Mercedes додаде нов модел во поставата на CLA

Најновиот додаток во поставата на Mercedes CLA, моделот 220 Hybrid, носи хибриден погон кој ќе нуди до 208 КС моќност и подобра ефикасност

Mercedes-Benz ја проширува понудата на компактната лимузина со новиот CLA 220 Hybrid, кој ќе се продава паралелно со целосно електричната верзија. Надворешно, моделот речиси целосно се поклопува со електричниот CLA, а под хаубата се наоѓа 1,5-литарски турбо бензински мотор со четири цилиндри и висок степен на компресија од 12:1.

Она што е исто така интересно е дека официјално моторот е развиен од страна на инженерите на Mercedes, а кинески извори пренесуваат дека тој ќе биде произведен од компанијата Horse Powertrain (компанија која веќе произведува мотори за други европски и глобални брендови) и дека истиот ќе се произведува во Кина.

Фокус на ефикасност и тивка работа

Бензинскиот агрегат работи по Miller-ов циклус, со алуминиумски блок и специјална Nanoslide обвивка на цилиндрите, наменета за намалување на триењето и зголемување на издржливоста. Дополнително, Mercedes вложил сериозен напор во звучната изолација, со дополнителни изолациски елементи околу моторниот простор, А-столбовите и подот, со цел хибридниот CLA да остане тивок и рафиниран при возење.

Перформанси и електрична поддршка

Бензинскиот мотор е комбиниран со електромотор интегриран во осумстепен менувач со двојна спојка, како и со 48-волтен литиум-јонски батериски пакет со капацитет од 1,3 kWh. Благодарение на оваа конфигурација, автомобилот може да се движи само на електрична енергија при брзини до 96 km/h, а при кочење системот може да рекуперира до 25 kW.

Вкупната системска моќност изнесува 208 коњски сили и 380 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 km/h трае 7,1 секунда, додека максималната брзина е ограничена на 209 km/h. Масата на возилото изнесува 1.630 килограми.

Mercedes-Benz CLA 220 Hybrid

Препознатлив ентериер со мали измени

Во внатрешноста, CLA 220 Hybrid нуди позната атмосфера. Сите верзии доаѓаат стандардно со фиксeн панорамски стаклен покрив, додека како опција е достапен и Superscreen системот со три екрани, 10,25-инчен инструментален дисплеј, 14-инчен инфозабавен екран и дополнителен 14-инчен екран пред совозачот.

Новитет е и редизајнираниот управувач, кој на прв поглед изгледа познат, но сега добива физички ролер за контрола на јачината на звукот и класичен прекинувач за темпомат, наместо претходните целосно хаптички контроли.

Mercedes-Benz CLA 220 Hybrid

Германски имиџ, глобална реалност

Новиот хибриден CLA јасно покажува дека автомобилската индустрија станува сè поглобална, а со овој модел се покажува дека дури и традиционалните германски брендови сè почесто се отвораат кон светот кога станува збор за производство на погонските системи. Така, соработката на бренд како Mercedes-Benz со се повеќе глобални производители јасно укажува на тоа дека границите во модерната авто-индустрија полека се бришат.

Поврзани вести

Back to top button