MG го претстави концептот CyberX кој e најава за нов SUV на марката

MG CyberX дебитираше на Салонот во Шангај и е инспириран од Ferrari и Land Cruiser, а дизајниран од креаторот на Veyron

MG официјално го претстави CyberX на Саемот за автомобили во Шангај 2025 – футуристички SUV кој е дел од новата Cyber серија на брендот, заедно со Cyberster роудстерот. Иако беше прикажан како концепт, CyberX е на чекор до сериско производство, што го прави една од највозбудливите најави на MG во последно време.

MG CyberX SUV

Дизајн инспириран од легендите

CyberX се истакнува со праволиниска и мускулеста силуета, кратки надвеси и минималистички површини, додека стаклената линија потсетува на Toyota Land Cruiser 300, додавајќи му на SUV моделот авантуристички и издржлив карактер. Вистинската ѕвезда на дизајнот се pop-up фаровите поставени на хаубата, веднаш над целосната LED лента, кои се јасна алузија на Ferrari Testarossa.

Зад овој впечатлив дизајн стои Јозеф Кабан – познат дизајнер кој има работено за Audi, Skoda, BMW, Rolls-Royce, Volkswagen и Bugatti, вклучително и на екстериерот на Bugatti Veyron. Кабан за Autocar изјави дека CyberX претставува сосема поинаков пристап од спортскиот Cyberster, и дека идејата е да се покаже флексибилноста на MG како бренд.

MG CyberX SUV

Димензии и позиционирање

Во концептна форма, MG CyberX е долг 4.3 метри, што го позиционира на врвот на субкомпактниот SUV сегмент во Европа. Иако со слични димензии како MG ZS, CyberX ќе се издвојува преку својот стил и ориентација кон помладата и дигитално ориентирана публика.

Внатрешноста сè уште не е прикажана, но се знае дека MG соработува со Oppo – гигантот од индустријата на паметни телефони – за развој на напредна поврзливост. Црните стакла на изложениот модел во Шангај дополнително упатуваат дека се работи за статичен прототип.

MG CyberX SUV

Подготовка за сериско производство

Иако деталните спецификации се уште не се објавени, се шпекулира дека CyberX ќе биде прв модел на SAIC кој ќе ја користи новата E3 електрична платформа. Таа платформа ќе овозможи „cell-to-body“ технологија – концепт каде батеријата е интегрирана во структурата на возилото за подобрена крутост и намалена тежина.

MG CyberX се очекува да биде достапен не само во Кина, туку и во Европа и Австралија. Датумот за официјално лансирање сè уште не е познат, но кинеските медиуми навестуваат дека серискиот модел би можел да се појави во следните неколку години.

Поврзани вести

Back to top button