Новиот BMW iX3 пристигна во Македонија: Почеток на новата ера на електричната мобилност

Македонска премиера за новиот iX3 - BMW ја отвора новата ера на електричната мобилност со првиот модел од Neue Klasse

Компанијата М Кар, официјален увозник на BMW за Македонија и Косово, официјално го претстави новиот BMW iX3 пред македонската јавност. Станува збор за првиот сериски модел изграден на целосно новата платформа Neue Klasse, која го означува почетокот на најголемата технолошка трансформација во историјата на BMW.

Со новиот BMW iX3, германскиот производител отвора ново поглавје во електричната мобилност, комбинирајќи напредна технологија, дигитализација, одржливост и препознатливата BMW динамика при возење.

BMW iX3 Македонија

Светски признанија уште пред стартот на продажбата

Уште пред официјално да пристигне на глобалните пазари, BMW iX3 успеа да освои две престижни меѓународни признанија. Моделот беше прогласен за „World Car of the Year 2026“ и „World Electric Vehicle 2026“ на манифестацијата New York International Auto Show, потврдувајќи ја неговата важност во иднината на автомобилската индустрија.

Од компанијата М Кар истакнуваат дека iX3 не претставува само нов SUV модел, туку целосно нова филозофија на BMW.

„Neue Klasse ќе биде основа за повеќе од 40 нови модели и технолошки иновации до 2027 година, означувајќи нова ера за брендот, но со задржаното препознатливо BMW чувство на задоволство при возењето“, изјави Билјана Колемишевска, одговорна за маркетинг комуникации и ПР во М Кар.

До 805 километри автономија и ултрабрзо полнење

Новиот BMW iX3 е базиран на напредна 800-волтна електрична архитектура и шестата генерација на BMW eDrive технологијата. Благодарение на новата генерација батерии, моделот нуди електричен досег до 805 километри според WLTP циклусот.

Една од најголемите предности е можноста за DC полнење со моќност до 400 kW, што овозможува за само 10 минути да се обезбеди дополнителен досег до 372 километри. Ова го позиционира BMW iX3 меѓу најнапредните електрични модели во сегментот.

Нов дизајнерски јазик и футуристички ентериер

BMW iX3 носи комплетно нов визуелен идентитет, со минималистички пристап, чисти линии и монолитен изглед кој ја нагласува технолошката природа на моделот.

Новата вертикална BMW бубрежна решетка, модерната светлосна графика и динамичните пропорции создаваат впечатлив и препознатлив изглед. Во внатрешноста, BMW воведува ново дигитално искуство преку BMW Panoramic iDrive и новиот BMW Operating System X.

Информациите се проектираат директно во природната линија на видик на возачот, овозможувајќи поинтуитивно користење и персонализација на функциите.

„Superbrains“ и Heart of Joy – новата интелигенција на BMW

Една од најзначајните иновации кај BMW iX3 е новата електронска архитектура базирана на четири високо-перформансни компјутери, наречени „superbrains“. Овие централни компјутери управуваат со возењето, инфозабавата, системите за асистенција и останатите клучни функции на возилото.

BMW наведува дека новата архитектура носи дури 20 пати поголема компјутерска моќ во споредба со претходните генерации.

Дополнително, тука е и новиот систем Heart of Joy – централен компјутер за возна динамика кој функционира како „нервен систем“ на возилото. Тој овозможува побрзи реакции, попрецизно управување, подобра координација меѓу системите и поефикасна регенерација при возење.

Според BMW, Heart of Joy работи до 10 пати побрзо од досегашните системи и претставува една од најголемите технолошки иновации на брендот во последните две децении.

BMW iX3 Македонија

Фокус на одржливоста и циркуларната економија

BMW iX3 не носи само технолошки напредок, туку и значително поголем фокус на одржливото производство. Компанијата применува циркуларна економија, намалување на CO₂ емисиите и зголемена употреба на рециклирани и секундарни материјали.

Производството на моделот ќе се одвива во фабриката во Дебрецен, Унгарија, која ќе функционира без употреба на фосилни горива во нормални услови на работа.

Цена за македонскиот пазар

Новиот BMW iX3 50 xDrive веќе е достапен за нарачка во Македонија, со почетна цена од 79.860 евра. Со овој модел, BMW јасно покажува дека иднината на брендот ќе биде електрична, дигитална и технолошки понапредна од кога било досега.

Поврзани вести

Back to top button