fbpx

Тест Toyota Camry: Рафинирање на софистицираниот карактер

Camry е пример за тоа како еден легендарен модел може да се развива со текот на времето и да остане релевантен и во денешните пазарни околности. Со впечатлив дизајн, комфорна кабина и напредна хибридна технологија, овој автомобил е создаден за оние кои од автомобилот бараат за нијанса „потивок“ стил и ненаметливост, проткаен со иновации и практичност кои реално можат да се искористат во секојдневна употреба.

Моделот Camry повеќе од четири децении претставува глобален модел на Тојота, поставувајќи стандарди во сегментот на седани. Како еден од најпродаваните автомобили и статусот на знаменосец на марката Toyota во многу пазари, Camry има оставено траен белег во авто индустријата со постигнатите резултати. Од своето деби во 1982 година, продадени се повеќе од 21 милион примероци ширум светот.

Елегантна функционалност

Компанијата Toyota со моделот Camry создаде вистински пример за тоа како да се комбинира премиум дизајн со аеродинамична функционалност. Неговиот изглед е рафиниран до последниот детаљ, оставајќи впечаток на софистицираност и спортски дух. На прв поглед, предниот дел на Camry го привлекува вниманието со својата широка, трапезоидна решетка, поставена ниско за да нагласи динамичниот став на автомобилот. Тенките LED светлосни групи се остро дефинирани, како да сечат низ воздухот, а нивната графика е внимателно дизајнирана за да оддава чувство на технолошка напредност.

Во подножјето, агресивно поставените отвори за воздух додаваат на визуелниот впечаток, a воедно и ја подобруваат аеродинамиката. Од страна, Camry е изведен со  чисти, но динамични линии кои се извиваат долж возилото, создавајќи чувство на континуитет и брзина. Линијата на кровот се спушта кон задниот дел во стил на купе, што придонесува за спортска естетика, но без компромис во однос на пространоста на кабината. Алуминиумските тркала од 18 инчи имаат дизајн кој ја акцентира класичната елеганција. На задниот дел доминираат светлосните групи кои поседуваат изразен дизајн што создава широк и стабилен визуелен впечаток.

Моделот Camry е автомобил кој преку секој детал на надворешноста пренесува уникатна приказна за естететиката и стилот кој полека оди во заборав, со се поголемото присуство на „СУВ“ и „Кросовер“ моделите. Можеби баш поради тоа Camry предизвикува реакции каде и да се појави. Без разлика дали сте на семафор во метеж или на паркинг, секогаш ќе најдете некој кој љубопитно ќе се загледа или ќе ви постави прашање за автомобилот. Овој дизајн не е само визуелно привлечен, тој е внимателно изработен за да рефлектира софистицираност, елеганција и карактер.

Хармонија на јапонски начин

Внатрешниот дел на Camry претставува хармонија од премиум материјали, напредна технологија и ергономски дизајн, создавајќи средина што е подеднакво удобна и инспиративна за возење. Веднаш штом ќе влезете, кабината на Camry зрачи со префинетост. Панелите на вратите и инструменталната табла се обложени со меки материјали а наокулу се сретнуваат и суптилни акценти кои го подигнуваат искуството. Централната конзола е внимателно ориентирана кон возачот, овозможувајќи интуитивно управување со сите функции.

Тест Toyota Camry 2.5i Hybrid Luxury

Ергономскиот дизајн на седиштата обезбедува одлична поддршка за грбот во секојдневна употреба, но и на подолгите патувања. Инструменталната табла е дигитална и се состои од  12,3-инчен дисплеј  со јасна и прилагодлива графика. На неа може да се прикажуваат персонализирани информации од типот на работата на хибридниот систем и навигацијата. Централниот екран дијагонала од 12,3 инчи  го претставува срцето на мултимедијалниот систем, кој поддржува Apple CarPlay, Android Auto и гласовни команди. Брзината на одзивот и интуитивноста на интерфејсот се значително подобрени од она што го познаваме од предходно, нудејќи корисничко искуство на највисоко ниво. За љубителите на звукот, аудио систем на реномираниот JBL со 9 звучници обезбедува кристално јасен звук и богато аудио доживување.

Во поглед на просторот Camry го поседува во изобилство, а како доказ е „раскошот“ што им на располаганње на патниците на задната клупа, Имено, како што доликува на вистинска „директорска лимузина“ лицата кои патуваат на задната клупа можат да управуваат со аудио системот, греењето на седиштата и подигањето на ролетната на задното стакло. Дека станува збор за лимузина која сериозно оди кон границата од 5 метри и дека луксузот на задната клупа не оди на штета на багажниот дел докажува со капацитет од 524 литари што е габарит кој е на ниво како кај останатите модели од сегментот. Со својата напредна технологија, врвен комфор и луксузни детали, Camry создава возачко искуство што остава впечаток. Без разлика дали сте возач или патник, секое патување во овој автомобил е вистинско уживање.

Одличен баланс помеѓу моќ и ефикансонст

Моделот Camry е еден од најдобрите примери за успешна интеграција на економичноста, перформансите и еколошката свест. Погонски систем комбинира модерна хибридна технологија со проверена механика, што резултира со супериорно возачко искуство. Хибридниот погон од петатата генерација комбинира 2.5-литарски, 4-цилиндерски бензински мотор со Atkinson циклус и  електромотор со висока ефикасност кој е напојуван од литиум-јонска батерија.

Системската моќност од 231 КС е доволно за брзо и енергично возење, без компромис со потрошувачката на гориво. Електромоторот обезбедува моментален вртежен момент, што е особено корисно при стартување и забрзување, додека бензинскиот мотор ги презема долгите патувања и високите брзини. Забрзување од 0 до 100 км/ч за 7,2 секунди, со мазен и речиси безшумен пренос на силата преку електронски контролирана CVT трансмисија (E-CVT), која обезбедува непрекинато и мазно трансфер на силата. Трансмисијата е оптимизирана за хибридниот систем, обезбедувајќи максимална ефикасност и удобност, без традиционалните „шокови“ на менувањето брзини.

Тест Toyota Camry 2.5i Hybrid Luxury

Максимална брзина од 180 км/ч е електронски ограничена. Но, вистинската моќ на овој систем се чувствува во неговата ефикасност. Просечната потрошувачка на гориво од само 6,7 литри на 100 километри го прави идеален избор и за градско и за патничко возење. Како воспоставена пракса се и режимите на возење кои треба да овозможат прилагодливост за секоја ситуација. Па така, „EV“ модот на работа ја користи исклучиво  електричната енергија што овозможува користење на кратки дистанци во градско возење при пониски брзини. „Eco“ режимот ја оптимизира потрошувачка на гориво и е идеална за долги патувања. Во „Normal“ модот балансот е поставен помеѓу перформанси и ефикасност, додека во „Sport“ режим на работа е зголемен одзивот на педалот, електромоторот ја дава својата максимална подршка во забрзувањето и динамично возење.

Автомобилот е дизајниран да обезбеди рафинирано возачко искуство, благодарение на платформата, која му дава ниско тежиште и подобрена стабилност во свиоци. Суспензија на предната страна е изведена по примерот на MacPherson, додека на задниот дел има „мултилинк“ потпирање. Ова комбинација е калибрирана овој автомобилот да биде удобен на нерамни патишта, а во исто време повеќе од доволно прецизен при управување. Camry слободно може да вброи во групата на патни крстосувачи. Автопатот е неговата природна средина каде плива како риба во вода, додека во градската гужва делува малку несвојствено за неговите габарити, од друга страна пак токму во град хибридниот систем најмногу ги покажува своите врвни можности за ефикасност.

Тест Toyota Camry 2.5i Hybrid Luxury

На крајот од денот кога треба да сумираме, останува само да се надоврземе на постоечките факти. Моделот Camry е простран и софистициран седан кој комбинира елегантен дизајн, врвна удобност и проверена издржливост. Со присуство на пазарот кое трае повеќе од 40 години преставува своевиден симбол за сигурност и квалитет, нудејќи напредна технологија, солидна возна динамика и врвна економичност.

Цената на тестираниот примерок 52.990 евра

Технички податоци за Toyota Camry 2.5i Hybrid Luxury:
Мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 2.487 cm3
пречник и од 87,50 x 103,48 mm
степен на компресија 14,0 : 1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото,
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 185 KС (137 kW) при 6.000 min/-1
максимална моќ на преден електро мотор 120 КС (89,5 kW)
максимална моќ на хибриден систем 231 КС (172,5 kW)
макс. вртежен момент 221 Nm при 3.400-5.200 min-1
макс. вртежен момент на електро мотор 202 Nm
трансмисија на предни тркала преку E-CVT безстепен автоматски менувач
потпирање напред независен McPherson-oв систем, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/45 R18
каросерија седан со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.885 x 1.840 x 1.445 mm
меѓуоскино растојание 2.825 mm
траги (напред/назад) 1.590/ 1.615 mm
тежина 1.635 kg
максимална тежина 2.100 kg
багажен капацитет 524 литри
резервоар 50 литри
максимална брзина 180 km/h
забрзување 0-100 km/h 7.2 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,5/ 4,7/ 4,3 л/ 100 km
емисија на CO2 100 г/км

Toyota Camry во Македонија:

Toyota Camry 2.5 Hybrid Auto Comfort 44.490 евра
Toyota Camry 2.5i Hybrid Auto Executive 45.990 евра
Toyota Camry 2.5i Hybrid Auto Elegance 48.990 евра
Toyota Camry 2.5i Hybrid Auto Luxury 52.990 евра

Повеќе информации во Toyota Авто Центар или на тел. (02) 3088 880

Конкуренти:

Škoda Superb oд 37.750 до 55.640 евра
Hyundai Sonata oд 33.500 до 44.500 евра
Citroen C5 X од 36.990 до 52.490 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button