Kia го претстави новиот Seltos кој стана „мини Sportage“
Kia ја претстави новата генерација на Seltos која пристигнува со зголемени димензии, модерен дизајн, AI инфотејнмент и хибридна опција за првпат во понудата

Kia го претстави новото издание на Seltos, модел кој значително порасна во димензии, прими поостар и поробустен дизајн и внесе модерни технологии во внатрешноста. На официјалниот настан брендот го опиша Seltos како „протагонист“ во своето глобално портфолио, јасно посочувајќи дека автомобилот веќе не е класичен субкомпактен SUV, туку модел со амбиции да му пријде на Sportage. И она што е исто така важно, а за разлика од првата генерација на моделот, Seltos сега ќе се продава и во Европа.

Помодерен, пофутуристички и со оф-роуд детали
Лицето на новиот Seltos е посовремено, со вертикално распоредени поделени светла кои создаваат впечаток на техничка прецизност и футуристички потпис. Главните светлосни елементи се вградени во поширока маска, која е комбинирана со ре-дизајнирана заштитна плоча во Satin Silver, додека профилот јасно ја рефлектира врската со EV5 преку рамните рачки на вратите и обилниот пластичен заштитен слој. На задниот дел доминира продолжен кровен спојлер и нов систем на осветлување што се протега низ целата ширина на вратичката на багажникот, со вертикални продолжетоци во облик на песочен часовник што му даваат попривлечен и драматичен финиш.

GT-Line и X-Line: спорт и авантура во иста палета
Во понудата ќе бидат присутни две јасно издвоени нивоа на опрема: GT-Line со спортски финиши во боја на каросеријата и X-Line со повеќе оф-роуд карактер и затемнети gunmetal детали. Kia, исто така, ги прошири боите со нови нијанси како Iceberg Green, Gravity Gray и Matte Magma Red, за да им даде на купувачите повеќе опции кога станува збор за визуелен израз и карактер.
Чекор поблиску до европскиот Sportage
Новиот Seltos е подолг и поширок од претходникот, со должина од 4.430 милиметри, ширина од 1.830 милиметри и висина од 1.600 милиметри, додека меѓуоскиното растојание сега изнесува 2.690 милиметри. Во пракса тоа значи додадени 45 милиметри во должина и 30 милиметри во ширина, заедно со 60 милиметри повеќе меѓу оските, што директно се рефлектира во поголема просторност за патниците задно и зголемен багажник. Споредено со европската варијанта на Sportage, кој има димензии 4,515 милиметри во должина 1,865 мм ширина и 1,645 висина, како и 2,680 меѓуоскино растојание, Seltos веќе не е толку мал, иако уште ја дели јасната позиција под Sportage, разликата е значително помала отколку порано.

Повеќе технологија и практичност за семејства
Внатрешноста целосно го следи модерниот јазик на Kia, со дигитална инструмент табла составена од два 12,3-инчни екрани и посебен панел за управување со климата. Сликата е чиста и минималистичка, со тенки вентилациони отвори и неколку физички копчиња на централната конзола за основни функции. Инфотејнментот поддржува over-the-air ажурирања и вклучува AI Assistant, додека опционално може да се нарача панорамски кров, head-up дисплеј, премиум аудио систем од Harman Kardon или Bose и 64-нивно амбиентално осветлување. Новиот Seltos нуди повеќе простор за семејства, со задно седиште што може да се навалува и со системот AddGear за монтирање додатоци, а багажниот простор сега изнесува 536 литри благодарение на двоен под и преградни решенија кои ја зголемуваат практичноста.

Новата K3 платформа и подобрена динамика
Под каросеријата, Seltos сега користи обновена K3 платформа која ја делат модели како Niro и K4, како и некои Hyundai модели. Промените во основата го подобруваат структурното ригидитет, изолацијата од бучава и рамнотежата на шасијата, што резултира со потивко и поиспечено возење. Возниот сетап е прилагоден да понуди баланс помеѓу комфорот и еластичноста за постојани потреби на семејствата и за повремени авантуристички излети.
Избор меѓу атмосферски и турбо мотори, со прв хибрид за 2026 година
Достапните моторни опции вклучуваат 2,0-литарски атмосферски бензинец со 147 коњски сили и турбо 1,6-литарец кој во зависност од пазарот развива 178 или 190 коњски сили. Менувачите варираат од шестстепен мануелен до седумстепен DCT и осумстепен автоматик со турбинска спојка, а кај одредени верзии ќе биде достапен и погон на сите тркала со мулти-линк задна суспензија и теренски режими како Snow, Mud и Sand. Првиот хибриден Seltos, кој ќе овозможи и V2L функција и подобрен систем за регенерација, е најавен за 2026 година и ќе биде првиот хибрид во историјата на оваа ознака.

Производство и глобално лансирање
Производството на втората генерација е планирано да почне до крајот на годината, а глобалниот распоред на лансирање започнува во Индија, по што следуваат Јужна Кореја, Северна Америка, Европа и Кина во текот на 2026 година. Американската верзија ќе се појави како модел за 2027 година, што и дава на Kia доволно време да ја прилагоди локалната понуда и опремата спрема различните регулаторни и пазарни барања.
Со поголеми димензии, поизразен дизајн, побогата внатрешна технологија и најавен хибриден погон, новиот Kia Seltos го менува своето место во палетата на брендот. Тој сè уште се позicionура под Sportage, но со намалената големинска разлика и со опцијата за X-Line, Seltos станува привлечна алтернатива за купувачите кои бараат спој на практичност, модерна технологија и премиум амбиент во подостапен пакет.


























