Нова ера: Alpina заминува во историјата, доаѓа BMW Alpina

Брендот кој беше познат по своите независни преработки на BMW модели во 2022 беше откупена од баварската марка, а сега целосно се инкорпорира во групацијата како независен бренд BMW Alpina

Со почетокот на 2026 година, заврши едно важно поглавје во историјата на Alpina, а започна ново – овојпат целосно под капата на BMW Group. Германскиот производител официјално ја презеде целосната контрола врз брендот Alpina на 1 јануари 2026 година, со што Alpina се редефинира како самостоен бренд во рамките на групацијата BMW.

Иако BMW ја финализираше аквизицијата уште во март 2022 година, транзицијата беше одложена поради петгодишниот договор потпишан во 2020 година, кој ѝ овозможи на Alpina уште неколку години независно работење. Со неговото истекување, започнува нова фаза – BMW Alpina.

Комбинација од перформанси, комфор и ексклузивност

Основната филозофија на новиот бренд BMW Alpina е јасно дефинирана: максимални перформанси, супериорен комфор при возење и препознатливи возни карактеристики. Целта е создавање автомобили кои не се само брзи, туку и исклучително рафинирани, со акцент на тивко возење, стабилност и луксузна атмосфера.

Особено важна улога ќе има персонализацијата. BMW најавува богата палета на bespoke опции, со уникатни материјали, специјални бои, ексклузивни детали и индивидуален пристап кон секој клиент. Со ова, BMW Alpina се позиционира како мост помеѓу класичните BMW модели и ултралуксузниот свет на Rolls-Royce – и по карактер, и по цена, и по ексклузивност.

Нов визуелен идентитет за новото BMW Alpina

Новата ера носи и освежен визуелен идентитет. Идните модели ќе добијат нов BMW Alpina wordmark, поставен централно на задниот дел од возилото. Овој минималистички натпис е инспириран од асиметричното лого на Alpina од 1970-тите години, но со модерен фонт кој јасно ги разликува овие модели од стандардните BMW верзии.

Интересно е што во официјалните најави не се споменува традиционалниот кружен амблем со симболите на гас и коленесто вратило. Иако тој доби редизајн во 2025 година, сè уште не е јасно дали ќе остане дел од идните модели или ќе се користи само на одредени специјални изданија.

Што следува: нови Alpina модели со екстремна моќ

Историски гледано, Alpina нудеше суптилно, но длабоко унапредени верзии на постојните BMW модели – со промени во моторите, суспензијата, ентериерот и дизајнот. Последниот модел од „старата“ Alpina беше лимитираната B8 GT, базирана на 8-Series Gran Coupe.

Според актуелните информации, следната генерација на BMW X7, како и неговата електрична верзија iX7, ќе добијат и Alpina изведба. Се шпекулира за моќност од околу 900 коњски сили, што би ја направило една од најмоќните SUV верзии во историјата на BMW.

BMW Alpina XB7 Manufaktur

Луксузна лимузина како наследник на Alpina B7

Паралелно со SUV моделите, во развој е и нова луксузна лимузина која ќе го наследи местото на некогашната Alpina B7. Новиот модел ќе биде базиран на освежената верзија на BMW 7-Series (G70), а се очекува да пристигне околу средината на 2026 година.

Според неофицијални информации, Alpina верзијата ќе има посебна ознака – G72 – што укажува на подлабоки технички и дизајнерски разлики во однос на стандардната 7-Series.

Флексибилност меѓу бензин и електрика

Во согласност со пошироката стратегија на BMW, идните BMW Alpina модели ќе се нудат со различни погонски решенија. Покрај класичните мотори со внатрешно согорување, во понудата ќе има и целосно електрични изведби, со што брендот ќе може да се прилагоди на различните пазари и регулативи.

Со ова, BMW Alpina не само што ја продолжува традицијата на ексклузивност и перформанси, туку и ја редефинира – подготвена за новата автомобилска ера.

Поврзани вести

Back to top button