Тест Renault 5 E-Tech Iconic: Враќање на легендата

Новиот Renault 5 е еден од најуспешните примери на ретро-дизајн во автомобилската индустрија последниве години. Колку повеќе го гледате автомобилот, толку повеќе сфаќате дека дизајнерите не се обиделе само да го копираат минатото, туку да го оживеат во форма што делува свежо и современо.

Едноставно, некои автомобили се повеќе од транспортни средства, тие се дел од културата и сеќавањата на многумина, а Renault 5 е токму таков автомобил. Во седумдесеттите и осумдесеттите години овој мал хечбек беше симбол на француската урбана мобилност, на младешкиот дух и на пристапноста. Сега, по повеќе од четири децении, Renault реши повторно да ја врати легендата, но во сосема нова форма. Новиот Renault 5 E-Tech е целосно електричен, модерен и технолошки напреден, но во исто време носи со себе силна доза носталгија. Тој не е само автомобил, туку порака, дека иднината на мобилноста може да биде полна со карактер, шарм и емоција.

Ретро инспирација за современ идентитет

Новиот Renault 5 е еден од најуспешните примери на ретро-дизајн во автомобилската индустрија последниве години. Додека многу производители се обидуваат да „оживеат“ култни модели, често резултатот изгледа на сила или премногу кич. Кај овој модел тоа не е случај, балансот помеѓу носталгијата и модерното е совршено пронајден. Предниот дел го дефинираат LED светлата со уникатен светлосен потпис што е инспириран од оригиналот. Предниот поклопец доби интегриран дисплеј со бројот 5, кој при полнење се претвора во индикатор за статус на батеријата, едноставен, но ефективен гест што што ја спојува ретро симболиката и дигиталната технологија.

Од страна, пропорциите се компактни, но со широки крила и релативно високи странични панели, што му даваат цврста и динамична пропорција.  Можност за двобојна каросерија како што е случај со тестираниот примерок на автомобилот дополнително му додава младешки и енергичен дух. Комбинациите на бои и „стикери“ овозможуваат целосно персонализирање на возилото со што се добива целосно уникатна креација по желба на сопственикот. Задниот дел носи модерна верзија на вертикалните светла што беа препознатливи за класиката. Со должина од  3,92 метри, Renault 5 E-Tech е вистински градски херој, со изглед што буди насмевка кај оние кои се сеќаваат на оригиналот, но и кај оние што за прв пат се сретнуваат со неговата надворешност. Колку повеќе го гледате автомобилот, толку повеќе сфаќате дека дизајнерите не се обиделе само да го копираат минатото, туку да го оживеат во форма што делува свежо и современо.

Tоплина наместо ладна дигитализација

Внатрешноста е можеби најголемото изненадување. Многу електрични автомобили паѓаат во стапицата на „tablet on wheels“ филозофија, студен минимализам, големи екрани и речиси без душа. Но, Renault 5 оди по сосема поинаков пат. Да, има два 10 инчни екрани, еден пред возачот, еден на централната конзола, но околу нив е создаден ентериер што делува топло и пријателски, баш како некогаш! Дизајнерите користеле ткаенини со специфични структури и нијанси, што внесуваат разиграност и карактер. Наместо целосна зависност од пластика со „piano black“ финиш, има комбинации на рециклирани материјали и текстури со мат изглед кои изгледаат пософистицирано и практично. Но, вистинскиот шарм е во деталите, квадратни вентилациски отвори, специфични рачки на вратите и модерно амбиентално осветлување кое ја менува бојата во зависност од избраниот мод за возење.

Renault 5 E Tech Iconic Test

Просторноста е коректна, особено ако се земе во предвид дека автомобилот е речиси 10 сантиметри пократок од  4 метри. На предните седишта удобноста е изведена на најдобар можен  начин. Возачката позиција има одлична ергономија и прегледност во сите правци. додека назад две возрасни лица на пократки дистанци патуваат сосема солидно. Багажникот од 326 литри е изненадувачки голем и функционален, што за возило кое е предвидено претежно да се користи во градски средини доаѓа како бонус при секојдневните набавки.

Бидејќи на почетокот накратко ги спомнавме дигиталните моменти, сега ќе надополниме дека инфо-забавниот систем е базиран на Android Automotive и носи одлична интеграција со паметните уреди. Се користи лесно и интуитивно, со можност за целосна персонализација и опции за „симнување“ на преку 100 апликации од Play Store. Голем плус е што Google Maps е интегриран директно во системот, со податоци за полначи и оптимизација на рутата според состојбата на батеријата, а во пресрет излегува и Chat GPT кој гласовно се командува преку дигиталниот асистент „Reno“,  пријателски виртуелен карактер кој реагира на командите и во исто време додава доза на хумор што делува доста забавно, типично француски.

Динамична забава

Во срцето на Renault 5 E-Tech работи електромотор со 150 КС и 245 Нм вртежен момент. На хартија бројките изгледаат вообичаено, но во реалноста тие изгледа многу потентно. Причината е моменталната испорака на вртежниот момент, автомобилот реагира веднаш на педалата за гас, со леснотија што ја прави градската возачка динамика вистинско задоволство. Забрзувањето до 100 км/ч за околу 8 секунди не е спортска бројка, но е доволно брзо за да ви донесе самодоверба во секојдневниот сообраќај.

Она што повеќе впечатува е еластичноста при меѓузабрзувања, од 30 до 70 км/ч кога буквално „полетува“, што е идеално за претекнувања. Под подот е сместена батерија со капацитет од 52 kWh. Таа користи литиум јонска хемија со течно ладење, што обезбедува стабилна температура и оптимални перформанси во различни услови. Батеријата е поставена така што не одзема значително место во кабината или багажникот, а нискиот центар на гравитација му дава на автомобилот дополнителна стабилност при возење. За полнење во домашни услови преку 7,4 kW станица за скок од 15% до 80% потребни се малку повеќе од 5 часа, додека  брзото полнење оди до 100 kW, што во пракаса значи дека за да се надополни од 10% до 80% потребно е окулу 30 минути.

Renault 5 E Tech Iconic Test

Официјално, Renault 5 E-Tech нуди автономија до 410 км според WLTP циклусот. Но реалноста, како и кај сите електрични автомобили, зависи од условите. Во градски услови, благодарение на регенерацијата при сопирање и умерената потрошувачка, реалниот опсег може да достигне и до 450 км. На комбинирани рути, бројката е околу 340 км, а доколку се вози на автопат, при брзини помеѓу 120км/ч и 130 км/ч, опсегот на движење е еднаков на 290 км. Нашето искуство вели дека по комбинирано одвозени 320 км,  батеријата има уште 18 % енергија, што не е далеку од декларираната вредност на производителот.

Renault 5 E-Tech е вистинско изненадување зад воланот. Благодарение на компактните димензии и нискиот центар на гравитација, автомобилот е агилен и лесен за маневрирање. Управувањето е директно и прецизно, со природен одѕив што буди доверба. Во град возењето е речиси игра, лесно се провлекува низ тесни улици, а со радиус на вртење од околу 10,3 метри, паркирањето е „песна“. Суспензијата е сериозно добро избалансирана, доволно мека за да впие нерамнини, но доволно цврста за да го држи автомобилот стабилен при побрзо возење низ кривини. На автопат останува тивок и стабилен, што е вистински плус за компактно возило.

Renault 5 E Tech Iconic Test

Новата генерација Renault 5 не е само уште еден електрично возило, тоа е автомобил со душа, нешто што е ретка појава во денешната автомобилска индустрија. Со дизајн кој предизвикува насмевка, ентериер кој е топол и модерен, технологија која е практична и забавна, и погон што нуди вистинска употребливост, овој модел е мост меѓу минатото и иднината. Renault успеа да ја пренесе магијата на „петката“ во 21 век… и тоа на струја. Автомобил кој е потсетник дека електричната мобилност може да биде шармантна, човечка и полна со карактер.

Бидејќи ова е првиот, т.е. „демо“ примерок на автомобилот во нашата земја, цената за време на нашиот тест се уште не беше формирана. Од импортерот за возилата на Renault ни посочија дека очекуваната продажна цена на електричната „5-ка“ би требало да чини над 30.000 евра… па доколку сте заинтересирани слободно контактирајте ги лицата за продажба во Аутомотив Груп.

Технички спецификации за Renault 5 E Tech Iconic:

Мотор Синхронизиран електромотор
Моќност на ел.мотор 110 kW (150 КС)
Макс.вртежен момент 245 Nm
Трансмисија На предните тркала преку автоматски менувач со редуктор
Потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред вентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици напред: 195/55 R18 назад: 195/55 R55
Каросерија „хечбек“ со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 3.922 х 1.808 х 1.498 мм
меѓуоскино растојание 2. 540 мм
траги (напред/назад) -.— / -.— мм
Тежина 1.449 кг
максимална тежина 1.920 кг
багажен капацитет 326 литри
максимална брзина 150 км/ч
забрзување (0-100 км/ч) 8,0 секунди
капацитет на батерија Расположиви 52 kWh (бруто 55 kWh)
декларирана просечна порошувачка на ел.енергија 14,9 – 15,5 kWh/100 km
времетрање на полнење AC 11 kW 15-80% 3:13 мин, DC 100 kW 0-80% 0:30 мин.
автономија на движење 410 километри
емисија на CO2 0 г/км

Повеќе информации во Аутомотив Груп на тел. (02) 27 27 200 или на www.renault.mk

Конкуренти:

Mini Cooper Electric од  40.360 евра до 50.930 евра
Fiat 500e од  –.— евра до –.— евра
Peugeot e-208 од  –.— евра до –.— евра
Opel Corsa Electric од 36.360 евра до 39.880 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

 

Поврзани вести

Back to top button