Тест Lynk&Co 01 PHEV: Свежа визија
Со иновациите и одржливоста како главни двигатели на современата автомобилска индустрија, компаниите постојано истражуваат нови начини за да се приближат до купувачите. Некои одат чекор понатаму и создаваат сосема нови брендови со свеж пристап, како што е примерот со Lynk & Co. Нивниот дебитантски модел, 01 PHEV, ја отелотворува визијата за тоа како модерните автомобили можат да ја обединат ефикасноста, врвните перформанси и софистицираниот стил.
На самиот почеток накратко да појасниме, Lynk & Co е глобален автомобилски бренд кој е создаден како резултат на соработката помеѓу Geely Auto Group и Volvo Car Group. Со својата понуда што ги задоволува потребите и барањата на новата генерација глобално поврзани корисници, претставува предизвик за традиционалната автомобилска индустрија. Новонастаната марка е дизајнирана во Шведска, додека возилата се произведуваат во модерните фабрики на Geely во Кина. Поради тесната поврзаност, истите ги споделува технолошките решенија како што се моторите и платформите со возилата на Volvo и Geely, во конкретниов случај тоа е Volvo XC40.
Кинески дизајн со скандинавска естетика
Lynk & Co 01 е возило што ја комбинира модерната скандинавска естетика со иновативниот кинески дизајн, создавајќи уникатена и впечатлива креација. Неговата надворешност изобилува со елементи што истовремено оддаваат премиум чувство и авангарден пристап, истакнувајќи ја неговата урбана и футуристичка природа. Предниот дел на Lynk & Co 01 е еден од највпечатливите аспекти на неговиот дизајн. Доминираат тенките, хоризонтални LED светла позиционирани на врвот на хаубата, што му даваат остар и агресивен изглед. Светлата за дневно возење се интегрирани како дел од овој карактеристичен “поглед”, додека главните светла се поставени пониско на браникот, што дополнително го нагласува неговиот иновативен дизајн. Предната решетка е изведена минималистички, со линија во сина боја која се протега под неа како суптилен детал, што додава доза на индивидуалност. Страничниот профил има чисти и динамични линии, што воедно создаваат елегантна, но моќна силуета. Покривната линија благо се спушта наназад, што му дава кросовер-купе изглед, додека црниот покрив и контрастните сино обоени елементи додаваат спортски карактер. Неговите 20-инчни алуминиумски фелни со уникатен дизајн и сини детаљи совршено го заокружуваат профилот на модерен автомобил. Задниот дел ја продолжува футуристичката тема која ја сретнувате на предниот крај. Широката и хоризонтално поставена LED светлосна група визуелно го проширува автомобилот. Логото на брендот гордо е поставено во центарот на петата врата, додека под него се наоѓа минималистички обликуваниот браник со дифузер. Спортските двојни издувни цевки ја потенцираат неговата динамика, додека задниот спојлер е тука да го дополни аеродинамичен профил. Со својата уникатна надворешност, моделот 01 не е само SUV, туку изјава за индивидуалност и урбана софистицираност, совршено вклопувајќи се во современиот стил на живот. Мала е веројатноста да го помешате со возило од друг бренд, како појава се разликува од кој било друг кросовер на пазарот во моментов, но во исто време не претерува во поглед на дизајнот.
Интелигентно оптимизирана средина
Внатрешноста кај моделот 01 зрачи со современа естетика која е инспирирана од скандинавскиот минимализам, но со динамични акценти кои додаваат младешки карактер. Повеќето површини се обложени со иновативни меки на допир материјали, што само по себе додава чувство од повисоката класа. Нивниот квалитет игра доминантна улога, во интеграција со акцентирани детали кои се дискретно поставени во кабината ја нагласуваат софистицираната природа на возилото. Пространата внатрешност е ергономски оптимизирана, нудејќи максимална удобност за сите патници. Предните седиштата се дизајнирани со комфор во прв план, одлични за долги патувања, со завидно ниво на прилагодување и добра странична потпора. За патниците на задните седишта се обезбедени пространи позиции што овозможуваат доволно место за нозете и главата, дури и за нестандардно високи патници. Дополнително, задната клупа може да се преклопи во сооднос 60:40, ослободувајќи повеќе простор за багаж (до 1.213 литри) секако, доколку не ви се доволни оние 466 литри со кои располага во стандардната конфигурација. Како и што доликува, моделот 01 е опремен со најсовремена технологија, што го прави вистински интелигентен SUV. Во центарот на кабината се наоѓа голем 12,7 инчен централен екран на допир, преку кој се контролираат сите инфозабавни и функционални системи. Екранот е интуитивен, со брз одзив и модерен интерфејс кој постојано се обновува, воедно поддржува Android Auto и Apple CarPlay поврзување без употреба на кабел. Сите примарни информации, возачот ги добива преку 12,3 инчен дигитален инструмент панел, кој може да се прилагоди според потребите. Од информации за брзина и потрошувачка, до навигација и предупредувања за безбедност, се е изведено јасно и лесно читливо. Дополнително, амбиентално осветлување може да се прилагодува во повеќе бои, создавајќи релаксирачка атмосфера, особено при при ноќно возење. Не смееме да го заборавиме и напредниот аудио систем од програмата на Infiniti со 10 висококвалитетни звучници кој се грижи за одличното звучно искуство. Внатрешноста на моделот 01 создава извонредно балансирана средина каде висококвалитетните материјали и современите технологии создаваат комфорно искуство за сите патници.
Моќен дует
Основата на моделот 01 PHEV е неговиот напреден погонски систем кој комбинира 1.5 литарски трицилиндерски турбо бензински агрегат и електричен мотор. Бензинецот произведува 180 КС и 265 Nm вртежен момент, што и самите по себе се доволни за динамично возење. Но, во комбинација со електричниот мотор од 60 kW (81 КС), системот генерира вкупна моќност од 261 коњски сили, што овозможувајќи брзина и агилност кои се реткост во овој сегмент. Флексибилноста на возилото во случајов доаѓа до израз преку три режими на возење. Во „Pure Mode“ работи само електро моторот кој ја црпи силата од литиум-јонската батерија со корисен капацитет од 14.1 kWh (бруто 17,6 kWh) и декларирани 75 километри електрична автономија, што во реалниот свет е за 10% помалку. Сепак, електричниот опсег го прави овој модел идеален за секојдневно градско возење без употреба на течно гориво. Дополнително, батеријата е оптимизирана за регенеративно полнење при сопирање, што ја зголемува нејзината ефикасност. Полнењето на батеријата во домашни услови трае 7 часа, истата процедура на брз полнач се одвива за неполни 2,5 часа. Во Hybrid Mode моделот 01 ја комбинира работата на двата двигатели, со цел да овозможи соодветен баланс помеѓу перформансите и ниската потрошувачка. Системот за интелигентно управување со енергијата автоматски распределува моќност помеѓу бензинскиот и електричниот мотор, зависно од условите на патот и начинот на возење, што резултира со мазно и пријатно возачко искуство. На крајот тука е и „Sport Mode“ режимот на работа кој е задолжен за максимална моќност и динамика на возење, ослободувајќи ја целата сила на двете погонски единици. За трансферот на силата е задолжен 7 степен автоматски менувач со двојна спојка кој го носи од место на мирување до 100 км/ч за 8 секунди и максимални 210 км/ч. Кога станува збор за потрошувачката објаснувањето е малку покомплицирано. Имено, производителот декларира 1,2 л/100 км, што ние не успеавме да постигнеме. Мерачот покажа просек од 7,3 литри, но тоа се постигнувања од како беа потрошени сите „електрони“ од батеријата, што е сосема коректен резултат за возило кое ја премашува границата од 2 тони сопствена тежина. Како дел од растечкиот сегмент на plug-in хибридни SUV модели, моделот 01 нуди технолошки напреден и еколошки одговор прилагоден за потребите на денешните возачи и различните стилови на возење. Идеално тивок и еколошки во урбани средини, цврсто поставен и комфорен на подолги патувања, но и динамичен со перформанси кои не се потценување кога тоа од него ќе се побара.
Она што пред само десет години беше значаен јаз меѓу етаблираните европски, јапонски и корејски автомобилски производители и новите играчи на пазарот, денес речиси целосно исчезнува. Новите брендови покажуваат невидено брзо темпо на развој, рушејќи ги традиционалните граници на автомобилската индустрија. Од тука, Plug-in хибридната верзија на Lynk & Co 01 несомнено се наметнува како еден од подостапните модели во сегментот. Во прилог, покрај горе споменатиот проверен хибриден склоп, доаѓаат високото ниво на изработка, прецизно избраните материјали, напредните технолошки решенија и богат спектар на сигурносни системи. Сето тоа е заокружено со модерен дизајн кој магнетно го привлекува вниманието.
Цена на тестираниот модел: 39.990 евра (вклучен „Welcome“ попуст од 7.000 евра)
Технички податоци за Lync & Co 01 1.5 TD Plug-In Hybrid FWD
мотор | Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.477 см3 |
пречник и од | 82,0 x 93,2 мм |
степен на компресија | 10,5:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување
Mакс. моќ на електромотор Макс. моќ на хибриден систем |
180 KС (149 kW) при 5.500 min/-1
81 КС 261 КС |
Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/ Mакс. вртежен момент на електромотор/ Макс. вртежен момент на хибриден систем |
265 Nm при 1.500 min-1/
160 Nm/ 425 Nm |
трансмисија | на предни тркала преку 7-степен автоматски менувач |
потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 235/45 R20 |
каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.541 x 1.857 x 1.694 мм |
меѓуоскино растојание | 2.734 мм |
траги (напред/назад) | 1.601/1.626 мм |
тежина | 1.879 кг |
максимална тежина | 2.350 кг |
багажен капацитет | 466/1213 литри |
резервоар | 42 литри |
капацитет на батерија | бруто 17,6 kWh / нето 14,1 kWh |
максимална брзина | 210 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 8.0 секунди |
декларирана потрошувачка (отворен пат/град/просек) | –, –, 1.2 л/100 км |
емисија на CO2 | 24 г/км |
Повеќе информации во Делфино Рент-а-Кар, на www.lynkco-see.com/mk , или на тел. 078 260 328
Конкуренти:
Ford Kuga PHEV | од 43.900 до 51.500 евра |
Toyota RAV4 PHEV | од 54.290 до 58.900 евра |
Cupra Formentor PHEV | од 42.659 до 46.769 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.