Epiq пристигнува, Škoda го откри ентериерот на малиот ЕВ

Чешкиот производител Škoda ги откри првите детали и фотографии од новиот електричен кросовер Epiq, модел кој ќе биде официјално претставен на 19 мај. Станува збор за најевтиниот електричен автомобил во понудата на брендот, но според првите информации, Epiq нема да изгледа како компромисно решение.

Новиот модел е поставен на MEB+ платформата на Volkswagen Group и ќе биде позициониран во сегментот на компактни електрични кросовери, каде ќе им конкурира на модели како Volkswagen ID. Polo и Cupra Raval.

Модерен ентериер со минималистички пристап

Škoda Epiq е првиот сериски модел кој целосно го применува новиот дизајнерски јазик „Modern Solid“. Во кабината доминира хоризонтална архитектура, минималистички изглед и фокус на практичноста.

Пред возачот се наоѓа мал дигитален инструмент панел од 5,3 инчи со хексагонална форма, додека централната позиција ја зазема 13-инчен инфозабавен екран поставен независно над контролната табла.

Skoda Epiq

Под екранот се сместени тенки отвори за вентилација и редица таканаречени „хаптички“ команди, кои комбинираат физички контроли и допирна технологија. Централната конзола е минималистички решена, а во средишниот дел има простор за безжично полнење на паметни телефони.

Škoda посебно нагласува дека во ентериерот се користени одржливи материјали, вклучително и текстил за седиштата изработен од 100 проценти рециклиран PES материјал.

Просторност карактеристична за поголем модел

Иако станува збор за компактен кросовер, Epiq ветува практичност типична за значително поголеми автомобили. Багажникот располага со 475 литри простор, додека со соборување на задните седишта капацитетот расте на 1.344 литри.

Дополнително, амбиенталното осветлување во кабината треба да создаде попријатна и помодерна атмосфера при возење.

Три електрични верзии и автономија до 430 километри

Новиот Epiq ќе биде достапен со три различни погонски конфигурации.

Основната верзија Epiq 35 користи батерија од 38,5 kWh и електромотор со 114 КС и 267 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае околу 11 секунди, а автономијата изнесува до 315 километри.

Средната варијанта Epiq 40 ја користи истата LFP батерија, но со помоќен електромотор од 135 КС. Благодарение на дополнителната моќност, спринтот до 100 km/h се намалува на 9,8 секунди.

На врвот на понудата ќе биде Epiq 55, кој добива поголема NMC батерија од 55 kWh и електромотор со 211 КС и 290 Nm. Оваа верзија забрзува до 100 km/h за 7,4 секунди и достигнува максимална брзина од 160 km/h. Воедно, автономијата достигнува до 430 километри со едно полнење.

Skoda Epiq

Производство во Шпанија и цена од околу 26.000 евра

Производството на Škoda Epiq ќе се одвива во Шпанија, а според претходните најави, почетната цена на европскиот пазар ќе биде околу 26.000 евра.

Со тоа, Epiq ќе биде ценовно поставен на ниво слично на бензинскиот Kamiq, што јасно покажува дека Škoda сака електричната мобилност да ја направи подостапна за поширок круг купувачи.

Поврзани вести

Back to top button