Škoda со првиот тизер го најави електричниот Vision O
Škoda го подготвува концептот Vision O како прва најава на електричната Octavia, која треба да пристигне до 2029 година

Škoda ги засили подготовките за IAA Саемот во Минхен во септември со првиот тизер за концептот Vision O – електрична караванска студија која најавува што следува за еден од нејзините најуспешни модели, Octavia. Новиот концепт е прв показател на идната целосно електрична генерација, која треба да пристигне до 2029 година.
Стилска и динамична визија
Иако Škoda објави само една силуета, јасно се гледа дека Vision O е карван со спортски дизајн – со динамично наклонето ветробранско стакло, ниска покривна линија и заден дел со аголна форма, кој изгледа поаеродинамично отколку практично. Визуелниот впечаток наликува на Audi A6 e-tron Avant, но со LED светлосен потпис кој јасно ја идентификува Škoda.
Vision O е и првиот концепт што ќе ја прикаже еволуцијата на новиот дизајнерски јазик на марката, наречен Modern Solid, кој треба да доминира кај новата генерација Škoda возила.
Блиска врска со VW ID.Golf, но со повеќе простор
Под каросеријата, Vision O ја користи истата SSP платформа како и следниот VW ID.Golf, кој исто така ќе дебитира пред крајот на деценијата. Сепак, Škoda ќе има подолг меѓуоскино растојание, што значи дека ќе понуди повеќе простор за патници и багаж – едно од најсилните оружја на Octavia во споредба со Golf низ годините.
Иако електричниот погон ќе биде новитет за Octavia, моделот нема веднаш да ја замени постојната бензинска и хибридна варијанта. Очекувањата се дека двата модели ќе коегзистираат неколку години, со оглед на популарноста на хибридните возила во Европа.
Моќност и технологија
Во серииската верзија, која се очекува меѓу 2028 и 2029 година, ќе бидат достапни конфигурации со еден или два електромотори, а SSP платформата ќе овозможи и користење на 800-волтна технологија за брзо полнење. Тоа ќе значи пократко време на полнење, поефикасна употреба на батеријата и подобра вкупна енергетска ефикасност.
Успешна електрична експанзија
Škoda веќе бележи сериозен успех со својата електрична SUV понуда – Enyaq и Elroq – а наскоро доаѓа и компактниот Epiq. Во првата половина од 2025 година, регистрациите на нови возила од чешкиот бренд се зголемени за 13,6 проценти. Со додавање на електрична верзија на Octavia, Škoda се позиционира како клучен играч во новата ера на пристапна и практична електрична мобилност.