Тест Renault Clio Techno 1.2 TCe 115 КС M6 Малиот французин со голем карактер

Постојат автомобили кои доаѓаат и си заминуваат, а постојат и автомобили кои дефинираат цела ера. Моделот Clio со сигурност е автомобил од вториот вид. Уште од самото појавување во 1990 година, овој мал „французин“ успева да ги освои срцата на возачите низ цела Европа поради начинот на кој нуди вистинско возачко задоволство во компактно, практично и стилски дотерано пакување кое континуирано еволуираше со генерации. Во период кога многу од конкурентските модели престанаа да се произведуваат или станаа целосно електрични изведби, Clio во најновата иретација оди чекор понапред, креирајќи естетика која е несвојствена за сегментот, унапредувајќи ја технологија во кабината и пред се вградувајќи агрегати кои ги исполнуваат најстрогите европски прописи.

Скулптуран и сензуален
Со претставувањето на шестото издание на Clio, Renault на сите им стави на знаење дека ова не е само освежување, ниту еволуција, туку целосно нова страница во обликувањето на надворешноста. Инспирирани од концептниот автомобилот Embleme, дизајнерите ги менуваат меките, заоблени форми и создаваат остар, технички и скулптуран јазик на дизајн кој ја носи суперспортската естетика во Б сегментот. Резултатот е автомобил кој изгледа значително поголем и поубедлив отколку што реално е.
Предниот дел е најдраматичен. Централниот елемент е истакнатата хексагонална решетка, исполнета со мали ромбоидни елементи кои суптилно создаваат алузија на дијамант, што воедно е и симболот на брендот. Над неа, во крајните горни агли се поставени малите по облик но остри ЛЕД светлосни склопови кои создаваат строг поглед од лицете на Clio. Особено ефектен детал се дневните ЛЕД светла во форма на две загради кои ноќе создаваат единствен и веднаш препознатлив светлосен потпис. Поширокиот облик на предниот браник со изразени воздушни отвори прави да изгледа помоќно отколку што неговата класа обично сугерира.
Страничниот профил е дефиниран со цврсти, прецизно засечени карактерни линии кои ја нагласуваат скулптурата на каросеријата и создаваат игра на светлина и сенка. Покривот има спуштена и динамична линија која создава изразена купе силует. Традиционалните скриени рачки за задните врати се задржани, што во целата слика делува како елегантно решение кое дополнително ја нагласува чистотата на страничниот изглед.
Задниот дел е можеби и најизненадувачкиот елемент на новата генерација. Наместо класичната поврзана светлосна лента која е модерна во последно време, дизајнерите одбрале четири одвоени светлосни склопови, по два од секоја страна. Инспирацијата доаѓа директно од светот на спортските возила, а нивната сложена геометрија на задниот дел му дава технички карактер. Ваквата конфигурација, покрај визуелниот ефект создава илузија на поголема ширина на возилото и одлично коренспондира со обликот на врата од багажникот која над нив се претвора во своевиден спојлер со што дополнително ги нагласува спортските намери на дизајнот и придонесува кон аеродинамичниот профил.
Стил и технологија
Со самото влегување во кабината на новото Clio ќе бидете вистински изненадени, и без оглед на тоа колку пати да сте го виделе на слика, ентериерот во живо успева да импресионира, особено за автомобил во оваа класа. Марката посветила посебно внимание на материјалите во шестата генерација. Арматурната табла е комплетно нова со свежа текстура и нова зрнеста обработка на површините. Патничката страна е покриена со текстилна облога во која е интегрирано амбиентално осветлување со избор на повеќе нијанси, истото осветлување суптилно продолжува и во предните врати.

Седиштата во оваа верзијата нудат добра странична поддршка, а управувачот е позајмен од возилата на брендот кои доаѓаат од повисок сегмент со дополнително поставен Multisense прекинувач за избор на режимите за возење. Задниот ред на седишта е сосема удобно место за двајца возрасни, иако кровот има слегувачка патека. Багажникот поседува зафатнина од 391 литар кој е повеќе од соодветен за габаритите на возилото, воедно неговиот низок праг овозможува полесно внесување на товарот што е многу важен детал во секојдневната употреба.
Централниот елемент на кабината е системот на двојните екрани со големина од 10,1-инчи, ориентирани кон возачот. Левиот е целосно конфигурабилен инструментален панел, а десниот е екранот задолжен на мултимедијалниот систем OpenR Link кој е изграден на Google Automotive Services платформата, со вградени Google Maps, Google Assistant и пристап до над 100 апликации директно преку Play Store, без потреба за поврзување на телефон. Безжичното поврзување со Apple CarPlay и Android Auto доаѓаат како стандард. Физичките копчиња за климатизација се задржани под централните вентилационите отвори, интелигентен компромис кој ги задоволува и оние кои преферираат тактилна контрола.
Права мерка
Под хаубата на нашиот тест примерок се наоѓа 1.2 литарскиот троцилиндричен турбо бензински агрегат, конфигурација која денес е веќе мејнстрим појава во автомобилскиот свет. Во Clio моторот работи одлично и рамномерно, 115 КС можеби не звучи спектакуларно на хартија, но вистинскиот карактер се открива во реалните услови на возења. Клучот е во вртежниот момент, 190 Нм достапни од ниски 1.750 врт/мин му овозможуваат на автомобилот реагира живо и без размислување на секое притискање на педалот, дури и без менување во пониска брзина.

Во град се вози помеѓу 1.500–2.000 врт/мин, со што се добива лесно маневрирање во прометниот хаос низ Скопје и тивка работа на моторот. На отворен пат и при повисоки вртежи моторот го менува карактер, постапно, но убедливо станува пожесток со пријатен звук кој навлегува во кабината и дополнително ја зголемува возачката ангажираноста. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч во 10,3 секунди може да изгледа умерено, но во реалност речиси секогаш се чувствува доволно брзо. Претекнувањето при автопатски брзини не преставува никаков проблем, затоа што моторот поседува резерва на моќ која е повеќе од соодветна за секакви ситуации.

Шест брзинскиот рачен менувач е без сомнение едно од најпозитивните изненадувања. Одот помеѓу брзините е кратко и прецизен, со јасна механичка повратна информација, нешто со кое не можат да се пофалат сите модели во оваа класа. Декларираната просечна потрошувачка од 5,4 Л/100 км е податок кој доаѓа од производителот, во нашите раце Clio во просек трошеше 6,5 Л/100 км, варирајќи меѓу 4,9 литри на автопат и 6,8 литри во градски сообраќај. Брендот Renault традиционално знае како да ја балансира удобноста и динамиката, а исклучок не направен ниту кај новото Clio. Суспензијата е подесена на начин кој ги апсорбира неправилности на градските улици без непотребно прескокнување на каросеријата, а го прави автомобилот добро компониран и на долги дистанци кога од него се очекува удобноста да биде во прв план.
Во свет во кој електрификацијата се погласно тропа на вратата Clio е автомобил кој го преставува реалниот живот, каде секојдневно треба да ве однесе до работа, за викенд да патува до некоја туристичка дестинација, а при тоа не бара да се откажете од стилот, напротив го става во прв план. Бензинскиот агрегат се нуди себеси ако свесен избор со умерена потрошувачки и искрено задоволство во возење. Внатрешноста ги надминува очекувањата, а технологијата е современа без да биде претерана. Затоа слободно ќе кажеме дека моделот Clio е без двоумење еден од најсериозните возила во сегментот, малата легенда во најдобрата форма досега.

Технички податоци за Renault Clio Techno 1.2 TCe 115 КС M6
Цена на тестираниот модел: 22.022 евра
| Мотор | Euro VI, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
| работна зафатнина | 1.199 см3 |
| пречник и од | 75,5 x 89,3 мм |
| степен на компресија | 10,0:1 |
| Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото |
| максимална моќ | 115 KС (84 kW) при 4.350 – 5.500 min/-1 |
| макс. вртежен момент | 190 Нм при 1.750 – 4.000 min-1 |
| Трансмисија | на предни тркала преку 6 степен мануелен менувач |
| Потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад крута оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
| Сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
| Пневматици | 195/60 R16 (напред) 1955/60 R16 (позади) |
| Каросерија | хечбек со пет врати, пет седишта |
| должина х ширина х висина | 4.116 x 1.768 x 1.451 мм |
| меѓуоскино растојание | 2.591 мм |
| траги (напред/назад ) | 1.540/1.503 мм |
| Тежина | 1.155 кг |
| максимална тежина | 1.655 кг |
| Багажник | 391 литри |
| Резервоар | 39 литри |
| максимална брзина | 180 км/ч |
| забрзување 0-100 км/ч | 10.3 секунди |
| просечна потрошувачка | 5,4 л/100 км |
| емисија на CO2 | 114-122 г/км |
Renault Clio во Македонија
| Clio Evolution TCe 115 M6 | 19.862 евра |
| Clio Evolution TCe 115 EDC | 22.262 евра |
| Clio Evolution E-Tech 160 | 27.590 евра |
| Clio Techno TCe 115 M6 | 22.022 евра |
| Clio Techno TCe 115 EDC | 24.374 евра |
| Clio Techno E-Tech 160 | 29.510 евра |
| Clio Esprit Alpine TCe 115 EDC | 26.438 евра |
| Clio Esprite Alpine E-Tech 160 | 32.438 евра |
Повеќе информации во Аутомотив Груп на тел. (02) 27 27 200 или на www.renault.mk
Конкуренти
| Peugeot 208 | од 17.990 до 28.430 евра |
| Suzuki Swift | од 16.990 до 20.690 евра |
| Opel Corsa | од 16.490 до 26.050 евра |
| Skoda Fabia | од 18.390 до 22.550 евра |
| Toyota Yaris | од 21.299 до 32.699 евра |
| Fiat Panda | од 16.990 до 22.190 евра |
| Dacia Sandero | од 17.700 до 20.850 евра |
| MG 3 | од 17.500 до 25.600 евра |
| Citroën C3 | од 15.990 до 22.490 евра |
| Hyundai i20 | од 17.400 до 22.900 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е ДНА КОМУНИКАЦИИ.











































