Тест Škoda Kodiaq: Рационален избор со премиум амбиции

Новата генерација на Kodiaq имплементира внимателно одбрани унапредувања, насочени кон вистинските приоритети. Робусниот изглед е надополнет со софистициран ентериер, напредна технологија и комфор на кој чесите веќе не навикна. Со овие подобрувања, Kodiaq останува еден од најдобрите во сегментот на семејни SUV модели.

Моделот Kodiaq прв пат беше претставен во 2017 година како најголемото возило кое доаѓа од гамата на чешкиот производител, голем и робусен SUV кој може да се добие и во верзија со седум седишта. Со оглед на неговата разновидност и практичност, за кратко време стана уште еден од бестслерите на компанијата со кој чесите покажаа дека добро знаат што клиентите бараат од нивните возила, како потврда е бројката од 850.000 продадени примероци. По првичниот успех дојде време новата генерација да го преземе приматот, ветувајќи дека ќе биде подеднакво привлечен за старите и новите купувачи со поголема ефикасност, технологија и современ дизајн, како на внатрешноста, така и на надворешноста.

Рафиниран дизајн

 

Тест Škoda Kodiaq Selection 4x4 2.0 TDI DSG 193 HPСтилот користен во креирањето на екстериерот очигледно е еволуција на претходниот Kodiaq, но овој пат, помеките линии му даваат на автомобилот и далеку поелегантно присуство. Фер е да се каже дека Skoda направи многу промени во дизајнот на Kodiaq, но тој сеуште црпи инспирација од изворната изведба со што го задржува својот цврсто изграден идентитетот. Предниот дел е концентиран кон скулптурниот поклопец на моторот, широката решетка е инспирирана од онаа на подеднакво новата генерација на Superb како и новите дводелни матрични ЛЕД светлосни групи.

Профилната слика открива извајана каросерија со „торнадо дизајн“ и целосно нов пристап кон креирањето на горниот дел од возилото, кое сега поседува карактеристичен хромиран финиш на последниот носечки (Д) столб. Во страничниот дел своја улога играат и 20 инчните тркала изведени со многу внимание кон стилот. На задната страна пак, погледот го привлекуваат светлосните групи во традиционалната „це“ форма кои се поврзани во долниот дел преку светлачка лента со 3Д структура. Робусната става ја заокружуваат масивниот браник со интегриран дифузор, на другиот крај, како продолжеток на кровот е големиот спојлер, задолжен за подобрените аеродниамички каратеристики. Несомнено, од кој агол да го погледнете возилото нема да згрешите, ќе речете ,тоа е со сигурност Kodiaq. Дотеран со мерка и многу вкус подготвен да се носи со конкурентите, но овој пат цели и повисоко, кон премиум производителите.

Тест Škoda Kodiaq Selection 4x4 2.0 TDI DSG 193 HP

Пространо и интелигентно

Самото стапнување во кабината на Kodiaq е слично на влегувањето во добро обмислен семеен дом, место каде практичноста и удобноста се камен темелник во уредувањето на просторот. Новиот Kodiaq се надоврзува на цврстите темели подобрувајќи ја употребливоста, воведувајќи одржливи материјали и осигурувајќи дека секоја педа од просторот се користи на мудар начин. Иако, должината е минимално зголемена, неговиот внатрешен простор е максимално оптимизиран со што е постигнат импресивен ефект. Многу од внатрешните материјали се изработени од рециклирани пластични шишиња, а ако се одлучите за кожа, како во нашиот случај, таа ќе биде обоена користејќи отпад од зрна кафе наместо традиционални хемикалии. Овој еколошки пристап не доаѓа по цена на естетиката, материјалите се чувствуваат премиум, изгледаат стилски и придонесуваат за свежината во амбиент.

Количината на простор за патниците и одлагање на предмети низ кабината е нешто што секого ќе го одушеви. Особено ако се избере верзијата со 5 седишта, која овозможува складирање на багаж во „бункер“ со зафатнина од импресини 910 литри во стандардна конфигурација на седиштата. Доколку се собори задниот ред на седишта, тогаш капацитетот расте до речиси комбиевски 2.105 литри, податоци кои без сомнение речиси секогаш одат во прилог на понежата половина во семејството J.

Паметни решенија

Дигитализацијата на кабината доаѓа во облик на „виртуелен кокпит“ од 10 инчи кој задолжен за примарните функции пред возачот и овозможува бројни можности за персонализација. Информациите од навигацијата се проектираат на 13 инчниот екран, преку кој може да се управува и со поголемиот дел од секундарните функции. Но, можеби најинтересната интеграција од дигиталната ера се трите ротациски контроли со мини дисплеи т.н „паметни копчиња“ кои ви овозможуваат во едно да ја прилагодите температурата на климатизацијата, брзината на вентилаторот, но со само еден допир и јачината на звукот од аудио уредот или пак да зумирате на мапата од навигацијата. Тоа е одличен пример на функционалноста во време кога производителите често премногу комплицираат, сместувајќи ги контролите во разно-разни под менијата на инфозабавните екрани. Во меѓувреме, менувачот е преместен на управувачкиот столб, интуитивно поставен што гарантира дека нема случајно да менувате брзини кога посегнувате по бришачите.

Тест Škoda Kodiaq Selection 4x4 2.0 TDI DSG 193 HP

Ефикасна моќност и интелигентна контрола

Можеби не е модерен и општествено прифатлив како новите електрифицирани двигатели, но турбодизелскиот мотор од 2 литри навистина делува како да е скроен токму за Kodiaq, особено во верзијата со погон на четири тркала.  Достапноста на влечната сила од 400 Нм од ниски 1.750 врт/мин вртежи не е единствената придовивка, тука голема улога игра и потрошувачката на гориво, која во просек изнесува 8,2 л/100км. Темпото до 100 км/ч се достигнува лесно во период од 7,8 секунди, а мерачот за брзина може да покаже дека се движите со максимални 220 км/ч. Секако, доколку дизелот не ваш примарен избор, во моторната понуда постои турбо бензинска изведба и „плагин“ хибридна опција.

Тест Škoda Kodiaq Selection 4x4 2.0 TDI DSG 193 HPСистемот 4×4 во Kodiaq е електронски контролиран и работи првенствено во режим на погон на предните тркала, вклучувајќи ги задните тркала само кога ќе почувствува пролизгување. Ова го прави економичен во нормални условина користење, а истовремено обезбедува пристојна тракција на посложни терени. Kodiaq доаѓа со off-road режим, кој го прилагодува одговорот на гасот, контролата на тракцијата и работата на ABS системот за да се справи со сите површини. Со 194 мм клиренс, тој не е вистински теренец, но е повеќе од спосоебен да се справи со малку поинтензивни излети на планински терени.

Исто така, вреди да се напомене дека системот за погон на Kodiaq работи беспрекорно во синтеза со 7 степениот автоматски менувачот. Покрај возењето на подолги рути и низ урбаниот метеж, каде што се покажа како вистински „компањон“, имавме можност Kodiaq да го испробаме на лизгава (снег/кал) површина, а она што ни го покажа не увери дека е повеќе од компетентен да се справи со реалноста во овие услови.

Новиот Kodiaq е автомобил кој совршено се вклопува во активниот животен стил. Доволно е разноврсен за да се справи со секојдневните обврски, повеќе од удобен за долги семејни патувања и доволно способен да се справи со „екскурзиите“ надвор од асфалтот кога за тоа ќе се појави расположение. Она што го нуди Kodiaq е цврст, сигурен и добро опремен пакет што може да направи речиси се што ќе побарате од него.

Цената на тестираниот модел изнесува 58.637 евра

Технички карактеристики за Škoda Kodiaq Selection 4×4 2.0 TDI DSG 193 HP
Мотор Euro VI DG, дизел, четиритактен, четири-цилиндарски, воденоладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1968 см3
пречник и од 81 x 95.5 мм
степен на компресија 16.2:1
Напојување четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбо полнач
максимална моќ 193 КС при 3.500-4.200 врт/мин
макс. вртежен момент 400 Нм при 1.750-3.250 врт/мин
Трансмисија на сите четири тркала преку седумстепен автоматски менувач
Потпирање напред независен Макферсонов систем, Мултилинк
Сопирачки напред вентилирачки дискови, позади дискови, ЕЅР, ABS
Пневматици 235/45 R20
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.758 x 2.133 x 1.679 мм
меѓуоскино растојание 2.791 мм
траги (напред/назад) 1.586 x 1.575 мм
Тежина 1.792 кг
максимална тежина 2.330 кг
багажен капацитет 910 / 2.105 литри
Резервоар 58 литри
максимална брзина 220 км/ч
забрзување 0-100 km/h 7,8 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) –/–/6,6  Л/100 км
емисија на CO2 158 г/км

Škoda Kodiaq во Македонија

Škoda Kodiaq 1.5 TSI DSG 150 HP Selection 41.840 евра
Škoda Kodiaq 2.0 TSI 4×4 DSG 204 HP Selection 47.460 евра
Škoda Kodiaq 2.0 TDI DSG 150 HP Selection 45.700 евра
Škoda Kodiaq 2.0 TDI 4×4 DSG 193 HP Selection 50.160 евра
Škoda Kodiaq 1.5 TSI DSG 150 HP Sportline 48.540 евра
Škoda Kodiaq 2.0 TSI 4×4 DSG 204 HP Sportline 53.990 евра
Škoda Kodiaq 2.0 TDI DSG 150 HP Sportline 51.830 евра
Škoda Kodiaq 2.0 TDI 4×4 DSG 193 HP Sportline 55.910 евра

Повеќе информации во Porsche Македонија или на тел. (02) 26 26 266

Peugeot 5008 од –.— евра до –.— евра
Renault Espace од 54.240 евра до 60.340 евра
Volkswagen Tiguan од 44.722 евра до 60.589 евра
Nissan X-Trail од 46.190 евра до 67.490 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button