Opel ја освежи Astra со нов изглед и нова технологија

Освежената Opel Astra добива нов дизајн, со модерен преден изглед, подобрувања во ентериерот и подобрена технологија

Opel ја претстави освежената Astra во хечбек и Sports Tourer изведба, со јасна цел – да покаже дека компактните автомобили сè уште имаат што да понудат во ера доминирана од SUV модели. Фејслифтот доаѓа четири години по лансирањето на актуелната, шеста генерација Astra и треба да ја задржи конкурентноста на моделот во еден од најтешките сегменти на европскиот пазар.

Актуелната Astra, која дебитираше во 2021 година, беше првиот модел што целосно се оддалечи од GM-технологијата и ја прифати Stellantis платформата. Сега, со средноживотниот редизајн, Opel сака дополнително да ја истакне својата компактна ѕвезда, особено во однос на постојано растечката понуда на SUV модели во сопствената гама.

Opel Astra 2026

Нов преден дизајн и Opel Compass светлосен потпис

Најголемите визуелни промени се забележуваат на предниот дел. Препознатливата Opel Vizor маска добива пошироки LED светлосни елементи и осветлено Opel Blitz лого во средината. Производителот овој светлосен потпис го нарекува „Opel Compass“ и најавува дека ќе стане заштитен знак на идните модели. Браникот исто така е редизајниран и добива црни сјајни детали меѓу отворите за воздух, што ѝ дава на Astra поспортски изглед. Страничниот профил и задниот дел остануваат речиси непроменети, но понудата на нови 17 и 18-инчни алуминиумски тркала внесува свежина во целокупниот дизајн.

Opel Astra 2026

Фејслифтот не е резервиран само за хечбек верзијата. Истите промени ги добива и Astra Sports Tourer, која продолжува да игра важна улога во компактната караван класа, заедно со модели како Peugeot 308 SW, VW Golf Variant, Skoda Octavia Combi и Toyota Corolla Touring Sports.

Подобрен ентериер и стандардни Intelli-Seats

Внатрешноста не носи револуционерни промени, но е значително унапредена во однос на удобноста. Ергономските Intelli-Seats, кои досега беа резервирани за повисоките нивоа на опрема, сега стануваат стандардни за сите верзии. Седиштата се изработени од ReNewKnit – рециклиран и рециклабилен материјал – и можат да бидат опремени со повеќестепено греење, електропневматска лумбална поддршка, масажа и мемориски функции. Двата 10-инчни екрани остануваат, но Opel најавува почист и поинтуитивен кориснички интерфејс на инфотејнмент системот.

Opel Astra 2026

Кога станува збор за погонските опции, Opel официјално не навлегува во сите детали, но се очекува понудата да биде идентична со онаа кај освежениот Peugeot 308. Тоа значи 1.5-литарски турбодизел со 129 КС, 1.2-литарски бензински мотор со блага хибридна технологија и 143 КС, како и 1.6-литарски плаг-ин хибрид со комбинирана моќност од 192 КС. Во гамата останува и целосно електричната Astra Electric со 154 КС.

Поголема батерија и поголем досег за Astra Electric

Електричната верзија добива поголема батерија од 58 kWh, со што досегот според WLTP се зголемува за 34 километри и сега изнесува до 454 километри. Новина е и поддршката за V2L (Vehicle-to-Load), што овозможува напојување или полнење на надворешни електрични уреди директно од автомобилот.

Opel Astra 2026

Освежената Opel Astra ќе ја има својата јавна премиера на Саемот за автомобили во Брисел, кој започнува на 9 јануари, пред официјалното појавување на европските пазари. Цените и точниот почеток на продажбата ќе бидат соопштени дополнително. Во меѓувреме, Astra продолжува да се соочува со силна конкуренција предводена од VW Golf и Peugeot 308, но и со модели како Toyota Corolla и Hyundai i30, во сегмент од кој некои традиционални играчи веќе се повлекоа.

Поврзани вести

Back to top button