Ford Ranger XLT Double Cab 4×4: Дефиниција за сестраност

Пикап возилата одамна не се само алатка за градежни компании, шумарски служби или оф роуд ентузијасти. Современиот купувач денес бара возило кое подеднакво уверливо ќе функционира како работна машина и семеен СУВ, но и како сигурен партнер за авантури надвор од асфалтот. Токму тука моделот Ranger повеќе од една деценија ја гради својата доминација на европскиот пазар каде со актуелната генерација дополнително ја зацврстува својата позиција.

Тестираната верзија претставува исклучително добро избалансиран пакет кој е доволно робустен за сериозна работа, доволно комфорен за секојдневна употреба и повеќе од способен на терени каде повеќето СУВ модели одамна би капитулирале.

Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCi 170HP 4x4 M6 
Дефиниција за сестраност

Смел, самоуверен и практичен

Уште на прв поглед моделот Ranger остава впечаток на возило со силен карактер кој со сигурност нема да ве остави рамнодушни. Неговата надворешност зрачи со специфична комбинација на работна цврстина и современ дизајнерски јазик карактеристичен за возилата на Ford од „Pro“ семејството. Дизајнот е масивен како и самото возило, секој елемент на надворешноста делува цврсто и самоуверено, а воедно визуелно модерно. Големата предна маска и робусните светлосни склопови му даваат технолошки и современ изглед, додека нагласените лакови над тркалата и високата линија на каросеријата дополнително ја потенцираат неговата цврстина.

Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCi 170HP 4x4 M6 
Дефиниција за сестраностКомпанијата Ford очигледно добро ја познава материјата, па затоа додала неколку важни елементи за Ranger да не изгледа само како работна алатка, туку како возило со „lifestyle“ карактер. Од таа причина XLT пакетот носи алуминиумски бандажи, ретровизори и браници во боја на каросеријата, светла за магла и цврсти странични прагови кои успешно ја комбинираат практичноста со естетиката. За возило од овој тип практичната страна останува една од неговите најсилни карактеристики. Оваа „Double Cab“ конфигурација покрај тоа што има четири врати и солиден простор за патниците на задниот дел, поседува и товарниот простор што е сериозно функционален. Со должина од 1.613 мм, ширина од 1.413 мм и носивост до 1.022 килограми, Ranger без проблем ќе прими и транспортира евро палета или пак ќе одговори на секоја професионална задача што ќе му ја поставите.

Кабина која позитивно изненадува

Доволни се само неколку минути зад управувачот за да ви стане јасно дека Ford повеќе не го третира Ranger како строго работно возило, туку како модел кој мора да ги задоволи и возачите што се навикнати на модерни автомобили Дизајнот на ентериерот е комбинација од функционалност и робусна естетика. Масивните рачки, широката централна конзола и крупните команди создаваат чувство на цврстина и издржливост. Предните седишта се широки, комфорни и со многу добра странична поддршка, што особено доаѓа до израз на подолги патувања. Позицијата на седење е висока и доминантна, со одлична прегледност на сите страни.

Кај многу возила од овој тип, задните седишта често претставуваат компромис резервиран за пократки релации, но тука приказната е сосема поинаква. Просторот за нозете е повеќе од солиден, аголот на потпирачот е природен, а самата клупа е доволно удобна и за подолги патувања што дава на знаење дека „Double Cab“ конфигурацијата навистина може да функционира и како семејно возило.

Квалитетот на материјалите е над нивото на конкуренцијата. Горните делови на арматурната табла и вратите користат меки површини пријатни на допир, додека поцврстите пластични облоги во долниот дел се внимателно избрани за да издржат сериозна секојдневна употреба. Токму тука марката покажува дека добро ја разбира суштината на моделот што мора да биде возило кое ќе биде изложено на кал, прашина, разно разни алати и работни услови, но истовремено да не изгледа евтино или пак индустриски грубо.

Арматурната табла изгледа чисто, модерно и дигитализирано. На централниот дел доминира големиот вертикално поставен 10,1 инчен екран, кој практично претставува нервен центар на возилото. Неговата позиционираност потсетува на решенијата што ги користат и некои премиум производители.  Системот од новата SYNC 4 генерација функционира брзо и логично, со интуитивно мени и висока резолуција на приказот. Реакциите на допир се брзи, а графиката е модерна и чиста, додека интеграцијата со Apple CarPlay и Android Auto работи беспрекорно.

Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCi 170HP 4x4 M6 
Дефиниција за сестраност

За разлика од трендовите кои налагаат целосно елиминирање на физичките команди, Ranger задржува одреден број класични копчиња за најважните функции и контролата на возните режими, решение кое е многу попрактично, особено при возење на терен. Интересно е што тука е избегната технолошката пренатрупаност, затоа кабината изгледа модерно, но не делува комплицирано или конфузно за користење.

Двигател кој совршено одговара на карактерот

Кај моделот Ranger постојат многу опции на моторизација, почнувајќи од турбодизел до хибрид па се до моќен бензински агрегат резервиран за изведбата Raptor. Во тестираната верзија работи добро познатиот 2.0 TDCi четирицилиндричен турбодизел мотор со 170 КС и 405 Nm вртежен момент кој преставува основа во номенклатурата. Иако бројките на хартија можеби не звучат спектакуларно во време на електрифицирани перформанси, во реално возење овој агрегат совршено му одговара на карактерот на возилото. Неговиот најсилен адут е испораката на силата при ниски вртежи. Максималниот вртежен момент е достапен уште од 1.750 вртежи во минута,  што особено се чувствува при возење вон асфалтна подлога и претекнувања на отворен пат.

Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCi 170HP 4x4 M6 
Дефиниција за сестраност

Во склопот е приклучен мануелниот шестстепен менувач кој остава многу позитивен впечаток. Прецизен е, со кратки и јасни движења, а степените се добро распоредени и за работа под оптоварување и за подолги патувања. Забрзувањето до 100 км/ч трае околу 11,5 секунди, бројка која е сосема респектабилна за возило со маса од околу 2,3 тони и со ваква намена. Поважно од самото забрзување е чувството на еластичност и резервата на сила во секојдневно возење, а токму таму Ranger остава најдобар впечаток. Потрошувачката во реални услови останува во разумни рамки. Иако постигнатиот просек за време на нашето дружење е за окулу половина литар над фабрички декларираните 8,5 литри на 100 километри, тоа и понатаму е повеќе од прифатливо за возило со вакви димензии, тежина и способности. Однесувањето на асфалтна подлога е изненадувачки цивилизирано.

Управувањето е прецизно, стабилноста на автопат е одлична, а суспензијата успешно ги апсорбира нерамнините без типичната грубост карактеристична за овој тип на возила. Компанијата очигледно вложил сериозна работа во подесување на шасијата, токму од таа причина Ranger се чувствува поблиску до голем СУВ отколку до работен камионет. Но, неговиот вистинскиот карактер се открива надвор од асфалтот. Системот (AWD) за погон на сите тркала располага со режимите 2H, 4H, 4L и блокада на задниот диференцијал кои му овозможуваат сериозни теренски способност, а клиренсот од 230 мм го претвораат во исклучително способно теренско возило кое без најмали потешкотии се движи на теренот со полна самодоверба.

Моделот Ranger во оваа конфигурација комплетно ги руши предрасудите за пикап возилата. Тоа не е само работна машина, туку преставува рафинирана, технолошки напредна платформа со погон на сите тркала и товарен простор чии димензии и носивост ги задоволуваат комерцијалните и рекреативните потреби за секој член од семејството.

Технички податоци за Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCi 170HP 4×4 M6

Цена на тестираниот модел: 44.900 евра (со попуст и ДДВ)

Мотор Euro VId TEMP, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.996 см3
пречник и од –,0 x –,- мм
степен на компресија –,-:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 170 KС (125 kW) при 3.500 min/-1
макс. вртежен момент 405 Нм при 1.750 – 2.500 min-1
Трансмисија на сите тркала преку 6-степен манелен менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, лиснати пружини
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 255/70 R17 (напред) 255/70 R17 (позади)
Каросерија Пикап со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 5.350 x 1.910 x 1.886 мм
меѓуоскино растојание 3.270 мм
траги (напред/назад ) 1.620/1.620 мм
Тежина 2.123 кг
максимална тежина 3.450 кг
Багажник (носивост) 1.100 кг
Резервоар 80 литри
максимална брзина 180 км/ч
забрзување 0-100 км/ч 11.6 секунди
просечна потрошувачка
8,4 л/100 км
емисија на CO2 221 г/км

Ford Ranger во Македонија:

Ford Ranger 2.0 TDCi XLT 4×4 M6 170 HP 51.500 евра
Ford Ranger 2.0 TDCi XLT 4×4 A6 170 HP 53.900 евра
Ford Ranger 2.0 TDCi Limited 4×4 A10 205 HP 62.500 евра
Ford Ranger 2.0 TDCi Wildtrak 4×4 A10 205 HP 64.900 евра
Ford Ranger 2.0 TDCi Raptor 4×4 A10 210 HP 88.900 евра
Ford Ranger 3.0 Petrol Raptor 4×4 A10 293 HP 94.900 евра

Повеќе информации во Гранд Ауто на тел. (2) 30 73 103 или на www.ford.mk

Конкуренти:

Toyota HILUX од 46.499 до 58.999 евра
Isuzu D-Max од 40.356 до 51.684 евра
Volkswagen Amarok од 49.158 до //. /// евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е ДНА КОМУНИКАЦИИ.

Поврзани вести

Back to top button