Викенд тарифа: BMW M2 со 1.100 КС дрифта низ фабрика во Минхен
Профи дрифт возач вози модифицирано BMW M2 со 1.100 КС директно низ фабриката во Минхен, блиску до опрема вредна милиони

BMW неодамна објави видео кое веднаш привлече огромно внимание на љубителите на мотоспортот и адреналинот. Професионалниот дрифт возач Елијас Хунтонџи, познат како дел од „Driftbrothers“ тимот поддржан од Red Bull, доби уникатна можност да управува со специјално подготвено BMW M2 со повеќе од 1.100 коњски сили, и тоа не на патека, туку директно на подот од фабриката во Минхен.
Дрифт меѓу роботи вредни милиони
Сцените од видеото покажуваат како Хунтонџи вешто го држи автомобилот во долг дрифт само неколку сантиметри од производни линии и индустриски роботи кои чинат милиони евра. Само една погрешна проценка можеше да резултира со сериозна штета, но дрифт мајсторот ја покажа својата исклучителна контрола врз автомобилот.
Иако дел од маневрите се изведени на релативно ниски брзини, ризикот останува огромен, бидејќи фабриката работи со прецизна и чувствителна опрема.
М2, но не како што го познаваме
Иако серискиот BMW M2 веќе важи за автомобил со спортска ДНК, овој примерок нема многу заедничко со стандардниот модел. Возилото е подготвено за професионален дрифт и користи тешко модифицирана верзија на S58 3.0-литарскиот битурбо реден шестцилиндричен мотор. Моторот располага со 1.100 КС и вртежен момент од дури 1.250 Nm. Моќноста, секако, се испраќа на задните тркала, како и кај секој дрифт автомобил. Кога станува збор за модификациите кои се направени, тие вклучуваат засилен моторен блог, поголеми полначи, напредно ладење и уникатен издувен систем кој излегува на местото на задното стакло.

Оваа верзија на M2 се развива за учество во Drift Masters European Championship, па демонстрацијата во фабриката е само најава за она што ќе го видиме на европските писти следната година.
Истовремено, со ова видео, BMW испрати и една јасна порака – спортскиот дух и динамиката на возење остануваат клучен дел од идентитетот на М брендот, дури и во време на електрификација и технолошки трансформации.








