Mitsubishi го претстави целосно новиот Grandis

Новиот Mitsubishi Grandis, базиран на Renault Symbioz, пристигнува во Европа со хибридни погони, богата опрема и практична SUV форма

Mitsubishi го претстави новиот Grandis, компактен SUV со електрифициран погон, наменет за европскиот пазар. Станува збор за модел што се темели на Renault Symbioz, со мали визуелни измени и сопствена брендинг-идентичност, а ќе се нуди со mild-hybrid и full-hybrid погонски опции.

Познато име во нова SUV форма

Името Grandis се враќа во понудата на Mitsubishi, овојпат не како миниван туку како модерен SUV со пет седишта. Претходно користен меѓу 2003 и 2011 година, сега Grandis означува поголема и попространа верзија на освежениот ASX, кој пак е базиран на Renault Captur. Дизајнерски, Grandis задржува дел од јазикот на ASX, со препознатлива маска во црна боја и сребрени детали, но со сопствени 19-инчни тркала и „Hybrid EV“ ознаки.

Mitsubishi Grandis

Надворешност инспирирана од Mitsubishi

Иако силуетата е речиси идентична со Symbioz, Grandis носи поспортски и подинамичен изглед – особено во задниот дел, каде што новите задни светла потсетуваат на спортски модел, а капакот на багажникот има нагласени линии. Браникот со лажни отвори е преземен директно од Renault моделот.

Внатрешност и опрема

Во кабината, Mitsubishi го задржува дизајнот на Symbioz, со исклучок на логото на управувачот. Просторот за патници останува ист – конфигурација со пет седишта и лизгачка задна клупа, со багажник од 434 до 566 литри. Стандардната опрема вклучува електрично отворање на багажникот, панорамски покрив со затемнување, 10,4-инчен инфозабавен екран и богат сет на системи за асистенција при возење.

Mitsubishi Grandis

Две електрифицирани верзии

Grandis се базира на продолжената CMF-B платформа на алијансата Renault-Nissan. Основната верзија доаѓа со 1.3-литарски турбо бензински мотор со mild-hybrid технологија и 140 КС, во комбинација со 6-брзински мануелен или 7-брзински автоматски менувач.

За оние кои бараат повеќе електрификација, достапна е и full-hybrid верзија со 1.8-литарски бензинец, две електромотори и 1.4 kWh батерија. Вкупната моќност изнесува 156 КС, а погонот е на предните тркала.

Европско производство и пазарен старт

Производството на Mitsubishi Grandis ќе се одвива во фабриката на Renault во Ваљадолид, Шпанија – истата каде се изработува и Symbioz. Моделот ќе се појави на европските пазари кон крајот на 2025 година, а ќе биде проследен со целосно електричен Eclipse Cross, базиран на Scenic E-Tech.

„Со новиот Grandis и претстојниот електричен Eclipse Cross, значително ја прошируваме понудата на електрифицирани модели за европските клиенти“, изјави Тацуо Накамура, потпретседател на Mitsubishi Motors.

Поврзани вести

Back to top button