Возевме Lynk&Co 02: Создаден да ја менува играта

Со својата комбинација на футуристички дизајн, напредна технологија и динамични перформанси, Lynk&Co 02 се наметнува како силен ривал во сегментот на електрични кросовери. Овој модел не само што изгледа атрактивно, туку нуди и одлична возна динамика, напредни безбедносни системи и практичност за секојдневна употреба.

Lynk & Co 02

Во изминатите неколку години, кинеската автомобилска индустрија доживува забрзан раст и експанзија. Автомобилските брендови од Кина се повеќе го насочуваат своето внимание кон европскиот пазар, прилагодувајќи ги своите модели за да одговорат на строгите стандарди и преференции на европските купувачи. Иако Европската унија воведува дополнителни давачки, тоа не го забавува нивното темпо. Голем број производители веќе имаат развиено специјализирани модели, кои нудат комбинација на традиционални мотори со внатрешно согорување, хибридни и електрични погонски единици, обезбедувајќи разновидност што ги задоволува различните вкусови и потреби на купувачите. Во суштина покриени се речиси сите сегменти, опсегот постојано се зголемува и се движи од  „мејнстрим“ до „ап маркет“ модели.

Lynk & Co 02

Неодамна поминавме неколку дена во друштво на Lynk&Co 01, моделот што прв ја отвори вратата за овој бренд на македонскиот пазар. За оние кои не се целосно запознаени, накратко ќе ја претставиме компанијата, додека сите што сакаат подетални информации за ова возило можат да „тркнат“ до тестот кој беше објавен неодамна.

Нова автомобилска филозофија

Од 2010 година компанијата Geely веќе е сопственик на Volvo и активно работи на развој на нова генерација на возила. Но, наместо да создадат уште еден класичен автомобилски бренд, одговорните лица одлучија да тргнат во нова насока, чија што движечка идеја е премостување на јазот меѓу традиционалната и дигиталната мобилност. Па така, во 2016 година, Lynk & Co беше претставен како иновативен автомобилски бренд создаден како спој на шведска технологија и кинеска индустриска сила. Основан во Гетеборг како заеднички проект на двете компании, брендот има една цел, да ја редефинира автомобилската индустрија преку модерен, урбан и поврзан пристап кон мобилноста. Позиционирање на ново настанатата марка во индустријата е токму помеѓу традиционалните автомобилски брендови и новите „tech“ компании. Додека Volvo својот имиџ го гради на луксуз и безбедност, а Geely одговара со масовно производство, Lynk & Co ги комбинира иновативните дигитални решенија со автомобилските перформанси.

На покана од компанијата Делфино Мобилити Груп, која во Македонија е официјален застапник за возилата од марките на Geely и Lynk&Co отпатувавме во Словенија на европската презентација на првиот целосно електричен Lynk&Co 02, каде преку возачко искуство низ прекрасните предели во околината на Бледското езеро, Бохињското езеро и снежните врвови на Крањска Гора имавме прилика преку возачко искуство да се запознаеме со новиот член од гамата.

Спортска естетика со футуристички детали

Моделот Lynk&Co 02 преставува стилска интерпретација на компактен електричен кросовер SUV кој комбинира смел дизајн, напредни технологии и динамични перформанси. Со должина од 4,46 метри, директно се спротивставува на модели како Skoda Elroq, Volkswagen ID.3 и MG 4, нудејќи свеж пристап со кој се издвојува во сегментот. Предниот дел е дефиниран со тенки LED светла поставени високо на хаубата, што му даваат агресивен и несекојдневен изглед. Минималистичката и затворена предна решетка, типична за електрични возила, ја подобрува аеродинамиката и придонесува за чистата естетика.

Купе силуетата се истакнува со нежно спуштена линија на покривот како се доближува кон задниот дел, комбинирајќи спортски карактер со SUV практичност. Изразените странични контури додаваат чувство на движење и енергија, дури и кога возилото мирува. На задниот дел вниманието е насочено кон хоризонтално поставените LED светла, поврзани со тенка светлосна лента, што создава впечаток на поширок и технолошки напреден автомобил. Интегрираниот заден спојлер не само што го подобрува спортскиот изглед, туку и ја зголемува аеродинамичната ефикасност. Она што Lynk & Co 02 го презентира на екстериерот е одличен пример за тоа како елегантниот и спортски дизајн може да оди рака под рака со функционалноста, создавајќи возило што без сомнеж остава силен впечаток во просторот.

Дигитална елеганција и функционалност

Во кабината доминира дигитализацијата, што е воочливо штом се седне зад управувачот, каде што 10,2-инчен дисплеј ги презентира примарните информации Следен е 15,4-инчен мултимедијален екран на допир во централната конзола преку кој се управува со повеќето функции на автомобилот. Истиот се базира на Android  платформа, а за брзата реакција на секоја команда е одговорен „Qualcomm“ со неговиот Snapdragon процесор од последната генерација за употреба во автомобилската индустрија.  Во внатрешноста е овозможена 5G конекција, а камерите ги покриваат аглите во 360 степени, дека се мислело и на сопатникот доказ се и двата безжични полначи поставени на долниот дел од централниот гребен.

Lynk & Co 02

Посебноста на овој модел и неговата ореентираност кон љубителите на технологијата која е презентирана и преку можноста за снимање видеа или правење „селфи“ преку камерата вградена во централниот ретровизор.  Ергономијата е изведена на доста високо високо ниво, електрично прилагодливите и загреани седишта овозможуваат комфорно возење, а задната клупа, и покрај слегувачката линија на кровот обезбедува доволно простор за две возрасни лица. Багажникот нуди солидни 410 литри, а со спуштени седишта капацитетот расте на 1349 литри.

Моќно и ефикасно

Поставен на модуларната платформа за електрични возила на Geely наречена SEA на која почиваат и модели како Volvo EX30, Zeekr X, Smart #1 и #3, изведбата на Lynk&Co 02 располага со меѓуоскино растојание од 2,75 метри. Батеријата од 66 kWh напојува електромотор со 272 КС и 323 Nm, кој ги пренесува силите на задните тркала. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае само 5,5 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч.

Lynk & Co 02

За време на првото возење забележавме дека Lynk&Co 02 е опремен со 21 активен систем за безбедност, вклучувајќи адаптивен темпомат, асистенција за задржување во лента, автоматско итно сопирање и интелигентна контрола на сопирачките во свиоци. Системите работат прецизно, без претерување во интервенциите, што му овозможува на возачот вистинско уживање во управувањето. Декларираната автономија е 445 километри, но во градски услови може да достигне и до 600 километри. Благодарение на DC полнење од 150 kW, батеријата се полни од 10% до 80% за само 30 минути. Дополнителен бонус е V2L функцијата, која овозможува од автомобилот да надополнуваат надворешни уреди.

Првичните впечатоци од средбата со Lynk&Co 02 се исклучително позитивни, што само го зголемува нашето нетрпение за неговото официјално пристигнување на нашиот пазар, неофицијално најавено за следниот месец. Потоа, ќе имаме можност и за подетално тестирање, со што ќе добиеме целосен увид во потенцијалот на овој возбудлив нов модел.

Поврзани вести

Back to top button