Откриени најдефектните и најсигурните автомобили во Германија
Речиси секое петто не ја поминало техничката контрола, а извештајот на TÜV носи промени во рангирањето на најсигурни и најпроблематични модели

Германскиот TÜV повторно ги објави резултатите од годишниот извештај за техничка исправност. Според податоците од околу 9,5 милиони возила тестирани меѓу јули 2024 и јуни 2025 година, Tesla ги зазеде двете последни позиции во рангирањето на најдефектни автомобили на германскиот пазар.
Tesla повторно на дното: Model Y со најмногу дефекти во последната деценија
Иако Model 3 веќе две години по ред го носеше неславното титулa „најнепоуздан модел“, овојпат Model Y успеа да биде уште полош и да постави нов негативен рекорд. Со стапка на дефекти од 17,3 проценти кај двe до три години стари возила, овој модел се претстави значително полошо од конкуренти како Mini Cooper SE, кој има само 3,5 проценти дефекти. Проблемите најчесто се поврзани со суспензијата, сопирачките, осветлувањето и склоповите на оската – компоненти кои кај Tesla очигледно не стареат добро.
Model 3, иако нешто подобар од Model Y, сè уште има разочарувачка стапка од 13,1 процент, што значи дека секое седмо возило не ја поминало техничката проверка. Податоците ја повторуваат истата слика од минатите години – Tesla сè уште се мачи со квалитетот на изработка и долгорочната издржливост.
Секое петто возило во Германија паднало на TÜV инспекција
Податоците откриваат и поширок тренд: вкупно 21,5 проценти од сите возила тестирани годинава имале „значителни“ или „опасни“ дефекти, што претставува раст од 0,9 проценти во однос на минатогодишниот извештај. Уделот на возила со помали дефекти исто така се зголемува и достигнува 12,3 проценти.
Меѓу другите модели со слаби резултати се најдоа BMW Серија 5 и Серија 6 во возрасните групи од четири до пет и осум до девет години, Dacia Duster кај шест до седум и десет до единаесет години, како и Renault Clio кај најстарите возила од дванаесет до тринаесет години.
Volkswagen доминира меѓу подобрите: Golf, T-Roc и Touareg со најдобри резултати
Од позитивната страна, германските брендови – особено Volkswagen – повторно ја покажаа својата репутација. Во категоријата возила стари четири до седум години најдобри резултати постигнаа VW Golf Sportsvan и VW T-Roc, додека кај најстарите возила (12–13 години) победник беше VW Touareg.
Mazda CX-3 и Mercedes B-Class се истакнаа во повозрасните сегменти, а кај возилата стари две до три години лидерите по категории беа Fiat 500e кај мини класата, Mazda 2 кај малите автомобили, BMW 1 Series кај компактната класа, Mercedes C-Class кај средната, и повторно VW T-Roc кај SUV сегментот.
Mercedes со најдобар „долгорочен квалитет“
Новитет во годинешниот извештај е наградата за долгорочен квалитет – признание за брендовите чии возила стари над десет години имаат најниска стапка на дефекти. Mercedes убедливо го освои првото место со 18,5 проценти дефекти, резултат што речиси одговара на стапката на дефекти кај новиот Tesla Model Y. Audi го зазеде второто место со 19,2 проценти, а Toyota е третопласирана со 22 проценти.
Овие резултати уште еднаш покажуваат дека не секој електричен автомобил автоматски значи квалитет или ниски трошоци за одржување. И додека Tesla продолжува да привлекува внимание со технологијата, германските и јапонските производители остануваат господари на доверливоста и издржливоста – барем според TÜV.


