Европскиот пазар на електрични возила бележи рекорден раст
Volkswagen конечно успеа да го симне Tesla од пиедесталот на најпродавани електрични возила на европскиот пазар

Пазарот на електрични возила во Европа продолжува со силна експанзија, а март 2025 година се запиша како втор најуспешен месец по бројот на регистрации досега, придонесувајќи за најсилното тримесечје во историјата за продажба на батериски електрични возила (BEV). Сепак, и покрај силниот раст, освежената Tesla Model Y “Juniper” не успеа целосно да го запре падот на продажбата на брендот.
Рекордни бројки за БЕВ продажба во Европа
Во март, продажбата на БЕВ модели низ Европа достигна 240.891 единици, што претставува зголемување од 23% во споредба со истиот месец минатата година. BEV моделите освоија 17% удел на пазарот, што значи дека речиси секое петто ново возило било целосно електрично. Иако оваа бројка заостанува зад рекордот од декември 2022 година (275.108 единици), сепак го постави првото тримесечје на 2025 година како најсилно досега за БЕВ продажба.
Според податоците од JATO Dynamics, кои ги вклучуваат 28 европски пазари, Tesla и понатаму беше најпродаван БЕВ бренд во март, иако со пад од 30% во споредба со март 2024 година. Сепак, падот е помал споредено со јануари (-47%) и февруари (-44%), што за Tesla е барем мала позитивна вест.
VW го престигна Tesla во Европа
Сепак, Tesla падна на втората позиција за продажба на БЕВ модели во првото тримесечје од 2025 година, со 53.237 регистрации (-38%). Volkswagen го зазеде врвот со раст од 157% и 65.679 продадени возила. BMW, исто така, се приближува со 46.557 продадени единици, што е раст од 21%. Audi со 34.739 единици (+51%) и Renault со 31.880 единици (+89%) ги заокружуваат првите пет.
Кога станува збор за индивидуални модели, Tesla Model Y и Model 3 и понатаму доминираат во Европа со 29.770 (-49%) и 23.044 (-14%) регистрации, соодветно. Сепак, новата Model Y Juniper не успеа да донесе очекуван скок во продажбата, со 15.164 регистрации во март, што е пад од 43% во однос на минатата година.
Volkswagen постигна силен успех, со три свои модели во топ 10 листата за БЕВ во првиот квартал: ID.4 (3-то место), ID.7 (4-то место) и ID.3 (6-то место). Меѓу новите имиња во топ 10 се најдоа и Kia EV3 (5-то место), Renault 5 E-Tech (8-мо место) и Citroen e-C3 (10-то место).
Tesla сè уште доминира во САД, но со пад
На американскиот пазар, продажбата на електрични возила достигна 296.227 единици (+11,4%) во првото тримесечје на 2025 година. Tesla задржа доминација со 43,5% пазарен удел (128.100 единици), и покрај падот од 8,6% во споредба со истиот период минатата година.
Скромен раст на вкупниот пазар во Европа
На европскиот пазар, без оглед на типот на погон, во март 2025 година биле регистрирани 1.423.340 возила, што е зголемување од 3,2%. Вкупниот број на регистрации за првото тримесечје достигна 3.383.986 единици, што претставува речиси идентична бројка во однос на минатата година (-0,02%).
Peugeot 208 беше најпродаван модел во март, додека Dacia Sandero остана лидер во вкупниот резултат за првото тримесечје.
Иако Tesla (-38%) бележи пад, таа не е единствена. Меѓу брендовите со најголеми падови во Q1 2025 се најдоа Maserati (-39%), Mitsubishi (-43%), Smart (-65%), Lancia (-73%), Abarth (-75%) и Jaguar (-82%).