Тест Skywell BE11: Нов предизвикувач од Кина со европски амбиции

Во последните неколку години, кинеските автомобилски брендови стануваат сè поагресивни на европскиот пазар. Нивната стратегија е јасна: преку електрични модели со голем досег, богата опрема и конкурентна цена сакаат да се наметнат како реална алтернатива на традиционалните европски производители. Популарноста им расте брзо, а се повеќе модели веќе се присутни на улиците низ европските градови, но се почесто и кај нас. Skywell е само еден од примерите за тоа како кинеските компании не само што влегуваат во играта, туку и сериозно ја менуваат сликата за тоа што значи „премиум“ и „достапно“ електрично возило.

Skywell BE11 е првото SUV-возило на компанијата Skywell – кинески производител формиран во 2017 година како дел од гигантот за потрошувачка електроника Skyworth. Овој модел наменски пристигнува како „лидер“ во луксузната класа на електрични кросовери, со 8-годишна гаранција на батеријата и богата стандардна опрема. Нашиот тест беше фокусиран на најмоќната верзија – 620 Long Range (LUXURY Plus), со батерија од 86 kWh и официјален WLTP досег од 489 km. Цената на тестираниот модел изнесува 45.490 евра.

Смирен, модерен и различен

Skywell BE11 остава впечаток на модерен, но воздржан SUV, без премногу драматичност. Предниот дел е нагласен со остри LED светла, додека задниот дел е споен со континуирана светлосна лента што дава премиум впечаток. Со својата атлетска силуета и со должина од 4,72 метри и ширина од 1,91 метар, автомобилот се позиционира во сегментот на поголемите електрични кросовери, блиску до ривали како Nissan Ariya или Ford Mach-E.

Тест Skywell BE11Особен впечаток оставаат 19-инчните тркала и хромираните детали, што ги комплементираат строгите и воздржани линии, додека браниците и облогите додаваат моќност во севкупниот изглед. Впечатокот е на стабилен и цврст автомобил, со хармонични пропорции и детали како алуминиумските бандажи, панорамскиот кров и високата линија на каросеријата, кои му даваат престижен изглед, нагласувајќи ја висината и просторот во кабината.

Долг досег за мирно возење

Со 86 kWh батерија, BE11 долго останува на струја. Во пракса, аутомобилот гарантира WLTP досег од 489 километри, но она што не изненади е дека во градски услови, при помали релации и помала енергетска потрошувачка, автономијата достигнува до над 600 километри. Реалниот просек на потрошувачка е околу 17 до 18 kWh/100 километри, што значи многу поефикасно и неверојатно економично возење со едно полнење.

Тест Skywell BE11

Брзото полнење е конзистентно, па на DC станица надополнувањето на батеријата од 20% до 70% трае околѕ 45 минути, додека полнењето во домашни услови на 11 kW AC полнач трае 4,5–5,5 часа. Skywell исто така ги рекламира „V2L“ можностите (испорака на моќност од акумулаторот), што овозможува користење на батеријата како извор на електрична енергија надвор од возилото (корисно за кампување или опрема). Практично, оваа функционалност може да напојува мали уреди со 220V приклучок во багажникот.

Простор и технологија во изобилство

Тест Skywell BE11Ентериерот е едно од најсилните оружја на BE11. Кабината е пространа, со многу простор и за возачот и за патниците, додека панорамскиот кров ја засилува чувството на отвореност и комфор. Пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла од 12,3 инчи, а во центарот доминира голем 12,8-инчен екран на допир преку кој се контролираат речиси сите функции. Под централната конзола се наоѓа и бежичен полнач за телефон. Системот е богат со можности и поддржува Bluetooth, GPS навигација, повеќе USB приклучоци и Meridian аудио систем со осум звучници и сабвуфер, како и Android Auto и Apple Car Play поврзаност. Иако недостатокот на физички копчиња бара навика, едноставниот и јасен интерфејс ја олеснува употребата.

Тест Skywell BE11Седиштата во оваа верзија се изработени од комбинација на кожа и велур, а предните се електрично подесливи, со функција за греење и вентилација. Просторот на задната клупа е импресивен и овозможува патување без компромиси дури и на подолги релации. Багажниот простор е 467 литри, а со спуштање на задните седишта достигнува 1.141 литар, доволно за семејни патувања или спортска опрема.

Тивко и удобно зад воланот

BE11 е опремен со електромотор кој испорачува 204 коњски сили и 320 Nm вртежен момент, што е сосема доволно за неговата класа. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае околу 9,6 секунди, а максималната брзина е ограничена на 150 km/h. На патот, автомобилот нуди многу тивко и мирно возење. Суспензијата е подесена да ја фаворизира удобноста, па BE11 лесно ги апсорбира нерамнините и останува стабилен и на повисоки брзини. Управувањето е лесно и практично, иако нема изразено спортски карактер, што јасно укажува дека приоритетот е комфор и сигурност.

Како што покажуваат бројките, BE11 располага со доволно моќ за мирно патување. Нашето искуство покажа дека возењето е пригушено и без вибрации, а управувањето е лесно и практично, со мазна реакција на гасот. Повеќе од очигледно е дека Skywell ја оптимизира возната динамика за комфор, при што суспензијата е прилагодена за удобност, и во возењето се чувствува дека возењето е удобно на автопатски брзини, со доволно секојдневни перформанси. Лично, на автопат BE11 создава чувство на стабилност, со тивок и линеарен развој на брзината, наместо возачка забава. За градски услови, она што ќе привлече внимание е фактот што управувачот е многу лесен и ќе имате чувство како да нема реална повратна сила во раката. Ние забележавме дека чувствителноста на управувачот е идеален градски профил, без остри реакции, што овозможува многу полесно маневрирање во потесни улици и при стандардни градски ситуации.

Системот за регенеративно кочење (со 11 нивоа на заедничка смена) е доволен, но не екстремен, па искуството е најчесто прилагодено на „medium“ рекуперација, освен ако сами не го конфигурираме. Ние возевме со повеќе нивоа на регенерација и вообичаено ја цениме верзијата со „една педала“, но Skywell не нуди класичен „one-pedal“ режим и при кочење електромоторот само делумно пренасочува енергија. Сепак, возилото сеприсутно ги враќа речиси 30+% енергија при управувано сопирање.

Безбедност со премиум пристап

Skywell BE11 изобилува со напредни технологии и системи за асистенција. Верзијата Luxury Plus вклучува адаптивен темпомат, систем за задржување во лента, автоматско сопирање во итни ситуации, мониторинг на мртов агол и 360° камера со поглед околу возилото. За дополнителна удобност тука се автоматска клима со отвори за задните седишта, безжично полнење за телефони, амбиентално осветлување со 128 бои и електрично отворање на петтата врата. Сето ова го позиционира BE11 како SUV кој нуди премиум искуство и за возачот и за патниците.

Безбедносните системи се на завидно ниво, со 6 воздушни перничиња, темпомат со контрола и предупредување за замор кај возачот, а кај конкретниот модел на располагање имавме и LKA и BSD (асистенција за одржување во лента и промена на лента), заедно со Auto Parking Assist кој овозможува автоматско паркирање.

Електричен SUV што заслужува внимание

Skywell BE11 претставува амбициозно, но комплексно искуство. Од една страна, тој нуди голем простор, богата стандардна опрема и тивко, флуидно возење, особено на автопат, каде што се чувствува дека батеријата гарантира задоволителен досег. Од друга страна, со оглед на сегментот и типот на возило, возачкото уживање е очекувано лимитирано од меката реакција на управувањето, што е и очекувано со оглед на неговата намена, големина и маса, а фокусот е ставен на комфорот и удобноста.

Тест Skywell BE11

Нашиот впечаток е дека BE11 најмногу ќе се допадне на купувачи кои бараат луксузен простор и опременост за маестрален возачки кросовер, прифатливи компромиси со динамиката. За цена од околу 46.000 евра, Skywell нуди повеќе опрема од многу стандардни ЕВ соперници со што овој кинески SUV веќе покажа дека може да опстане во фокусот на вниманието.

Моделот е уште еден силен доказ дека кинеските брендови се подготвени сериозно да се борат на европскиот пазар. Тој нуди голем досег, пространа и богато опремена кабина, тивко и удобно возење и безбедносни технологии кои се на нивото на многу поскапи конкуренти. Иако нема спортска динамика и дел од ентериерните материјали би можеле да бидат порафинирани, BE11 успева да ја оправда својата цена и да се позиционира како атрактивна алтернатива за купувачите во потрага по нов електричен SUV.

Цена на тестираниот модел: 45.490 евра

Технички податоци за Skywell BE11:

Мотор Електричен
Моќност на ел. мотор 150 kW (204 КС)
Максимален вртежен момент 320 Nm
Трансмисија Автоматски едностепен менувач, преден погон
Потпирање Напред: независни Мекферсонови нозе; Назад: независен мултилинк, спирални пружини, стабилизатор
Сопирачки Напред: вентилирачки дискови; Назад: дискови, ABS, EBD, ESP, TCS
Пневматици 235/50 R19 (стандард) / 245/45 R20 (опција – Luxury)
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
Должина × ширина × висина 4.720 × 1.908 × 1.696 мм
Меѓуоскино растојание 2.800 мм
Тежина 1.880 – 1.930 кг
Максимална тежина 2.310 кг
Багажен капацитет 467 л / 1.141 л (со спуштени седишта)
Максимална брзина 150 км/ч
Забрзување (0–100 км/ч) 9,6 s
Капацитет на батерија 86 kWh (NMC)
WLTP досег 489 км (реално 400+ км)
Просечна потрошувачка 17,8 kWh/100 км
Времетраење на полнење AC 11 kW (20–70%) 4,5–5,5 ч; DC CCS2 (20–70%) 36–45 мин
Емисија на CO2 0 г/км

Skywell BE11 во Македонија:

Skywell BE11 Comfort 520 Standard Range 38.990 евра
Skywell BE11 Comfort 620 Long Range 41.990 евра
Skywell BE11 Luxury 520 Standard Range 41.990 евра
Skywell BE11 Luxury 620 Long Range 43.990 евра
Skywell BE11 Luxury Plus 520 Standard Range 42.990 евра
Skywell BE11 Luxury Plus 620 Long Range 45.490 евра

Повеќе информации официјалниот сајт на Аутомакедонија или на тел 02 3103 130

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button