Toyota го претстави електричниот C-HR+

Најновиот автомобил во електричната гама на Toyota, моделот C-HR+, дебитира со три различни погонски опции и две различни батерии

Toyota ја проширува својата понуда на електрични возила со најновиот модел во гамата – C-HR+. Иако неговото име сугерира поврзаност со постоечкиот C-HR, овој SUV е поголем и базиран на сосема поинаква платформа. Toyota истакна дека моделот во моментов е наменет само за европскиот пазар, но се очекува дека ќе биде понуден и на други пазари во текот на годинава. Со ова, C-HR+ ќе се позиционира веднаш под поголемиот bZ4X во електричната гама на Toyota.

Јапонската марка има големи очекувања од новиот C-HR+ ќе стане еден од клучните модели во стратегијата за електрични SUV возила на брендот. C-HR+ го задржува препознатливиот купе-SUV профил на C-HR, но во значително понапреден и аеродинамичен дизајн. Додаденото „+“ во името означува поголема практичност и уникатните карактеристики на BEV платформата.

Платформа и дизајн

И покрај името, Toyota C-HR+ не е поврзан со бензинската верзија на C-HR. Наместо тоа, тој ја користи e-TNGA 2.0 платформата, истата што се наоѓа во моделот bZ4X. За разлика од него, кој доби мешани реакции поради неконвенционалниот дизајн, C-HR+ изгледа подинамично и порафинирано. Дизајнерските линии се јасно дефинирани, со нагласени LED светла напред и целосно LED задни светла што создаваат модерен и препознатлив изглед. Купе-линијата на покривот не ја компромитира пространоста во внатрешноста, овозможувајќи удобност за сите патници.

C-HR+ има меѓуоскино растојание од 2.750 милиметри, што е точно 100 милиметри пократко од bZ4X. Toyota наведува дека овој модел е наменет за помлади купувачи, додека bZ4X останува фокусиран на семејствата. Поради високите трошоци за развој на нови ЕВ модели, C-HR+ ги користи истите погонски опции како bZ4X. И покрај ова, Toyota смета дека оди чекор понапред во понудата за комфор и практичност, истакнувајќи дека моделот нуди пространа кабина со 900 милиметри простор за нозете помеѓу предните и задните седишта. Покрај ова, C-HR+ располага и со багажен простор од 416 литри.

Новиот модел носи и низа напредни технолошки карактеристики, вклучувајќи амбиентално осветлување, панорамски покрив, два безжични полначи за паметни телефони, задни USB приклучоци и систем за климатизација за задните седишта, со што се „додворува“ на својата целна група, а тоа се модерните урбани возачи.

Погонски опции и перформанси

Основната верзија за европскиот пазар располага со батерија од 57,7 kWh и единечен електромотор што ги придвижува предните тркала со моќност од 165 КС. Според Toyota, оваа конфигурација обезбедува досег од 455 километри според WLTP циклусот и забрзување од 0-100 километри на час за 8,6 секунди.

За оние што бараат поголем досег и повеќе сила, достапна ќе биде и FWD верзија со батерија од 77 kWh и моќност од 221 КС. Овој модел нуди импресивен досег од 600 километри, додека спринтот до 100 км/ч трае 7,4 секунди.

На врвот на понудата ќе биде модел со погон на сите тркала со два електромотори и вкупна моќност од 338 КС. Оваа верзија располага со батерија од 77 kWh, забрзува до 100 км/ч за само 5,2 секунди и има проценет досег од 525 километри.

Оптимизирана ефикасност и практичност

Toyota C-HR+ ќе располага со систем за предусловување на батеријата, што овозможува побрзо полнење во различни услови. Покрај тоа, моделот ќе има вграден 11 kW полнач, а од повисоките нивоа на опрема ќе биде достапен и 22 kW полнач. DC брзото полнење достигнува 150 kW, што овозможува значително намалување на времето потребно за полнење.

Енергетската ефикасност е дополнително подобрена преку топлинска пумпа за климатизација, загреани седишта и управувач, како и греење на ветробранското стакло, што ја подобрува автономијата во ладни временски услови.

Toyota C-HR+

Toyota C-HR+ е свеж додаток во електричната понуда на брендот и нуди импресивни спецификации, привлечен дизајн и практични димензии. Со повеќе опции за батерии и перформанси, како и со модерен изглед, овој модел има потенцијал да стане еден од најпродаваните електрични SUV модели на Toyota.

Toyota С-HR+ ќе дебитира на одбрани европски пазари во доцната 2025 година, а целосното лансирање низ Европа е закажано за 2026 година. Со ова, Toyota дополнително ќе ја засили својата BEV понуда, заедно со моделите Urban Cruiser и bZ4X.

Поврзани вести

Back to top button