Култното Yugo се враќа на големата сцена

Zastava Yugo беше автомобил кој остави траен белег во автомобилската историја. Создаден врз основа на Fiat технологија, овој субкомпактен автомобил беше хит во Југославија, а доживеа и извозен успех. Вистината е дека Yugo беше достапен, едноставен и функционален, што го направи симбол на мобилноста во источна Европа и на овие наши простори.

Yugo успеа да се пробие дури и на американскиот пазар, каде што во 1985 година беше лансиран со цена од само 3.990 долари, што го направи најевтиниот нов автомобил во САД. Иако извозниот успех на Yugo беше нагло прекинат поради војните во Југославија, производството продолжи, а моделот доби две значајни рестилизирања пред конечно да биде повлечен во 2008 година.

Во последниве години, Yugo доби култен статус – се појавува во филмови, книги, па дури и како уметнички проект. Носталгијата за овој автомобил е сè поголема, особено на Балканот, каде што многумина сè уште го паметат како незаменливо превозно средство.

Следната генерација Yugo – нова визија за иднината

По години на шпекулации, проектот за враќање на Yugo сега се чини дека е реалност. Првите дизајнерски скици на новиот Yugo се веќе објавени, макета во природна големина ќе биде претставена оваа година, а целосно функционален прототип ќе дебитира на Белградскиот Експо во 2027 година.

Yugo

Главниот иницијатор на проектот е проф. д-р Александар Бјелиќ, познато име во германската автомобилска индустрија, кој има потекло од овие простори. Тој веќе ги обезбеди трговските права за брендот Yugo на меѓународно ниво и е носител на првичните инвестиции во дизајнот и концептот. Сепак, се претпоставува дека за развојот на моделот ќе бидат потребни дополнителни партнери.

За дизајнот на новиот Yugo е задолжен српскиот дизајнер Дарко Марчета, кој во првите рендери успешно ја доловил препознатливата силуета и пропорции на оригиналниот модел. Новиот Yugo носи ретро-футуристички стил, кој наликува на Hyundai Ioniq 5 и концептот Hyundai N74, но со значително поприфатлива цена.

Yugo

Достапен, практичен и забавен – како и оригиналот

За разлика од многу нови ретро-модели како Renault 5 E-Tech Electric или VW ID.Buzz, новиот Yugо нема да биде премиум електрично возило, туку достапен автомобил за широка публика.

Проф. Бјелиќ потврди дека техничката основа на моделот ќе дојде од етаблиран индустриски партнер, но сè уште не открива детали. Иако електрична верзија е во план, новиот Yugo ќе стартува со мотори со внатрешно согорување кои ќе се снабдуваат од трета страна. Овој пристап ќе му овозможи да задржи ниска цена, но и да остане привлечен за возачите кои бараат економичен и забавен автомобил.

Со враќањето на Yugо, автомобилската индустрија добива уште еден легендарен модел во модерна интерпретација.

Поврзани вести

Back to top button