35.167 нови регистрации. Ова претставува 14,4% од вкупните регистрации, но далеку од амбициозните цели поставени пред неколку години.

Голем дел од овој пад се должи на одлуката на германската влада да ги укине субвенциите за електрични возила на крајот на 2023 година. Министерот за транспорт, Волкер Висинг, изјави дека пазарот на ЕВ треба да биде самоодржлив без државна помош. Сепак, сегашната состојба покажува дека пазарот сè уште не е подготвен да функционира без поддршка.

Хибридите во подем

Додека електричните возила бележат пад, хибридните возила уживаат пораст. Во ноември, регистрирани се 94.554 хибридни возила, што претставува зголемување од 20,3% во споредба со истиот месец минатата година. Од нив, 20.604 се plug-in хибриди, со раст од 13,7%. Хибридите сега сочинуваат 38,7% од вкупните регистрации, покажувајќи дека потрошувачите се уште сакаат позелени опции, но со традиционална поддршка.

Во меѓувреме, возилата на традиционални горива покажуваат мешани резултати. Продажбата на бензински возила опадна за 5,4%, додека дизелот забележа уште поголем пад од 7,5%.

Tesla и Polestar на удар

Дури и водечките производители на ЕВ не се поштедени. Tesla бележи драстичен пад од 55,1% во ноември, со само 2.103 продадени единици. Од почетокот на годината, продажбата на Tesla во Германија е намалена за 43,6%. Полстар, исто така, бележи пад од 26% во ноември и огромни 52,6% за целата година.

Растечки и опаѓачки брендови

Иако ЕВ производителите се во проблеми, некои традиционални и увозни брендови бележат успех. Toyota, позната по своите хибриди, забележа раст од 104,5% во ноември. Peugeot (+78,5%), Citroën (+16,9%) и Škoda (+16,5%) исто така постигнаа значителен напредок. Од друга страна, Fiat (-39,1%), Kia (-16,9%) и Mazda (-14,3%) забележуваат опаѓање.

Иднината на германскиот пазар останува неизвесна. Додека владата ги укинува субвенциите, а ЕВ се соочуваат со пад, хибридите покажуваат дека потрошувачите сè уште се двоумат да направат целосна транзиција. Ова доведува во прашање и одлуката на ЕУ за забрана на возилата со мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Јасно е дека автомобилската индустрија ќе мора да се адаптира на променливите услови за да ја обезбеди својата иднина.

Поврзани вести

Back to top button