fbpx

Тест Cupra Formentor: Шпански темперамент

Со лансирањето во 2020 година, Formentor инстантно успеа да го привлече вниманието на љубителите на кросовери со својот уникатен карактер и пристап кон креирањето. Иако ја дели основната платформа со неколку модели од Volkswagen групацијата, Formentor успева да понуди попривлечен и подинамичен пакет. Базиран на германското инженерство, проткаен со неспорен шпански темперамент, овој модел е своевиден симбол на независниот дух на брендот Cupra.

Тест Cupra Formentor 1.5 eTSI 150 DSG: Шпански темперамент

Како прв модел на Cupra што не е само спортска изведба на Seat, туку целосно независен производ, Formentor го означи новиот правец на брендот. Овој потег го подигна имиџот на Cupra, трансформирајќи го во самостоен играч со премиум амбиции. Четири години подоцна, Formentor останува најпродаваниот модел на марката, со над 120.000 единици продадени само минатата година, потврдувајќи го неговиот статус како глобален успех. На нашиот пазар, Cupra својата официјална приказна ја започна во октомври оваа година, токму со рестилизираниот Formentor за моделската 2024 година. Иако технички го носи називот SUV, неговите пропорции повеќе наликуваат на спортски хечбек, спојувајќи ги најдобрите аспекти од двата света, практичноста на кросоверите и агилноста на спортските автомобили.

Динамична креација

При првата средба со Formentor веднаш станува евидентно дека моделот зрачи со моќен и авангарден изглед, кој ги комбинира спортските линии со практичноста на кросовер. Во новата рестилизирана верзија сето тоа е надградено преку внесувањето на најсовремените дизајнерски трендови, правејќи го автомобилот визуелно посебен и лесно препознатлив.

Измените се најзабележливи на предниот дел, тука дизајнот се одликува со елегантна но и агресивна форма, позната како „нос на ајкула“, која ја заменува традиционалната решетка. Ваквиот пристап му дава модерна, аеродинамична и чиста естетика на предниот дел. Во склопот влегуваат и новите LED светлосни групи со триаголен мотив кои додаваат футуристички допир, обезбедувајќи стил и одлична осветленост.

Покрај тоа што се класифицира како возило од SUV категоријата, Formentor има спортски став, со некарактеристична ниска кровна висина и прецизно дефинирани странични линии кои создаваат чувство на движење дури и кога автомобилот стои во место. Во целата слика свој печат става и дизајнот на алуминиумските тркала, кои се тука дополнително да ја нагласат и зголемат неговата визуелна привлечност.

На задниот дел погледот го привлекува централно поставеното и осветлено лого на Cupra кое преставува своевиден мост што ги поврзува задните светлосни склопови, додавајќи доза на премиум изглед и препознатливост, особено навечер. Типичните Cupra бронзени елементи, присутни на амблемите и делови од тркалата дополнително го изразуваат идентитетот на брендот. Моделот Formentor со својот надворешен изглед привлекува максимално внимание, ќе речеме, очекувана рефлексија на неговата динамична креација.

Спортска, комфорна и естетска

Кабинскиот дел во Formentor го следи теркот што е презентиран и на надворешноста, умешно го комбинира динамичниот карактер на спортски автомобил со комфорот и технолошката напредност на премиум возило. Секој детал е внимателно дизајниран за да создаде уникатно возачко искуство, каде што стилот, функционалноста и модерната технологија се обидуваат да го постигнат совршениот баланс. Материјалите се внимателно одбрани, со меки облоги и бронзени детали на стратегиски места како што се вентилациските отвори и управувачот задржувајќи го препознатливиот Cupra идентитет.

Спортските седишта со интегрирани потпирачи за глава обезбедуваат извонредна поддршка и удобност, особено при динамично возење. Покрај спортската природа, позицијата на седење е за нијанса повисока и ергономска, овозможувајќи добра прегледност на патот. На спортскиот управувач, на долната лева страна е поставено копчето за активирање на возачките модови со што е додадена дополнителна доза на спортски дух во целата атмосферата. Во пракса кабината е изведена на начин да  понуди доволно простор за сите патници, со изненадувачки комфорна задната клупа, особено ако се земе во предвид спортскиот профил на самото возило.

Просторот за одлагање на багаж е исто така практичен, со капацитет од речиси 450 литри слободно ќе отпатувате на подолг семеен одмор. Дигиталната инструмент табла со дијагонала од 10,25 инчи се грижи за сите релевантни податоци, а воедно овозможува и приказ на податоците на неколку различни начини. За речиси сите останати функции се грижи 12.9 инчниот екран на допир, кој работи на софистицираниот „MIB4“ софтвер, кој нуди одлична графика и брза реакција, Сепак, контролите за управување со клима уредот се интегрирани на екранот, што  ги прави малку комплицирани за користење во возење. Внатрешноста е силна страна на Formentor, со нагласена премиум естетика на спортското опкружување.

Тест Cupra Formentor 1.5 eTSI 150 DSG: Шпански темперамент

Забавен придружник

Времето во кое живееме неспорно притиска и бара од производителите во понудата да вклучуваа палета на агрегати кои треба да одговорат на најразличните барања на купувачите. Поради тоа Formentor се истакнува со моторизација која се состои од високоперформансни бензински, дизелски, PHEV и Mild Hybrid“ опции кои силата ја испраќаат на предните или на сите четири тркала, прилагодени за различни потреби и преференции.

Во тестираниот модел беше вграден 1,5-литарски eTSI мотор со 48-волтна хибридна технологија и компактна литиум-јонска батерија. Овој систем овозможува помош при кратки засилување, но има и „coasting“ режим на работа преку кој се деактивираат два од четирите цилиндри, што резултира со пониска потрошувачка на гориво и намалена емисија на штетни гасови. Formentor со оваа моторизација го исполнува ветување за забавен придружник во секојдневниот сообраќај. Неговите 150 КС и 250 Nm вртежен момент се совршено координирани со 7-степениот DSG автоматски менувач, кој обезбедува брзи и прецизни реакции. Дополнително, Formentor нуди неколку режими на возење кои дозволуваат персонализација според желбите на возачот. Забрзувањето до 100 км/ч се постигнува за 8,9 секунди, додека максималната брзина достигнува 205 км/ч.

Тест Cupra Formentor 1.5 eTSI 150 DSG: Шпански темперамент

За време на тестот забележавме просечна потрошувачка од 7,9 литри на 100 километри, што е сосема прифатливо имајќи го предвид спортскиот карактер на возилото. Управувањето е директно и одговара на спортските амбиции на моделот. Сепак, кај конкретниот примерок адаптивното подвозје е вистински адут, иако е спортски настроено, останува комфорно дури и на 19 инчни тркала, лесно апсорбирајќи ги нерамнините на патот. Без разлика дали возите во град, на отворен пат или на автопат, Formentor секогаш импресионира со својата агилност и прецизност, оставајќи впечаток на целосна подготвеност за секој предизвик.

Со модернизацијата на Formentor, Cupra јасно ја зацврстува својата позиција во сегментот на спортски кросовери. Смелиот дизајн, технолошките иновации и широката понуда на погонски опции го прават овој модел многу сериозна алтернатива на конкурентите во премиум класата.

Цена на тестираниот модел: 39.200 евра

Технички податоци за  Cupra Formentor  1.5 eTSI 150 DSG

Мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.498 см3
пречник и од 74,50 x 85,90 мм
степен на компресија 12,0:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото
максимална моќ 150 KС (110 kW) при 5.000-6.000 min/-1
макс. вртежен момент 250 Нм при 1.500-3.500 min-1
Трансмисија на предни тркала преку 7 степен (DSG) автоматски менувач
Потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 245/40 R19 (напред) 245/40 R19 (позади)
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.451 x 1.839 x 1.528 мм
меѓуоскино растојание 2.680 мм
траги (напред/назад ) 1.585./1.559 мм
Тежина 1.480 кг
максимална тежина 2.000 кг
Багажник 420-450 литри
Резервоар 50 литри
максимална брзина 205 км/ч
забрзување 0-100 km/h 8.9 секунди
просечна потрошувачка 4,1/6,0/4,8 л/100 км
емисија на CO2 130 г/км

Cupra Formentor во Македонија

Cupra Formentor 1.5 eTSI DSG 150 35.125 евра
Cupra Formentor 2.0 TDI DSG 150 36.010 евра
Cupra Formentor 2.0 TSI DSG 204 4×4 36.637 евра
Cupra Formentor 1.5 eHYB DSG 204 41.807 евра
Cupra Formentor VZ 2.0 TSI DSG 265 41.048 евра
Cupra Formentor VZ 1.5 eHYB DSG 272 45.836 евра
Cupra Formentor VZ 2.0 TSI DSG 333 4×4 50.695 евра
Cupra Formentor 1.5 TSI S&S 150 32.252 евра

 

Повеќе информации во Porsche Македонија на тел. (02) 26 03 771 или на www.cupraofficial.mk

Конкуренти:

BMW X2 oд 47.310 до 75.410 евра
Audi Q3 Sportback oд — . — до — . — евра
Mercedes GLA oд — . — до — . — евра
Range Rover Evoque oд — . — до — . — евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button