Škoda направи специјална Fabia RS, но не е за секого

Škoda одбележува 125 години мотоспорт со специјална Fabia RS Rally2 верзија, наменета исклучиво за рели тимовите

Додека повеќето производители јубилеите ги одбележуваат со специјални налепници и ограничени серии со козметички измени, Škoda одлучи да направи нешто поинакво. По повод 125 години мотоспорт традиција, чешкиот бренд претстави специјален пакет за Fabia RS Rally2, модел кој не е наменет за јавните патишта, туку исклучиво за професионалните рели тимови.

Со ова издание, Škoda уште еднаш ја нагласува својата доминација во WRC2 шампионатот и долгогодишната тркачка историја што започнува уште во 1901 година.

Skoda Fabia RS Rally2 125 Years Anniversary Edition

125 Years пакет со вистински технички унапредувања

Специјалниот „125 Years“ пакет ќе биде стандарден за сите примероци на Škoda Fabia RS Rally2 испорачани во текот на 2026 година. Наместо декоративни детали, пакетот носи реални технички подобрувања наменети за професионална употреба.

Меѓу додатоците се вклучени поликарбонатни задни прозорци, заштитни капаци за подвозјето за чакал и асфалтни сетапи, специјална торба за дополнителни LED светла, заштити за CV зглобови, олеснета електрична инсталација за моторот, ажуриран централен панел и шест магнезиумски OZ бандажи во специјални бои.

Skoda Fabia RS Rally2 125 Years Anniversary Edition

Визуелно, автомобилот го задржува агресивниот wide-body изглед и аеродинамичкиот пакет, но добива нова графика и Dark Chrome Škoda амблем на хаубата. Во ентериерот има комеморативна плочка и „125 Years“ графика на дигиталниот инструмент панел.

Докажан шампион во WRC2

Fabia RS Rally2 дебитираше во 2022 година, а во 2025 доби дополнителни технички унапредувања. Под хаубата се наоѓа 1.6-литарски турбо мотор со 290 КС, поврзан со петстепен секвенцијален менувач и механички диференцијали напред и назад.

Овој модел беше клучен во освојувањето на WRC2 титулите во периодот 2022–2025, продолжувајќи ја успешната приказна по Fabia Rally2 Evo и Fabia R5. Минатата година, автомобилот освои шампионски титули и во европскиот, блискоисточниот и азиско-пацифичкиот рели шампионат.

А што е со патничката Fabia?

Иако рели верзијата гордо го носи RS ознаката, сериската Fabia никогаш не доби вистинска RS изведба. Наместо тоа, Škoda неодамна ја претстави Škoda Fabia 130, која претставува „warm hatch“ алтернатива.

Fabia 130 располага со 1.5-литарски турбо мотор со 175 КС, спуштена суспензија и рекалибриран управувачки систем. Дизајнерските измени вклучуваат преден сплитер, заден спојлер, дифузер, ознаки „130“ и затемнети 18-инчни тркала со црвени сопирачки клешти.

RS кој не можете да го купите за улица

Иако многумина би сакале да видат вистинска Fabia RS за секојдневно возење, актуелната RS значка останува резервирана за рели сцената. Со јубилејното издание, Škoda јасно става до знаење дека нејзиното спортско наследство не е само маркетинг – туку реална, тркачка ДНК која продолжува да освојува титули.

Поврзани вести

Back to top button