Евро 7 регулативите враќаат компоненти кои одамна не се користат
Новите Euro 7 регулативи од 2026 го враќаат фокусот на барабан сопирачките. Поради намалување на честичките од кочниците и гумите, оваа стара технологија добива нова улога кај електричните возила и хибридите.

Со стапувањето на сила на новите Евро 7 регулативи во ноември 2026 година, автомобилската индустрија се соочува со нов предизвик – намалување на емисиите не само од издувните гасови, туку и од гумите и сопирачките. Овој фокус би можел да значи враќање на некогаш заборавената технологија – барабан сопирачките.
Историски пад, можен камбек
Таканаречените барабани беа стандард сè до 1960-тите, но постепено беа заменети со дискови поради подобра ефикасност и отпорност при интензивно кочење. До средината на 1980-тите, речиси исчезнаа од предната оска, а денес се користат само кај поевтини и помали модели во главно на задната оска. Но нивната затворена конструкција има предност – голем дел од прашината и честичките остануваат „заробени“ во тапанот, наместо да се испуштат во воздухот.
Нови стандарди, нови решенија
Евро 7 пропишува построги лимити за честички од сопирачките и гумите. Производителите веќе тестираат различни решенија, специјални облоги на челичните дискови, нови материјали за плочките и дури и карбонски дискови слични на оние кај суперавтомобилите. Иако скапи, овие технологии можат да намалат емисии до 81%.
Зошто тапаните повторно добиваат внимание
Освен што задржуваат повеќе честички, барабани сопирачките нудат и други предности: нема видлива сопирачка прашина на фелните, пониски производствени трошоци и помала тежина. Дополнително, кога сопирачките не се активни, имаат помал отпор, што е важно кај електричните возила и хибридите.
ЕВ и хибридите се идеални кандидати
Бидејќи голем дел од кочењето кај електричните автомобили доаѓа од регенеративниот систем, барањата за класичните сопирачки се намалуваат. Volkswagen веќе користи барабани на моделите ID.3 и ID.4, дури и кај спортските GTX верзии. Сега, со новите регулативи, можно е и други производители да го следат истиот пат.
Иднината на кочниците
Компании како Tenneco веќе развиваат нови еколошки плочки и потврдуваат дека интересот за барабан сопирачките повторно расте. Иако многумина ги сметаат за „старомодни“, можно е оваа технологија да добие нова шанса – овој пат како дел од чистата и одржлива мобилност.