Европските мотоцикли под притисок: Помал извоз, поголем увоз и се посложени трговски услови

Помал извоз, поголем увоз и се посложени трговски услови за европските производители на мотоцикли кои влијаат на пазарот

За време на неделата во која се одржува EICMA, Милано повторно станува светска престолнина на мотоциклизмот. Тоа е место на кое се среќаваат производителите, добавувачите, трговците и креаторите на политики, добра можност не само да се видат новитетите за следната сезона, туку и да се согледа пошироката економска слика на индустријата. И оваа година екипата на Авто Плус беше дел од најголемиот светски мотоциклистички настан, а покрај премиерите и новите модели, присуствувавме и на конференцијата MOTONOMICS, посветена на индустриските реалности и идните насоки на политиките.

Најновата анализа на европското здружение ACEM, изработена врз основа на податоците на Евростат, покажува дека европскиот мотоциклистички сектор се соочува со сериозен пресврт.Извозот опаѓа, увозот расте, а зависноста од надворешните пазари и променливите царински правила станува се поизразена. Последиците не остануваат само во фабриките, тие се чувствуваат низ целиот синџир, од добавувачите и логистиката до продажните салони и крајните купувачи.

Индустрија со поголема економска тежина отколку што изгледа

Европската мотоциклистичка индустрија има значително поширок економски отпечаток од оној што го сугерираат само производствените капацитети. Според анализата, секторот поддржува вкупно 481.600 работни места, од кои 208.900 се директно поврзани со производството, продажбата и сервисирањето. Останатите се резултат на економскиот ефект што се прелева кон други дејности.Директниот придонес на секторот изнесува 10,6 милијарди евра во БДП. Секое евро создадено во мотоциклистичката индустрија поддржува дополнителни 2,30 евра во пошироката економија, додека секое работно место во секторот поддржува уште 1,3 работни места во други индустрии. Притоа, проценките не ги опфаќаат целосно мото туризмот, обуката на возачи, осигурувањето и услугите за достава, дејности што дополнително ја зголемуваат реалната економска важност на мотоциклизмот.Во 2024 година биле регистрирани 1,8 милиони нови мотоцикли и мопеди, а на европските патишта се движеле околу 42 милиони возила од овие категории, приближно 11% од моторизираниот возен парк. Затоа промените во трговските текови не се само статистичка појава, тие го засегаат секторот што има значајна улога во мобилноста, вработувањето и индустриската конкурентност на Европа.

Каде се создава вредноста и кој ги носи работните места

Производството, продажбата и сервисирањето на мотоцикли во 2024 година генерирале директен БДП од 7,9 милијарди евра и обезбедиле 148.600 работни места. Од нив, 30.400, односно околу 20%, биле во производството, додека најголемиот дел, 118.200 или 80% биле поврзани со продажбата и поправката.

Европскиот сектор опфаќа околу 1.100 производители, со просек од 28 вработени, како и мрежа од 40.800 продажни и сервисни компании. Продуктивноста во производството достигнува 80.900 евра БДП по вработен, што е над европскиот просек од 72.600 евра. Кај продажбата и сервисот, вредноста изнесува 46.000 евра по вработен.

Индустриската активност е географски концентрирана. Италија и Германија учествуваат со по 23% во вкупниот ефект на секторот, Франција со 13%, Обединетото Кралство со 9%, Шпанија со 7%, а Австрија со 5%. Во самото производство на мотоцикли, 42% од европските работни места се во Италија, а 16% во Германија. Од вкупно 8 милијарди евра директни даноци, 20% се генерираат во Италија, 18% во Франција и 17% во Германија.

Важен дел од поширокиот екосистем се и опремата и настаните. Производството на додатоци какокациги, облека и заштитна опрема што придонесува со 5,7 милијарди евра во БДП, 3,4 милијарди евра даночни приходи и 88.900 работни места. Спортските и промотивните настани носат уште 2,7 милијарди евра и поддржуваат 36.000 работни места. Најголемите натпреварувања привлекле над пет милиони гледачи, а саемите околу 2,5 милиони посетители. Од нив, 700.000 ја посетиле EICMA во Милано, 100.000 Intermot, а 93.000 Motorbeurs.

Трговскиот дефицит се удвојува за само една година

Податоците за 2025 година го откриваат обемот на промената. Извозот на возила од категоријата L, каде што спаѓаат мотоцикли, мопеди и скутери од Европската Унија кон земјите надвор од Унијата се намалува за 21,7%, на 1,97 милијарди евра. Тоа е најниското ниво од 2020 година. Истовремено, увозот расте за 11,9%, достигнувајќи 3,89 милијарди евра. Како резултат, трговскиот дефицит се удвојува од 960 милиони евра во 2024 година на 1,92 милијарди евра во 2025.

Особено загрижувачки е падот во сегментите во кои европските производители традиционално имаат силна позиција. Извозот на мотоцикли со зафатнина над 800 см3 се намалува за 12,9%, на 1,25 милијарди евра. Притоа, суфицитот од 290 милиони евра во 2024 година се претвора во мал дефицит од 14 милиони евра. Сличен пресврт се случува и кај мотоциклите од 250 до 380 см3. Трговијата со делови и додатоци, за разлика од возилата, останува релативно стабилна.

Само неколку години претходно сликата беше значително поповолна. Извозот на возила од категоријата L пораснал од 1,5 милијарди евра во 2019 на 2,5 милијарди евра во 2024 година, што претставува раст од 67%. Во тој период ЕУ е најголем светски увозник и втор најголем извозник на возила и делови. Мотоциклите над 800 см3 учествувале со 57% во извозот, а европски возила купувале 77 земји со годишна вредност поголема од еден милион евра. САД биле најголемиот извозен пазар, со 761 милион евра во 2024 година, дури 56% од таа вредност се однесувала на мотоцикли над 800 см3. Вкупниот суфицит на ЕУ во трговијата со САД со возила и делови достигнал 810 милиони евра. Ваквата концентрација, меѓутоа, ја зголемува изложеноста на европските производители, секоја промена на правилата, побарувачката или валутниот курс на клучниот пазар веднаш се одразува врз резултатите.

Извозот кон клучните пазари нагло е намален

Падот во 2025 година не бил ограничен само на еден пазар. Извозот кон САД се намалува за 40,3%, од 761 на 455 милиони евра. Значителни намалувања се забележани и кон Обединетото Кралство (−20,6%), Турција (−15%), Швајцарија (−10,4%), Австралија (−26,5%) и Канада (−40,1%). Извозот кон Јапонија останал речиси непроменет, со пад од 0,7%. Вкупниот извоз кон сите земји надвор од ЕУ се намалил за 21,7%, од 2,514 милијарди евра на 1,968 милијарди евра.

Пазар 2024 (милиони €) 2025 (милиони €) Промена
САД 761 455 −40,3%
Обединето Кралство 309 246 −20,6%
Турција 261 222 −15,0%
Швајцарија 179 160 −10,4%
Австралија 121 89 −26,5%
Канада 113 68 −40,1%
Јапонија 95 94 −0,7%
Мексико 74 61 −16,9%
Сите земји надвор од ЕУ 2.514 1.968 −21,7%

По земја на декларирање, германскиот извоз се намалил од 865 на 814 милиони евра (−5,9%), италијанскиот од 736 на 675 милиони (−8,3%), а австрискиот од 632 на 235 милиони евра (−62,8%). Бројот на мотоцикли испорачани во САД се намалил од околу 88.000 на 48.000, а американскиот удел во извозот на возила паднал од 30,3% на 23,1%.

Австрискиот пад има специфична причина. Реструктурирањето на најголемиот австриски производител доведе до прекин на производството од средината на декември 2024 до крајот на јули 2025 година. Австриските извозни декларации се намалени за 63%, што објаснува околу 73% од вкупниот пад на извозот на ЕУ. Сепак, тоа не е целосната слика, дури и кога Австрија ќе се изземе од пресметката, извозот кон САД од останатите земји членки опаднал за 21,7%. Германскиот извоз кон американскиот пазар се намален за 18,9%, а италијанскиот за 24,8%.

Европските мотоцикли под притисок

Царински „ролеркостер“ што го отежнува деловното планирање

Покрај нарушувањата во производството, европските производители се соочуваат и со сериозна нестабилност на трговските услови во САД. До април 2025 година, европските мотоцикли при увоз во САД плаќале царина од најмногу 2,4%, а во одредени случаи и без царинско оптоварување. Потоа следувале дополнителни 10% во април, единствена стапка од 15% по рамковниот договор меѓу ЕУ и САД во август, како и царина од 50% на содржината на челик кај дел од моделите. По пресудата на Врховниот суд во февруари 2026 година, дел од мерките биле укинати, по што следувале привремен надоместок и нова вкупна стапка од 10%, применета од 24 јули 2026 година. Според анализата, царинскиот трошок за извозот на европски мотоцикли во САД се зголемил приближно шесткратно. Пресметано врз вредноста на извозот од 2025 година, тоа значи околу 46 милиони евра годишно, наспроти приближно осум милиони евра според претходните стапки.

Царините, сепак, не се единствената причина за падот. Американскиот пазар на нови мотоцикли во 2025 година се намалил за 7,6%, а послабиот долар дополнително ги поскапува европските модели и без царински давачки. Дополнителна иронија е промената на царинскиот однос. Додека ЕУ претходно применува царина од 6% на американските мотоцикли над 250 см3, од јули 2026 година американските мотоцикли влегуваат во ЕУ без царина, додека европските во САД се соочуваат со стапка од 10%.

Во исто време, просечната вредност на еврото пораснала од 1,08 долари во 2024 година на 1,13 во 2025 и 1,17 во првата половина од 2026 година. Во првите шест месеци од 2026 година австрискиот извоз делумно се опорави, од 77 на 191 милион евра, но и понатаму е речиси 40% под нивото од 2024 година. Извозот од останатите земји членки се намалува за дополнителни 10,2%, а извозот кон САД, во вредност од 242 милиони евра, е 44% под нивото од истиот период во 2024 година.

Кинеските производители се посилно навлегуваат во средната и високата класа

На увозната страна, најдинамично се менува позицијата на Кина. Увозот од оваа земја во ЕУ во 2025 година пораснал за 32,1%, достигнувајќи 1,05 милијарди евра. Нејзиниот удел во вкупниот увоз се зголемил од 23% на 27%. Особено е значајно што растот е најизразен во категориите над 250 см3,токму во сегментите во кои европските производители традиционално имаат силна позиција. Увозот на кинески мотоцикли над 250 см3 пораснал од 93 милиони евра во 2019 на 610 милиони евра во 2025 година. Бројот на увезени возила се зголемил од околу 111.000 на 190.000. Според бројот на единици, Кина веќе обезбедува околу 32% од увезените мотоцикли над 250 см3, речиси колку и Јапонија со 33%. По вредност, кинескиот удел е помал, околу 20%, бидејќи декларираните цени се значително пониски. Просечната декларирана вредност на кинески мотоцикл над 800 см3 изнесувала 4.776 евра, наспроти 7.906 евра за јапонскиот. Анализата предупредува дека царинската статистика не ги идентификува брендовите, па дел од увозот од Кина може да опфаќа модели произведени за европски компании или за европски марки што се во кинеска сопственост. Растот е видлив во речиси сите поголеми категории. Во 2025 година увозот на кинески скутери и мотоцикли од 50 до 250 см3пораснал за 20,2%, на 347 милиони евра. Категоријата од 250 до 500 см3 бележи раст од 57,4%, на 249 милиони, од 500 до 800 см3 растот е 30,9%, на 270 милиони; а кај мотоциклите над 800 см3достигна дури 155%, на 91 милион евра. Единствено увозот на мопеди до 50 см3 се намалил, и тоа за 8,1%, на 91 милион евра. Во периодот од јануари до јуни 2026 година, увозот на мотоцикли и скутери над 50 см3 од Кина пораснал за дополнителни 33,5%. Во поширок контекст, кинескиот извоз на мотоцикли во 2025 година се зголемил за 21%, на 13,4 милиони единици, додека домашната продажба се намалила за 3,5%. Според ACEM, ова повеќе укажува на широка извозна офанзива кон отворените пазари отколку на едноставно пренасочување на производството поради американските царини.

Европските мотоцикли под притисок

Јапонија останува голем играч, но увозните текови се менуваат

Јапонија и натаму е еден од најголемите снабдувачи на европскиот пазар. Увозот од оваа земја во 2025 година пораснал за 15%, на 1,431 милијарда евра. Сепак, во првата половина од 2026 година езабележан пад од 4,9%. ACEM оценува дека оваа динамика повеќе наликува на претходно надополнување, а потоа празнење на залихите по преминот кон стандардот Euro 5+, отколку на траен тренд на намалување. Увозот од Тајланд во 2025 година е намален за 16,8%, на 665 милиони евра, а во 2026 година продолжува да опаѓа. Од Индија, пак, увозот во првата половина од 2026 година се опоравил со раст од 23,6%, и покрај тоа што од 1 јануари 2026 година индиските мотоцикли повеќе не ги користат претходните преференцијални царини. Кај деловите, Кина учествува со 28% од увозот, односно 338 милиони евра, а Јапонија со 16%, или 189 милиони евра.

Нееднакви правила на игра

Европската Унија применува единствени царински стапки и тоа 8% за возила до 250 cм3, 6% за оние над 250 см3 и 3,7% за делови, со пониски стапки за земјите со кои има преференцијални трговски договори. За јапонските мотоцикли над 500 см3, на пример, важи царинска стапка од 0%. Европските извозници, од друга страна, на некои пазари се соочуваат со значително повисоки бариери.Несразмерноста е особено видлива во трговијата со азиските пазари. Во 2024 година извозот на ЕУ кон Кина изнесувал само 21 милион евра, наспроти увоз од 798 милиони евра. Во случајот со Индија, извозот бил 6,3 милиони евра, а увозот 191 милион. Виетнам, со царини што достигнуваат до 75%, купил европски возила во вредност од 6,2 милиони евра, додека испорачал 149 милиони евра.Тајланд, петтиот најголем светски производител, во ЕУ испорачал мотоцикли и делови во вредност од 773 милиони евра, што претставува 22% од увозот. Тоа е значително повеќе од 485 милиони евра во 2019 година, а растот во голема мера е поврзан со јапонските компании што ги користат преференцијалните трговски договори.

Новите договори би можеле постепено да ја променат сликата. Договорот меѓу ЕУ и Индија е склучен на 27 јануари 2026 година, но во периодот опфатен со анализата сè уште не е потпишан. Предвидено е царината за мотоцикли над 800 см3 да се намали на 10% во два чекора, додека за останатите мотоцикли со мотор со внатрешно согорување не би имало намалување во првите пет години, а потоа би следело постепено намалување до 10% од единаесеттата година. Електричните мотоцикли се исклучени од оваа шема, а царините за делови би се укинати од единаесеттата година. Договорот со Индонезија, склучен на 23 септември 2025 година, исто така се уште не е потпишан. Според предвиденото, царините за готови мотоцикли би се намалувале во шест еднакви чекори, додека комплетите за локално склопување и деловите би биле без царина од првиот ден. Договорот со „MERCOSUR“ (политичко-економска организација на земјите од Јужна Америка) почнува привремено да се применува на 1 мај 2026 година, мотоциклите над 500 см3 се исклучени, а помалите категории би се либерализирале во период до 15 години. Кај Виетнам е предвидено постепено укинување на царините, со стапка од 0% во 2027 година за мотоцикли над 150 см3. Овие договори можат да отворат нови можности, но нивниот ефект ќе зависи од брзината на стапување во сила, опфатот на производите и правилата за потекло. За производителите не е доволно пазарот формално да биде отворен, туку потребни се јасни и применливи услови за извоз.

Првите сигнали од 2026 година покажуваат стабилизација, не и закрепнување

Податоците за првата половина од 2026 година укажуваат на извесно забавување на падот, но сè уште не и на вистинско закрепнување. Извозот на ЕУ пораснал за скромни 1,3%, на 1,08 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 8,4%, на 2,54 милијарди евра. Во споредба со истиот период од 2024 година, извозот и понатаму е понизок за 23,3%. Австрискиот извоз се опоравува по повторното стартување на производството, но кај останатите земји членки падот продолжува. Турција, третата најголема извозна дестинација, забележала намалување од 32,2%, по падот на нејзиниот пазар од 26% во 2025 година. Притисокот го засилуваат и пошироките геополитички и макроекономски фактори. Конфликтот со Иран од крајот на февруари 2026 година придонел за поскапување на контејнерскиот транспорт од околу 2.800 на приближно 4.900 долари по контејнер до јули. Инфлацијата во еврозоната достигнала 3,8%, а повисоките каматни стапки дополнително ја отежнуваат продажбата на производи што често се купуваат со финансирање. Извозот на ЕУ кон Обединетите Арапски Емирати, главниот пазар во Заливот, се намалил од 17 милиони евра во периодот од јануари до јуни 2025 на осум милиони евра во истиот период во 2026 година, со најголем пад меѓу март и мај, пред делумно да се опорави во јуни. Податоците за јули 2026 се прелиминарни и нецелосни, па не се соодветни за директна споредба. Според нив, извозот од јануари до јули бил повисок за 1,3%, а увозот за 4,8% во однос на претходната година. На подвижна 12 месечна основа, разликата меѓу увозот и извозот се стабилизирала на околу 2 до 2,1 милијарди евра.

Мотоциклот како дел од решението за урбаната мобилност

Економската важност на секторот не се исцрпува со фабричкото производство и трговските биланси. Според Oxford Economics, околу 6,4 милиони Европејци секојдневно патуваат до работа со мотоцикл, наспроти пет милиони во 2019 година. Просечното патување со мотоцикл трае 26 минути, додека со автомобил 38 минути. Просечниот мотоцикл испушта 95 г/км, помалку од половина од просечните 250 г/км кај автомобилите, според проценките наведени во студијата. Анализата посочува дека дури и релативно мало пренасочување на патниците може да има забележлив ефект. Доколку 5% од оние што патуваат со автомобил преминат на мотоцикл, годишно би се заштедиле 28 милиони денови патување. Ако 10% од автомобилите се заменат со мотоцикли, сообраќајните застои би можеле да се намалат до 40%. Регистрациите на мотоцикли во најголемите европски пазари, и по корекцијата поврзана со преминот кон Euro 5+ во 2025 година, останале 14,7% над нивото од 2019. Во Европа, 71% од патниците до работа користат автомобил, а само 3,4% мотоцикл што е околу 6,4 милиони од вкупно 188 милиони лица што користат превоз. Тоа укажува на значителен простор за поинакво планирање на градската мобилност. Паркирањето е уште еден аргумент, на пример во Германија возачите во просек трошат околу десет минути во потрага по паркинг место. Секторот придонесува и со значителни јавни приходи. Даночните приходи поврзани со мотоциклистичката индустрија се проценети на 20,6 милијарди евра, сума што според Oxford Economics е споредлива со годишните плати на околу 460.000 наставници. Студијата препорачува мотоциклите да бидат вклучени во плановите за одржлива урбана мобилност и да се поттикнува употребата на полесни возила за кратки градски релации, особено во услови на ширење на зоните со ниски емисии и раст на цените на автомобилите.

Што бара индустријата од носителите на политики

ACEM издвојува три клучни приоритети. Првиот е предвидливост. Царинските услови за европските мотоцикли во САД се менувале до шест пати за помалку од две години, врз основа на четири различни правни механизми. Во такви околности, производителите тешко можат сигурно да ги планираат производството, цените и залихите. Здружението затоа бара стабилен и реципрочен трговски аранжман. Вториот приоритет е посистематско следење на увозот во средната и високата класа, за конкуренцијата да се оценува врз основа на проверливи податоци. Третиот е подобар пристап до нови пазари. Договорите со Индија, Индонезија и Меркосур можат да донесат пониски царини, но нивната практична вредност ќе зависи од брзото стапување во сила, вклучувањето на мотоциклите и деловите и од правилата за потекло што ја одразуваат реалната организација на современото производство.

Европскиот мотоциклизам на крстопат

Европската мотоциклистичка индустрија се уште располага со силна производствена база, препознатливи брендови, развиена сервисна мрежа и значителна економска тежина. Но, трговските податоци за 2025 година и првата половина од 2026 покажуваат дека традиционалните предности повеќе не се доволни сами по себе. Прекини во производството, нестабилни царини, поскап транспорт, валутни движења и брзото напредување на азиските производители создаваат притисок од повеќе страни. Клучното прашање не е само колку мотоцикли Европа ќе извезе во следната година, туку дали ќе успее да ја зачува конкурентноста во сегментите во кои со децении ја градела својата репутација. За тоа ќе бидат потребни предвидливи трговски правила, пристап до нови пазари и индустриска стратегија што ќе ги препознае мотоциклите не само како производ, туку и како важен дел од европската мобилност и економија.

Извори:

Текстот се темели на анализата на ACEM „Трговски преглед 2025–2026“, заснована на податоците на Евростат (COMEXT), како и на студијата на Oxford Economics „The economic importance of motorcycles to Europe“ (ноември 2026).

Поврзани вести

Back to top button