Тест Opel Grandland GS: Знаменосецот од Руселсхајм

Конкуренцијата во светот на SUV моделите е пожестока од кога било. Сепак, Grandland успева да се истакне благодарение на внимателно избалансираната комбинација од модерен дизајн, практична внатрешност, напредна технологија и  хибриден погон. Со овој модел, Opel уште еднаш покажува дека знае како да создаде автомобил што ќе ги задоволи секојдневните потреби без притоа да заборави на стилот и возачкото уживање.

Тест Opel Grandland GS 1.2 Hybrid 136 HP e-CDT6

Прецизна естетика со германски потпис

Уште при првиот контакт новиот Grandland освојува со својот надворешен изглед кој е истовремено германски прецизен, модерен и естетски привлечен. Обликот користи препознатли остри линии кои совршено се надополнуваат со контрастниот црн покрив и стилизираните 19 инчни леснометални фелни, креирани специјално за него. Дизајнерскиот тим користел чист и искрен пристап при обликуањето со кој јасно се дефинирана формата и карактер. Во целината суптилно се вклопени динамични површини кои ја истакнуваат елегантната страна на возилото.

Тест Opel Grandland GS 1.2 Hybrid 136 HP e-CDT6Бидејќи веќе го спомнавме црниот покрив, неизоставно е да ја пофалиме и новата нијанса на бакарна боја во која беше обоена каросеријата, што несомнено додава премиум чувство на надворешноста. Компанијата го насочува дизајнот кон семејните вредности и практичноста, а во исто време умешно ги комбинираат стилските елемнети со кои остава силен впечаток.

Една од клучните точки на надворешноста се токму светлосните елементи, кои освен што го креираат визуелниот идентитет на Grandland ја подигаат и сигурноста на повисоко ниво. На централниот елемент од предниот дел, кој е познат како „Vizor“ се интегрирани напредни „Intelli-Lux Pixel LED“ матрични фарови кои користат неверојатни 51.200 LED диоди. Овие светлосни склопови поставуваат нови стандарди во осветлувањето, а една од најиновативните функции е автоматското избегнување на одблесок од сообраќајните знаци, нешто што значително го подобрува ноќното возење.

Кога говориме за осветлувањето вредно е да се каже дека вниманитето продолжува и на задниот дел од возилото. Пристапот е речиси идентичен, склоповите се изведени со тенок облик и хоризонтална поставеност во целосна LED форма, со прецизно исцртана графика и логотип на марката во централниот дел. Покрај естетските и технолошките подобрувања, новиот Grandland добива и во димензии. Тоа значи дека сега брои 4.650 мм должина, 1.905 мм ширина и 1.660 мм висина, со меѓуоскино растојание од 2.784 мм, бројки што директно се преведуваат во значително повеќе простор за патниците и багажот. Со овој пакет кој комбинира умешен дизајн, функционалност и иновативна технологија, Grandland со право се позиционира како еден од најинтересните модели во својата класа.

Уредно и минималистички

Внатрешноста на новиот Opel Grandland е вистинско сведоштво за германската посветеност кон деталите. Кабината е внимателно дизајнирана со употреба на висококвалитетни материјали, а изборот на текстури и бои е умешно искомбиниран за да создаде топло, пријатно и естетски прифатливо опкружување. Просторот е организиран ергономски, а секој елемент е таму каде што треба да биде.

Тест Opel Grandland GS 1.2 Hybrid 136 HP e-CDT6

Централно место во кабината заземаат одлично профилираните предни AGR ергономски седишта кои нудат богати можности за индивидуално подесување, што ги прави идеални за подолги патувања и секојдневно возење. Возачката позиција е висока и природна, а благодарение на големите стаклени површини видливоста е одлична во сите правци. Просторната понуда во кабината е уште еден важен адут на Grandland.

Новата STLA Medium платформа му обезбеди на моделот значително повеќе простор во задниот дел, каде и патниците со повисок раст ќе уживаат во комфорно седење со доволно простор за колената и главата. Исто така, багажниот простор од 550 литри е повеќе од доволен за семејните патувања, викенд излети или секојдневните обврски. Кога станува збор за технологијата, Grandland GS доаѓа со комплетна дигитална архитектура.

Стандардна опрема е 10-инчниот дигитален инструмент панел, а доминантно место зазема и 16-инчниот централен екран за инфозабавниот систем и навигацијата. Корисниците можат да сметаат и на безжично полнење за смартфони, загреан волан, амбиентално осветлување и сериозно добро озвучување што го подига аудио доживувањето на повисоко ниво. Посебно внимание заслужува и „Intelli-HUD“ хед-ап дисплејот, кој ги проектира најважните информации на ветробранското стакло, директно во видното поле на возачот.

За оние моменти кога е потребно поголемо фокусирање на патот, достапен е и „Pure“ режимот, кој го минимизира бројот на информации на екраните за поопуштено и побезбедно ноќно возење. И покрај дигитализацијата, Opel останува верен на принципот на интуитивност, основните функции, како што е управувањето со клима-уредот, се контролираат преку физички копчиња. Во ера на пренатрупани екрани и дигитални менија, ова е вистинска „детоксикација“ која го враќа чувството на контрола.

Тест Opel Grandland GS 1.2 Hybrid 136 HP e-CDT6Новата платформа не носи само просторност, туку и напредни безбедносни технологии. Меѓу нив се бројни системи за асистенција, додека како дополнителна опција во тестираниот примерок е вграден напредниот „2.0 Drive Assistant plus“, систем кој овозможува полу-автономно возење. Со Grandland, Opel успеа да испорача внатрешност која истовремено е технолошки напредна, комфорна и функционална, како идеална мерка за модерното семејство.

Рационален хибрид за секојдневна ефикасност

Под предниот поклопец на новиот Grandland се крие добро познатиот 1.2 литарски трицилиндарски турбо бензинец, но овој пат надграден со 48-волтен благ хибриден систем (MHEV). Резултатот е погон кој комбинира економичност, динамика и современа електрификација во еден пакет.

Срцето на системот е бензинскиот агрегат со 136 КС, кој својата максимална моќност ја испорачува при 5.500 вртежи во минута, додека 230 Nm вртежен момент се достапни уште од 1.750 врт/мин. Дополнителна поддршка дава интегрираниот електромотор со 28 КС (21 kW) и 51 Nm влечна сила, сместен во куќиштето на новиот 6-брзински автоматски менувач со двојна спојка. Енергијата за електромоторот ја обезбедува компактна батерија со капацитет од 0,89 kWh, чија мала тежина минимално влијае на масата на возилото. Иако електромоторот може кратко да го придвижува автомобилот самостојно при ниски брзини, неговата главна улога е да асистира при тргнување, забрзување или при одржување константна брзина (coasting), со цел да ја намали потрошувачката и да го подобри одзивот. Инстантната испорака на вртежен момент од електромоторот уште од 750 врт/мин овозможува полесно стартување, особено во градски услови или при маневрирање на паркинг.

Благодарение на ваквата архитектура, Grandland обезбедува солидни перформанси за семеен транспортер кој тежи речиси 1.600 килограми. Забрзувањето до 100 км/ч трае нешто над 10 секунди, а максималната брзина ја преминува границата од 200 км/ч. Системот е прилагоден да функционира во неколку режими, интелигентно користејќи ја електричната енергија кога е најпотребно, без да го наруши карактерот на возилото.

Кога станува збор за потрошувачката, во текот на нашиот тест таа се движеше меѓу 8 и 8,5 литри на 100 километри, зависно од условите на возење. Овие бројки се сосема коректни за возило од оваа класа и потврдуваат дека хибридниот систем не е тука само за маркетинг, туку реално придонесува за подобра ефикасност. Opel со овој погон докажува дека умерената електрификација, комбинирана со проверена технологија, е вистинската формула за оние што сакаат современ SUV со рационален пристап кон потрошувачката без компромиси во секојдневната употреба.

Тест Opel Grandland GS 1.2 Hybrid 136 HP e-CDT6

Комфорот и стабилноста како приоритет

Моделот Grandland веднаш ја открива својата семејна ориентираност, но тоа не значи дека нема скриени адути за оние кои понекогаш сакаат да уживаат во подинамично возење. Овој модел е пред се замислен да ве однесе секаде со одмерено и прецизно темпо, без непотребно драматизирање зад воланот. Концептот е јасен, удобноста и стабилноста се поставени како приоритет.

Од самиот старт впечатокот е дека суспензијата е калибрирана во корист на удобноста, а тоа особено доаѓа до израз на нерамнини и оштетени делови на патиштата. Големите 19 инчни тркала, кои обично знаат да бидат непријател на комфорот кај други модели, овде се совршено усогласени со амортизацијата, па непријатните удари и вибрации се сведени на минимум. Инженерите на Opel очигледно посветиле сериозно внимание на финото подесување на механиката со цел возачот и патниците да уживаат во секојдневното возење. Најмногу се чувствува внимателно избалансираната суспензија, која истовремено овозможува флексибилност во урбана средина и стабилност на високи брзини, со доволно динамика за кога ќе посакате да му дадете карактер на возењето.

Од она што можеме да го донесеме како заклучок произлегува дека моделот Grandland не е само уште еден SUV на пазарот, туку дека Opel има создадено зрела и добро осмислена понуда која со веќе наведените карактеристики сосема оправдано се позиционира како еден од најатрактивните модели во класата.

Технички податоци за Opel Grandland GS 1.2 Hybrid 136 HP e-CDT6

Цена на тестираниот модел: 37.700 евра

Мотор Euro VI, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,0 x 90,5 мм
степен на компресија 10,5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. моќ на електромотор
136 KС (100 kW) при 5.500 min/-1

28 КС (21 KW) при 4.264 min/-1

Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор
230 Нм при 1.750 min/-1205 Nm/

51 НМ помеѓу 750 и 2.499 min/-1

Трансмисија на предни тркала преку 6-степен автоматски менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад независна оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 225/55 R19 (напред) 225/55 R19 (позади)
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.650 x 1.905 x 1.660 мм
меѓуоскино растојание 2.784 мм
траги (напред/назад) 1.610/1.598 мм
Тежина 1.525 кг
максимална тежина 2.080 кг
багажен капацитет 550/1.645 литри
Резервоар 55 литри
Батерија литиум-јонска 48V
максимална брзина 202 км/ч
забрзување 0-100 km/h 10.2 секунди
просечна потрошувачка на хибриден систем 5,6 л/100 км
емисија на CO2 124 г/км

Opel Grandland во Македонија

Opel Grandland Edition 1.2 Hybrid 136 HP e-CDT6 32.990 евра
Opel Grandland Edition 1.6 Plug-in Hybrid 195 HP e-CDT7 49.380 евра
Opel Grandland Edition Electric 213 HP AT 73kWh 52.150 евра
Opel Grandland GS 1.2 Hybrid 136 HP e-CDT6 40.270 евра
Opel Grandland GS 1.6 Plug-in Hybrid 195 HP e-CDT7 52.380 евра
Opel Grandland GS Electric 213 HP AT 73kWh 54.710 евра

Повеќе информации во Еуроимпекс на тел. (02) 311 10 000 или на www.opel.mk

Конкуренти:

Renault Austral од 34.540 до 53.540 евра
Peugeot 3008 од 35.780 до — — евра
Ford Kuga од 29.900 до 51.500 еврa
Hyundai Tucson од 28.900 до 54.500 еврa
Toyota RAV4 од 39.990 до 58.490 еврa
Nissan Qashqai од 29.890 до 58.900 евра
Chery Tiggo 8 Pro од 33.900 до 35.500 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button